Лични карти во Правда пасоши во МНР

Граѓаните во Македонија во иднина лични документи нема да подигнуваат во полиција, туку во другите министерства. Лични карти и други документи ќе издаваат подрачните единици на Министерството за правда, а издавањето на пасоши ќе биде префрлено во надлежност на Министерството за внатрешни работи.

Тринаесет години затвор за убиство на дете

Основниот суд во Штип му изрече казна затвор во траење од 13 години на Орхан Сулејманов (23) од Штип за убиството на двегодишната Чинер Јусеинова, ќерка на неговата невенчана жена Шерибан Јусеинова.

До септември отказ за 1.100 работници од ЕСМ

Вкупно 1.100 вработени во "Електростопанство на Македонија" ќе бидат отпуштени до септември, одлучил Управниот одбор на компанијата. Ќе се отпуштаат лицата што биле вработени од 1999 година до 2002 година, за време владеењето на претходната власт.

Седумцифрени телефони во Скопје

Фиксните телефонски броеви на претплатниците во Скопје од идниот месец ќе бидат седумцифрени. До крајот на годината се очекува овој процес да заврши во целата земја, до кога треба да биде целосно дигитализирана телефонската мрежа, најавуваат од "Македонски телекомуникации".

Со "Бранковиот закон" само 385 се вработија

Во согласност со Законот за поттикнување на вработувањето, чија практична реализација почна пред две ипол недели, во земјава се вработија нешто повеќе од 385 лица, кои најмалку една година биле под Заводот за вработување.

Изиграни студенти на Филолошки

Околу 150 студенти од втора, трета и четврта година од Филолошкиот факултет "Блаже Конески" во Скопје, кои се запишани во квотата со кофинансирање, заедно со нивните родители протестираа против одлуката на Деканот да продолжат да плаќаат партиципација, бидејќи претходно добиле печат во индексот според кој биле ослободени од плаќање.

Охриѓани против албанска паралелка

Министерот за образование, Азис Положани, деновиве донел одлука од почетокот на новата учебна година во Средното угостителско училиште во Охрид да се отвори паралелка на албански јазик. Изненадени од ова решение, охриѓани најавуваат протести ако министерот не ја повлече одлуката.

Селмани менува директори

Министерот за здравство, Реџеп Селмани, ја разреши директорката на "Градски аптеки" во Скопје, Наташа Василевска - Марковска, и на нејзино место експресно ја постави Соња Тасевска, порано вработена во аптеките.

Смената дојде по препукувањата меѓу "Градски аптеки" и Фондот за здравствено осигурување.

Нов шеф на Бирото за лекови

Ромил Санџаковски, фармацевт од Струга, е именуван за нов директор на Бирото за лекови. Бирото за лекови повеќе од два месеци беше без раководител по разрешувањето на директорот Илчо Захариев.

Во Тетово се роди уште една тројка

Во Тетово минатата сабота се роди уште една тројка, две женски и едно машко. Нив на свет ги донесе Достанка Станковиќ која 13 години немала деца, а таткото Радиша е со намалена работна способност, бидејќи во воените дејствија во 2001 година бил повреден во ногата.


Најголемата камбана во Македонија

На Светиклиментовата црква на Плаошник во Охрид заѕвони најголемата камбана досега поставена на некоја црква во Македонија. Со свечена архиерејска литургија, со која чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски, г.г Стефан, на Плаошник беше поставена и осветена Камбаната на возобновениот Светиклиментов манастир "Св. Пантелејмон".

Новата камбана на Плаошник тежи три тона и е изработена во ливницата во Верона, со 400 години традиција.

На новата камбана што ја донираа Цветан Панделески и Тане Николоски, сопственици на фирмата "ЦИП - продукт" од Охрид, има излеано детали со религиозни теми од Стариот и Новиот завет како и податоци и ликови на ктиторите.

Стојан Кукунешоски


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"