СОЦИЈАЛА

Интер-партиска парламентарна лоби-група за правата на лицата со посебни потреби

ЕДНАКВИ МОЖНОСТИ ЗА ХЕНДИКЕПИРАНИТЕ

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Целта на оваа лоби-група е да се грижи за унапредување и промоција на правата на оваа ранлива категорија граѓани. Групата е составена од претставници на различни области од општествениот живот, локалната самоуправа, невладини организации, меѓународниот фактор итн.
  • Придобивките кои треба да произлезат од работата на ИППЛГ се: унапредување на правата на лицата со хендикеп преку нивно брзо и ефикасно инкорпорирање во законодавниот систем на РМ, прифаќање на рол-модел во македонскиот Парламент дека лобирањето за општополезна работа не е грешно, туку напротив ја промовира работата на Парламентот и ги намалува меѓупартиските опструкции и личната нетрпеливост.

Во Собранието на Република Македонија оваа недела беше промовирана Интер-партиска парламентарна лобигрупа (ИППЛГ) за правата на лицата со посебни потреби. Целта на оваа лоби група е да се грижи за унапредување и промоција на правата на оваа ранлива категорија граѓани.

Групата е составена од претставници на различни области од општествениот живот, локалната самоуправа, невладини организации, меѓународниот фактор итн. Идејата е целокупната заедница да ја помогне работата на ИППЛГ со својата стручност, да даде тежина на лобирањето кон пратениците, но и самата да биде излобирана што е особено важно кога новоусвоените законски решенија ќе треба да се применат во секојдневието. Оваа Интер-партиска парламентарната група ја сочинуваат пратеници од сите парламентарни политички партии кои потпишаа свечена изјава и ветија дека ќе ги штитат правата на лицата со посебни потреби и дека ќе се борат за праведно општество.

Претседателот на Парламентот, Никола Поповски, на промоцијата на оваа парламентарна група изјави дека Собранието на Македонија никогаш не ги заборава проблемите на лицата со посебни потреби, а сега за првпат во четири мандати се формира ваква лоби- група што е нова форма во работењето на законодавниот дом.

ФАЗИ

Хендикепираните лица во оваа држава се на маргините на општеството. Тие се дискриминирани во сите сфери на животот. Трагично е што во Македонија не постои ниту официјална, ниту неофицијална бројка за граѓаните кои имаат посебни потреби. Сепак, користејќи ги податоците на WHO (Светска здравствена организација) во брошурата на ИППЛГ се објаснува дека 10 отсто од популацијата во една држава има некаков вид хендикеп. Ако се претпостави дека пет отсто имаат сериозен хендикеп, тогаш во Македонија има 100.000 соочени со хендикеп. Ако на нив се додадат членовите на семејствата и барем по еден пријател, тогаш многу лесно се доаѓа до бројката од 500.000 луѓе коишто на еден или на друг начин се засегнати од хендикепот.

Кога се зборува за правата на лицата со хендикеп, треба да се има на ум дека станува збор за два вида права: Првиот корпус на права се однесува на општопризнатите човекови права и слободи прокламирани со Декларацијата на Обединетите нации, ратификувани од нашата држава и инкорпорирани во највисокиот правен докумет кај нас - Уставот на РМ. Заложбите на ИППЛГ се насочени кон тоа лицата со хендикеп, без исклучок, да можат да ги уживаат загарантираните права и слободи, да се гарантира нивното активно заживување и конечно да се надминат сите форми на дискриминација и маргинализација по оваа основа. Вториот корпус се однесува на оние други права кои популарно се нарекуваат погодности или бенефиции. Но, овие погодности немаат интенција да им обезбедат некаква супериорност на хендикепираните, туку само да ги изедначат нивните можности, да бидат мал поттик кој ќе им овозможи еднаков пристап и еднакви можности. Придобивките кои треба да произлезат од работата на ИППЛГсе: унапредување на правата на лицата со хендикеп преку нивно брзо и ефикасно инкорпорирање во законодавниот систем на РМ, прифаѓање на рол-модел во македонскиот Парламент дека лобирањето за општополезна работа не е грешно, туку напротив ја промовира работата на Парламентот и ги намалува меѓупартиските опструкции и личната нетрпеливост. Преку работата на ИППЛГ се очекува Македонија во регионални рамки да може да стане лидер меѓу земјите аспиранти за членство во ЕУ - модел за успешно вклучување на оваа група на граѓани кон нормалните животни текови, правна држава која функционира по системот кој е изграден врз правилни вредности. Но, не смее да се заборави и дека 2003 година е европската година на лицата со хендикеп.

ТРАНСПАРЕНТНОСТ

Формирањето на оваа лоби-група е чекор напред во подобрувањето на статусот на оваа категорија граѓани, се разбира доколку претставниците на ИППЛГ ги реализираат ветувањата. Искуството не учи дека досега многу се ветуваше за лицата со посебни потреби, но тие останаа само на хартија.

Лоби-групата ќе биде активна во текот на наредните четири години. Овој Проект се состои од неколку фази. Подготвителната фаза, во која беше предвидено издавање на брошура по повод конституирањето на ИППЛГ е успешно завршена. Во консолидирачката фаза акцентот се става врз градењето и зајакнување на лоби-групата. Пратениците треба да се обучат за механизмите на отворено лобирање, поблиску да се запознаат со ситуацијата во која се наоѓаат лицата со хендикеп и да ги проучат системите на заштита на оваа ранлива група на граѓани во земјите со развиена демократија. Во зрелата фаза е предвидено пристапување кон посериозни законски иницијативи, јавни дебати и наметнување на потребата од донесување на системски закон на правата на лицата со посебен хендикеп. Во извршната фаза напорите се фокусираат кон набљудување на веќе донесените промени, нивно заживување во секојдневието и по потреба адаптирање и усовршување. Донесувањето на системски закон, следење на изборниот процес, регрупирање на ИППЛГ со членови од новиот парламентарен состав е предвидено за излезната фаза. На лицата со хендикеп им треба системски закон кој јасно ќе ја дефинира категоријата на заштита, нивните проблеми, пристапот, начинот и механизмите на решавање. Во споменатата брошура се вели дека системскиот закон е само закон како и сите други, но за разлика од нив, тој не решава ништо, туку само наложува како нешто треба да се реши.

И хендикепираните имаат право на пристоен живот

Звонко Шаврески, од Здружението "Полио плус", од каде што потекна иницијативата за формирање на оваа лоби група, истакна дека транспарентноста на работата на ИППЛГ е нејзината најголема сила. Лоби-групата ќе биде отворена за контакт со граѓаните, а преку својата веб-страничка (www.ipplg.org.mk) им нуди можност на заинтересираните да се запознаат со работата да предложат решенија и да постават директни прашања до сите членови на ИППЛГ.

На промоцијата на ИППЛГ присуствуваа амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Џорџ Едгард, потпретседателот на законодавниот дом, Лилјана Поповска, која е и претседавач на оваа Интер-партиска парламентарна лоби-група, како и претседателката на Хелсиншкиот комитет на Македонија, Мирјана Најчевска.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"