ЕКРИ во одбрана на човековите права

На 7 мај во Софија дејци на македонските организации од пиринскиот дел на Македонија имаа средба со Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата (ЕКРИ: њњњ.цое.инт/ецри). Делегацијата од македонските дејци беше составена од Иван Сингартијски, претседател на "ОМО - Илинден Пирин", Ботјо Вангелов, претседател на "ОМО-Пирин", додека "Сонце", здружението на исламизираните Македонци, беше претставено од својот претседател, Дамјан Искренов и членот на одборот, Андон Искренов.

Македонските претставници ги запознаа членовите на ЕКРИ со проблемите со кои Македонците се соочуваат во Бугарија во однос на правото за организирање, здружување и бугарското одбивање да им го признаат на Македонците и другите етнички групи правото на малцински статус со своите посебни етникуми, јазици, култури и религии.

Бугарска струја за Македонија

Бугарската национална компанија за електрична енергија ќе почне да испорачува електрична енергија за Македонија и Грција. Врз основа на договорот што порано е потпишан во Македонија и Грција ќе започне извоз на 150 мегавати електрична енергија.

Папантониу и Солана ќе ја посетат Македонија

Грчкиот министер за одбрана, Јанос Папантониу и високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Хавиер Солана ќе престојуваат во Македонија во почетокот на јуни. Целта на посетата е да се запознаат со условите и работата на првата мисија на европските сили за брзо реагирање.

Балкански прирачник по историја

Македонските, албанските и бугарските историчари направиле заеднички прирачник по историја за настаните во трите балкански држави во периодот од 1944 до 2000 година. Македонските историчари велат дека тоа е некласична историја со приказни од секојдневниот живот, со мемоари на познати политичари и на обични граѓани и со споредби во економскиот и социјалниот развој на земјите.

Интерес за бугарските факултети

Околу 150 матуранти од Средното медицинско училиште "Панче Караѓозов" се подготвуваат да се запишат на факултетите во Бугарија. Интересот на учениците за бугарските факултети оваа година е огромен, а причината одамна се знае-поради ограничен број на слободни места на домашните факултети кои без врски и корупција се недостапни за нив.

Меѓународен детски фолклорен фестивал

Во организација на Ансамблот за народни игри и песни "Кочо Рацин" од Скопје започна шестиот Меѓународен детски фолклорен фестивал "Свети Кирил и Методиј". Гости на фестивалот се ансамбли од Унгарија, Србија и Црна Гора, Украина, Турција и Бугарија.

Поврзаност меѓу земунскиот клан и бугарската мафија

Според Бугарското национално радио повикувајќи се на неименувани извори од Министерството за внатрешни работи постојат сериозни докази за поврзаност на земунскиот клан и бугарската мафија во атентатот врз српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ. Според радиото, изворите не ја коментирале информацијата на белградскиот весник "Курир", според која присуството на земунски мафијаши во Софија е поврзано и со убиството на контраверзниот бугарски бизнисмен Илија Павлов.

Во Грција нема САРС

Испитувањата извршени врз јужноафриканската стујардеса која допатува во Атина, кај која пред 10 дена беа откриени можни симптоми на САРС, покажале дека таа не боледува од смртоносната пнеумонија.

Косовските Роми сакаат да живеат во други држави

Околу 700 косовски Роми кои два дена се наоѓаат на македонско-грчката граница. Тие сакаат да заминат од Македонија, но не во Косово затоа што таму ги чекаат уништени домови и целосна неизвесност. Помош бараат од Грција која би можела да им овозможи транспорт и во други држави.

Тензии меѓу Штајнер и косовските Албанци

Цивилниот администратор во Косово, Михаел Штајнер освен со српските власти ги расипа односите и со Албанците во Косово. Австрискиот весник "Пресе" наведува дека тензиите меѓу УНМИК и Албанците дојде откако Демократскиот сојуз на Косово на Ибрахим Ругова, Демократската партија на Хашим Тачи и Сојузот за иднината на Косово Рамуш Харадинеј усвоија резолуција. Со неа тие сакаа војната на ОВК да ја прикажат како оправдана ослободителна војна, што Штајнер ја осуди со образложение дека не е во согласност со одредбите на Резолицијата 1244 на ОН.

Македонски "Ручек" по бугарски рецепт

Филмот "Подгревање на вчерашниот ручек" што е работен според сценарио на македонскиот писател Миле Неделковски, а во режија на Бугаринот Костадин Бонев денес (23 мај) ќе биде прикажан во бугарската Амбасада во Скопје. Филмот ќе биде виден во рамките на манифестацијата "Денови на бугарскиот игран филм". Меѓутоа, државниот секретар во Министерството за култура, Горјан Тозија, изјавил дека "не е фер од бугарската страна да го прикажува филмот во рамките на Денови на бугарскиот филм и тоа во Македонија".


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"