елсиншкиот комитет во државава
задолжен да ја следи состојбата со човековите права и да интервенира во
нејзиното подобрување, во својот извештај за месецот април се осврнува на
повеќе случаи кога биле повредени овие права. Во извештајот, Комитетот
потсетува на случајот со киднапираните Македонци, потоа ослободувањето на
Кренар Османи, тортурата врз населението од страна на полицијата итн.
Кога станува збор за случајот со киднапираните и исчезнати лица за време
на воениот конфликт во државава во 2001 година, во извештајот на Хелсиншкиот
комитет се вели дека откако предлогот за формирање на владино-парламентарна
комисија не беше реализиран, до оваа институција се обратиле роднините на
12-те киднапирани Македонци од Тетово и Тетовско. Тие упатиле барање да им
се понуди каква било помош и да им се даде каква било информација во врска
со судбината на нивните роднини. Роднините, како што се вели во извештајот
на Хелсиншкиот комитет, имале сознанија дека киднапираните Македонци, или
дел од нив, се наоѓаат во Призрен или Призренско. Меѓутоа, Хелсиншкиот
комитет не можел да добие потврда или негација на ваквите сознанија од МВР,
бидејќи, како што се вели во нивниот извештај, "портпаролката на ова
Министерство ја разбира својата функција на многу оригинален начин".
Поради одбиената соработка од МВР, Хелсиншкиот комитет упатил писмо со
барање - информација до Хелсиншкиот комитет на Косово и предлог за одржување
трилатерален состанок, заедно со претставниците на УНМИК, како и писмо со
барање за информација до Хелсиншкиот комитет на Србија. Хелсиншкиот комитет
за конкретниот случај го потсетува претседателот на Владата и Министерството
за внатрешни работи на неисполнетото ветување уште од 29 ноември дека по 30
дена ќе излезат со конкретни информации за расчистување на случајот.
Хелсиншкиот комитет има сериозни забелешки кон судството
Овој Комитет се осврнува и на случајот "Раштански лозја". Во извештајот
се вели дека откако и по ветениот датум (15.04. 2003) МВР не излезе со
информации за резултатите од работата на посебната комисија за овој случај,
Хелсиншкиот комитет упатил писмо до МВР со потсетување на ветеното во кое
побара што побргу да се закаже и одржи најавената средба меѓу претставниците
на МВР и на Хелсиншкиот комитет, ОБСЕ и ИЦГ.
Хелсиншкиот комитет во извештајот за месец април забележува и еден
куриозитет. Имено, на 14.04. 2003 година Владата донела одлука за донесување
годишна програма за националниот интерес во културата за 2003 година (Сл.
весник на РМ 29/03). Во членот 1 се вели дека "Со оваа Одлука се донесува
Годишната програма за националниот интерес во културата за 2003 година" која
според член 2 влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во "Службен
весник на РМ", а ќе се применува од 1.01. 2003 година".
ПРИСТРАСНОСТ
Кога станува збор за припадниците на албанската етничка заедница,
Хелсиншкиот комитет ја продолжува практиката на одреден степен на
пристрасност. Овој пат станува збор за случајот со Кренар Османи.
Хелсиншкиот комитет, за жал, го поздравува Решението на Апелациониот суд за
укинување на осудителниот дел од пресудата како и Решението на Основниот суд
Скопје1 - Скопје со кое на Кренар Османи му се укина мерката притвор и му се
овозможи да се брани од слобода. Според извештајот на Хелсиншкиот комитет,
во укажувањата на Апелациониот суд е јасно назначено дека првостепениот суд
треба правилно и целосно да утврди дали обвинетиот бил на местото на
настанот како припадник на група која била организирана за вршење на воени
злосторства, како и да го утврди мотивот за преземање на дејствата од што
зависи правната квалификација на кривичното дело кое му се става на товар".
Апелациониот суд јасно укажа дека во описот на кривичното дело што му се
става на товар треба да бидат содржани - наведени конкретни одредби, правила
од меѓународното право што евентуално биле повредени со преземените дејства.
Хелсиншкиот комитет искажува голема загриженост во поглед на почетокот на
ново судење во кое на одбраната не & е доставен новиот изменет обвинителен
акт, и на кое не се следат во потполност укажувањата на Апелациониот суд. За
жал, истиот тој Кренар Османи не чекаше многу за да се активира "од слобода".
Тој беше еден од организаторите на блокадата кај селото Вејце кога
родителите на загинатите бранители имаа намера да го одбележат денот на
загинувањето на самото место.
Хелсиншкиот комитет потсетува и на судењето на Селам Селами, Сафет Белули,
Бејтула Рамадани, Алиљ Усеини. Станува збор за четворица обвинети за сторено
кривично дело - здружување заради непријателска дејност. Главниот претрес за
овој случај бил одложен и овој месец поради немање законски основи за
одржување претрес - првообвинетиот Селам Селами се наоѓа на лекување во
Швајцарија, а за третообвинетиот Бејтула Рамадани, немало обезбедена потврда
за уредна достава, ниту документ дали е достапен за органите на прогонот. Од
четворицата обвинети, според извештајот на Хелсиншкиот комитет, единствено
достапен бил крунскиот сведок Сафет Белилу, затоа што се наоѓа во притвор.
За него Хелсиншкиот комитет бара заштита, бидејќи бил во својство на сведок.
Судењето на Амди Бајрам, Хелсиншкиот комитет го оценува како фер и
непристрасно и не навлегува во содржинските елементи на судењето или
должината на казната.
ТОРТУРА
Хелсиншкиот комитет се осврнува и на нечовечниот однос и полициската
тортура врз Ромите во Куманово. Станува збор за случајот кога две лица од
ромска националност, кај спомен костурницата во овој град, биле претепани од
полицијата. Според сознанијата на Форумот за правата на Ромите АРКА од
Куманово, на овој настан му претходела расправија помеѓу оштетените лица и
чуварот на спомен-костурницата, кој се обидувал да ги избрка, зашто играле
кошарка. Додека, според одговорот на началникот на СВР Куманово, даден по
претставката упатен од Форумот за правата на Ромите АРКА, полицијата
интервенирала по телефонскиот повик на чуварот на спомен-костурницата, дека
лицата од ромска националност го навредуваат и омаловажуваат со вулгарни
зборови.
Хелсиншкиот комитет сметајќи дека има доволно индиции за нечовечен и
дискриминаторски однос по етничка основа, испратил молба до началникот на
СВР Куманово за доставување информации за случајот, но до објавувањето на
извештајот одговор не добиле.
Хелсиншкиот комитет во овој извештај се осврнува и на проблемот со
остварувањето на правото на социјална парична помош. По воведувањето на "новиот
критериум" - електрично броило, Комитетот реагирал до Министерството за труд
и социјална политика, и од државниот секретаријат на ова Министерство добил
уверување дека Министерството упатило известување до центрите за социјална
работа, барањата за социјална помош задолжително да се примаат без разлика
дали се со комплетната документација и приложена сметка за потрошена
електрична енергија. Но, корективните критериуми наведени во одговорот од
Министерството фактички не биле применети.
Оваа институција реагира и на поништувањето на огласите за социјални
станови од страна на Владата. Комитетот смета дека избегнувањето на судовите
да се соочат со овој правен проблем, е најпогрешната порака што тие можат да
им ја испратат на македонските граѓани. Вплеткувајќи се во формални причини
- при тоа префрлајќи ја надлежноста еден на друг - судовите покажале немоќ
да се спротивстават на недопустливото: нееднаквоста на граѓаните наспроти
државата. Оваа институција интервенирала и до Јавното претпријатие за
водовод и канализација да не исклучува цели влезови, само поради тоа што
одредени граѓани не плаќале сметки за вода, по што следел позитивен одговор.
Хелсиншкиот комитет ги поддржува барањата на Здружението на просвета,
култура и уметност "Адексам" за отворање нови паралелки на турски јазик во
основните и средните училишта во согласност со потребите и постојните
закони. Исто така, ја поддржува и иницијативата за формирање на посебни
групи со настава на турски јазик на Штуловиот универзитет, имајќи ги предвид
податоците на "Адексам" дека за тоа има не само потреба (притисокот врз
стотината студенти - етнички Турци да следат настава на албански јазик, иако
не го разбираат), туку и расположиви капацитети.
Хелсиншкиот комитет предупредува на проблемот со странските
"привилегирани" возила кои по примерот на воените возила на НАТО, се
паркирани по тревниците, тротоарите итн. Граѓаните, веројатно чувствувајќи
се немоќни, одат по патот на најслаб отпор "како можат тие, можеме и ние".
Хелсиншкиот комитет апелира возилата со дипломатски таблички да немаат
никаков законски привилегиран режим. Напротив, и за дипломатите постои јасна
определба дека сообраќајните прекршоци не се дел од нивниот имунитет.
Комитетот информира дека конечно е закажано рочиште за случајот членови
на Бордот на Хелсиншкиот комитет против дневниот весник "Вечер" (кривично
дело - клевета), но дека се уште упорно се одолговлекува постапката за
незаконско лишување од слобода во случајот на Беља.
Хелсиншкиот комитет предупредува и на незаконско разрешување на вршители
на должност директори во установи од областа на културата, како и незаконски
распоредувања во Агенцијата за млади и спорт.