ИНТЕРВЈУ

ПАРЛАМЕНТАРКИ: Цветанка Гашоска, пратеничка во Собранието на Република Македонија

ЖЕНИТЕ ВО ПОЛИТИКАТА МОЖАТ КОЛКУ И МАЖИТЕ

Разговарала: Рената МАТЕСКА

  • Во политиката запловив поради чувството дека треба да & помогнам на болната држава. Сакам да придонесам во зачувувањето на мирот, стабилноста и целовитоста на државата. Сметам дека треба да помогнам во донесување на закони и законски одредби за згрижување на децата, закони за жената, закони за здравството и се друго што ќе допре до мене, онаму кај што можам да придонесам. Мојата цел е да придонесам за изградбата на вистинска законска држава каква што сакаме да бидеме за влез во Европа.
  • "Куќата стои на жената, а не на земја"- изјавил маж, па и политиката може да се потпира на жената. Не ми е воопшто тешко да доаѓам дури од Охрид и да ги исполнувам сите обврски. Редовно доаѓам на сите седници и одговарам на сите ангажмани. Не ми е тешко, бидејќи тоа го правам со љубов и ми причинува задоволство.

МС: Госпоѓо Гашоска, кога е најпогоден момент за вклучување во светот на политиката и какво е Вашето искуство?

ГАШОСКА: Моментот за активно вклучување на жената во политиката не може да се предвиди или да се планира. Тоа зависи од актуелната политичка состојба. Моето активно учество во политиката беше кулминација на целокупниот досегашен ангажман како работник, активен учесник во невладиниот сектор и член на македонската левица. Искуството од работа со луѓе и анимирање на луѓето можеше да ми послужи и ми послужи за мојот ангажман во политиката. Во политиката сум активна подолго време. Од моето членување во поранешниот СКМ, јас продолжив да ја држам левата ориентација. Јас сум среќна барем за себе што сум дел од македонската левица на македонската политичка сцена.

МС: Што сте по професија? Како се случи да запловите во политичките води и на која возраст?

ГАШОСКА: По професија сум лекар. Долги 27 години се грижам за здравјето на луѓето, 20 години во јавното здравство, а последните седум години во својата приватна ординација. Специјалист сум по општа медицина и активно сум вклучена во зачувувањето на здравјето на луѓето. Во политиката запловив поради чувството дека треба да & помогнам на болната држава. Сакам да придонесам во зачувувањето на мирот, стабилноста и целовитоста на државата. Сметам дека треба да помогнам во донесување на закони и законски одредби за згрижување на децата, закони за жената, закони за здравството и се друго што ќе допре до мене, онаму кај што можам да придонесам. Мојата цел е да придонесам за изградбата на вистинска законска држава каква што сакаме да бидеме за влез во Европа. Во 1991 година на мојата 41-годишна возраст, мојата политичка определба беше јасна.

МС: Дали сметате дека жените се рамноправни со мажите и колку Ви е тешко дури од Охрид редовно да доаѓате на собраниските седници?

ГАШОСКА: Жените можат да се носат рамо до рамо со мажите. Покажано и докажано е тоа, како во животот, така и во политиката. Дури јас мислам дека жените можат повеќе од мажите, па и тоа го докажуваат. Жените кои се во политиката не се помалку домаќинки и не се полоши мајки од другите жени, не се ни полоши работнички или пак стопанственички и слично, па не се ни полоши политичарки. "Куќата стои на жената, а не на земја"-изјавил маж, па и политиката може да се потпира на жената. Не ми е воопшто тешко да доаѓам дури од Охрид и да ги исполнувам сите обврски. Редовно доаѓам на сите седници и одговарам на сите ангажмани. Не ми е тешко, бидејќи тоа го правам со љубов и ми причинува задоволство.

МС: Дали досега имавте проблем со фактот дека сте жена во светот на мажите, како што обично се вели за политиката?

ГАШОСКА: Воопшто немам проблем, не се соочувам со тешкотии поради фактот што сум жена, бидејќи многупати досега, па и тоа ми е определба, сум работела и машки работи. Лекарската професија некогаш била само машка. Денес товарот на здравствената дејност го носат и жените. Поделба не се прави на ниедно поле во животот, па ни во политиката. Можеме да се носиме со мажите подеднакво. Не случајно е и законската определба за подеднакво учество и на двата пола во политиката.

МС: Покрај политиката, колку жените - парламентарки оставаат простор и време за своето семејство?

ГАШОСКА: Кога се сака, се се може. Се има време и за семејството, за куќата, за кујната, за децата.Имам време и да бидам добра домаќинка. Имам две ќерки од кои едната е веќе мажена, а другата е студент. Секогаш наоѓам време за разговор со нив, особено за ќерката која е студент на медицина и која има потреба од бодрење и вовед во студиите.

МС: Дали е лесно да се биде мајка - парламентарка?

ГАШОСКА: Моите деца се веќе возрасни, добро воспитани и одговорни, што ме прави многу среќна. Моите деца се и одговорни за себе, за семејството и мене ми се од голема помош. Тоа што се возрасни и веќе ми помагаат, односно не се зависни до толку од мене, не значи и дека се запоставени. Околу мојата кандидатура за пратеник во Собранието на Република Македонија јас најнапред разговарав со ќерките, а нивната поддршка ми значеше потик и елан за работа.

МС: Сепак, од билошки аспект, жената е предодредена да биде мајка. Дали тоа, според Вас, претставува хендикеп во градењето на политичката кариера?

ГАШОСКА: Нема предодреденост кој што ќе биде во животот. Секој во животот го одбира она што му лежи. Пред се жената е мајка. Мајчинството најмногу ја исполнува мајката. Тоа значи дека се сака светот. Мајчинството ме исполнува, ме прави најсреќна, ме тера да работам уште повеќе. Да ги сакаш децата значи да го сакаш животот и светот. Мајчинството не смета во градењето на политичката кариера, тоа влече напред.

МС: Дали Вашето семејство има разбирање и оправдување за Вашите чести политички ангажмани?

ГАШОСКА: Имам разбирање и поддршка од семејството. Покрај ќерките и сопругот, јас морам да ја споменам и поддршката од свекорот и свекрвата кои мислам дека многу придонесоа во сето она што се вика ангажман во семејството за време додека јас сум отсутна. Навистина немам никакви проблеми. Мислам дека имам едно прекрасно семејство кое ме оправдува и ме поддржува во мојата работа и во мојот ангажман во политиката.

МС: Која беше причината поради која се вклучивте во политиката и дали сметате дека може да се биде успешен и во политичката кариера и во градењето хармонично семејство?

ГАШОСКА: Човек не може да остане рамнодушен на сето она што не опкружува. Контактот со моите пациенти ме прави многу посензибилна. Мојата професија е таква што луѓето доаѓајќи кај мене поради здравствени проблеми секогаш споменуваат што е она што ги тишти од секојдневниот живот. Доаѓаат до израз сите недоразбирања, сите празнини што се дел од нашата држава и коишто ја прават болна. Значи мојот ангажман од амбуланта се префрла во Парламент, а целта останува иста-работа за добро на луѓето. Политичкиот ангажман не ми пречи и понатаму да бидам центар во семејството и да ја одржувам неговата хармонија. Впрочем единственото и здраво семејство е клетка на државата.

МС: За жената е својствена и грижата за сопствениот изглед. Како Вие наоѓате време за градењето на својот имиџ?

ГАШОСКА: Сметам дека мојот имиџ е веќе изграден. Јас сум во зрела возраст, работам со луѓе, моите пациенти мора да бидат задоволни не само од стручноста и односот, туку и од изгледот. Тој привлекува или одбива. Настапувам со веќе изграден имиџ, пристоен изглед за кој не ми треба многу време или посебен третман.

МС: Во последниот парламентарен состав имаме 22 жени - парламентарки. На што се должи ваквиот напредок и дали очекувате во иднина да дојдеме до 50 отсто застапеност на жените во оваа законодавна институција?

ГАШОСКА: На овие парламентарни избори се покажа дека жените можат, а сега велам дека жените можат и повеќе. Можеби немаше да биде олкав процентот на жени застапени во политиката, односно Парламентот, ако претходно невладиното женско движење во Македонија не се избореше да стане законска одредбата за учество на жените од 30 отсто. Но, не смееме да се базираме на законски одредби. Јас би сакала да ја достигнеме бројката од 50 отсто застапеност во политиката, мислам Парламентот, но тоа би сакала да се случи спонтано, преку работа и постигнати резултати.

МС: Која би била Вашата порака до жените со амбиции да бидат идни парламентарки?

ГАШОСКА: Мојата порака е нека работат, нека се докажуваат на своите работни места. Тие се критериумите кои ја исфрлаат жената во јавноста. Нека не се плашат од својата политичка определба. Нека не се срамат да ги искажуваат своите политички амбиции и нека се борат женски, со разум!


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"