екламите и разноразните
маркетиншки трикови постојано, условно кажано, ги напаѓаат потрошувачите, а
за жал најголеми жртви се токму најмладите потрошувачи. Тргнувајќи од тој
факт, Организацијата на потрошувачите на Македонија промовираше сликовници
наменети за најмладата група потрошувачи, за децата од предучилишна и за
оние од училишна возраст.
Долго време, поточно од нејзиното формирање во 1996 година, ОПМ
интензивно работи на едукација на потрошувачите преку издавање на билтени,
брошури, правни совети и слично. Покрај издавачката дејност, организираме и
семинари, работилници, даваме предлози до надлежните органи за законско
регулирање на правата на потрошувачите, а имаме и инфотеки кои нудат
информации од повеќе области. Преку нив потрошувачите пред да се одлучат да
купат, на пример некој уред за домаќинството, може да дојдат во нашиот
центар и бесплатно да се информираат за производот. Дојдовме до констатација
дека нашето право на избор е лимитирано поради незнаење. Оттука произлезе и
идејата за Проектот за едукација на најмладите, вели претседателката на
ОПМ, госпоѓа Маријана Лончар - Велкова.
"Нашето право на избор е лимитирано од незнаење", Маријана
Лончар – Велкова
Впрочем, оваа Организација настојува да ги информира децата и нивните
родители како најмладиот потрошувач да се однесува во продавница во смисла
да внимава на цената, рокот, квалитетот, фискалната сметка и слично.
Сликовниците се издадени со помош на Светската организација на потрошувачи и
во соработка со Асоцијацијата на просветните работници на Република
Македонија. Но, сепак, ОПМ е прва која во рамките на Светската организација
на потрошувачи издала брошура, сликовница наменета за најмладите.
Сликовниците се сосема адаптирани на возраста на децата преку интересни
едукативни и еколошки примери. Тимот внимавал да не бидат преоптоварени
децата со информации, туку преку игра и забава да се образуваат. Во повеќе
градови во Република Македонија во тек е промоцијата на сликовниците
наменети за децата од предучилишна возраст.
АНАЛИЗА
Според анализите на ОПМ, на едно четиричлено семејство само за еден месец
за правилна исхрана, проценета според нутриционисти, му се потребни околу
11.000 денари. Тоа впрочем е околу 70 отсто од просечните примања на едно
семејство. Останува нејасно како покрај исхраната да се издвојат пари и за
високите сметки. Потрошувачите во последно време се најзасегнати од високите
сметки за телефон, електрична енергија и слично.
Нашата Организација во принцип се бори против сите поскапувања кои уште
повеќе го притискаат потрошувачот. Ние инсистираме да се формираат независни
регулативни тела во рамките на монополските претпријатија кои би ја
регулирале цената. Нивните позиција би требало да биде помоќна, а до 2005
година би требало де факто да не постојат монополите, потенцира
претседателката на ОПМ.
По последните поскапувања од страна на Телекомот, но и на ЕСМ,
Организацијата на потрошувачите на Македонија прави големи напори за да се
регулираат превисоките сметки на граѓаните.
ПАЗАР
Законот за заштита на потрошувачите е исто така резултат на настојувањата
на ОПМ за негово донесување. Во плановите за иднина зацртано е влијанието на
Организацијата и во локалната самоуправа.
Во практиката, економските пазари се предмет на широк дијапазон на
несовршености што е карактеристика и на добро регулираните пазарни економии
и заради тоа тие се постојано под мониторинг со цел да се коригираат.
Сликовница за децата потрошувачи од предучилишна возраст
Сликовница за децата од училишна возраст
Поедноставно кажано, кога зборуваме за недостатоците, овде можеме да ги
наведеме следните: монополите, дури и кога се нарекуваат "природни", особено
оние кои се однесуваат на јавните и на комуналните услуги или на
доминантност на една фирма; рестриктивната практика, како што се договорите
помеѓу повеќе фирми за поделба на пазарот или одржување на цените на
определено ниво, нечесната пазарна практика, како на пример измамничкото
рекламирање, несоодветно декларирање и етикетирање, и слично, констатира
госпоѓа Лончар - Велкова.
Според неа, воспоставувањето на конкурентски пазар треба да му овозможи
на потрошувачот активно да учествува во креирањето на потрошувачката
политика. За таа цел потрошувачите треба да имаат соодветни знаења,
информации за карактеристиките на производите и услугите, да не бидат
изложени на опасни и ризични производи од страна на понудувачите, а
истовремено да се воспостави поедноставен систем на пристап до судовите,
кога потрошувачот е оштетен.
Заедничките напори за подобра и посеопфатна заштита на потрошувачите
преку правната регулатива и преку примена на законите, како и изградбата на
соодветен институционален систем, треба да бидат предмет на една осмислена
Национална програма за заштита на потрошувачите со што ќе се насочиме на
вистински пат во остварување на целите, додава претседателката на ОПМ.