ПОЛИТИКА

Кој го турка светот во реална, целосна и скорешна катастрофа (11)

БАЛКАНСКИ ЗЛАТЕН ТРИАГОЛНИК

Пишува: Иван БАБАНОВСКИ

  • Според Извештајот на Интерпол од ноември 1997 година, Албанците од Косово го контролираат најголемиот дел од пазарот со хероин во Швајцарија, Австрија, Германија, Унгарија, Чешката Република, Норвешка, Шведска, Полска и во Белгија, а 15 отсто од сите апсења извршени од страна на Интерпол во врска со дрогата се однесуваат на Албанци.
  • САД покажаа непростлива небудност, дезорганизираност, некоординација, кадровска неоспособеност, многу честа меѓусебна нетрпеливост и нелојалност кон професијата и етичноста во функционирањето со цел попречување на секој вид криминал, а особено терористичка дејност.

Собрани во Атина во мај 1999 година, министрите за внатрешни работи на Унгари-ја, Романија, Албанија, како и високи полициски функционери на Германија, Австрија, Хрватска, Украина, Руската Федерација и Грција заклучиле дека експанзијата на криминалитетот во Европа е резултат на директните последици од војната на Космет.

Се констатирало дека дошло до зголемување на консумација на тешки дроги во регионот и до зголемување на шверцот со оружје. Особено била изразена загриженоста поради создавањето, во соседството на Албанија и Македонија, на вистински криминален бастион управуван од албанската мафија и од нејзиното политичко-вооружено крило - ОВК...

Истовремено, Садако Огата, висок комесар за бегалци при ОН, ги обвинила вооружените групи од регионот дека претвориле делови од Северна Албанија, Македонија и Космет во вистинска "сива зона", во џунгла каде што владее законот на посилниот... Наскоро, доколку албанските националисти, т.е. поранешните членови на терористичката ОВК, успеат да ја создадат "Голема Албанија", оваа зона ќе се прошири во одредени региони во Црна Гора, Македонија, Грција и Бугарија и ќе прерасне во "европски центар на наркотрговијата", оддалечен еден ден патување со автомобил до Париз, или пак еден час патување со авион до Рим.

Овој вистински "балкански златен триаголник" станува партнер на наркопазарот од Авганистан и познатиот "азиски златен триаголник".

АЛБАНСКАТА МАФИЈА

Пишувајќи за албанската мафија, Гзавиер Рофер ќе забележи дека истата дејствува во шест главни сектори на активности: пренесување на илегални емигранти во ЕУ; незаконска трговија - пред се со цигари; проституција; шверц со оружје - украдено за време на немирите во Албанија, во март 1997 година или купено од "Штази" како и од руската и италијанската мафија; шверц со дрога - хероин набавен од Турција и марихуана произведена во Албанија, на Косово и Македонија; рекет земан од косовските бегалци, албанската дијаспора на Запад, особено САД и од неалбанците од Косово... Така, од појавувањето на ОВК во 1996 година, бројот на албанските проститутки секојдневно се зголемува, од Милано до Торино, од Рим до Париз, минувајќи преку Атина, Амстердам, Лион или Брисел... Кога пак станува збор за трговци со дрога, Албанија, Косово и Македонија се исто толку голем проблем за Европа, како што е Авганистан за Азија или пак, Колумбија за Америка. Колку политички проститутки и нарко-зависни политичари во Албанија, БиХ, Хрватска, Косово и Метохија, Македонија, СЦГ, Бугарија, Романија, Грција, но и во САД се на платниот список на албанската мафија ќе прочитате наскоро во новата книга "Албанската мафија ја покори Европа" (со помош на САД). Автори се двајца француски научници. Актуелните содржини носат печат од 31.12. 2002 година.

Под превезот на исламско-муслиманското братство, организираниот криминал остварил тесна соработка помеѓу албанската и турската дијаспора на Балканот. Хероинот од Турција пристигнува во Бугарија и Македонија, а потоа преку Драч и Влора се шверцува во Централна и Западна Европа, па дури и во САД.

За ОНА и ОВК валкани пари од светскиот нарко-бизнис

Според Извештајот на Интерпол од ноември 1997 година, Албанците од Косово го контролираат најголемиот дел од пазарот со хероин во Швајцарија, Австрија, Германија, Унгарија, Чешката Република, Норвешка, Шведска, Полска и во Белгија, а 15 отсто од сите апсења извршени од страна на Интерпол во врска со дрогата се однесуваат на Албанци. Според горе споменатиот извештај на Интерпол, Швајцарија во која живеат околу 200.000 Албанци е еден од главните транзитни центри за трговија со дрога и оружје кон Германија, Австрија, Унгарија и Чешката Република, каде што полицијата се сомнева дека многубројните албански сопственици на бутици за накит вршат перење на пари од недозволена трговија. Лондонскиот весник "Индепендент" пишуваше: албанските мафијаши контролираат 70 отсто од швајцарскиот пазар со хероин, а повеќе од 2.000 Албанци од Косово се наоѓаат во швајцарските затвори поради трговија со наркотици. Ни скандинавските земји не заостануваат на овој план. Познато е дека овој дел од Европа прерасна во прибежиште за албанските криминалци, но и за исламските терористи. Како човек кој го контролираше најголемиот дел од скандинавскиот пазар со дрога, може да го споменеме албанскиот "кум" Принц Доброши, уапсен и осуден во Норвешка на 14 години затворска казна поради трговија со дрога и купување оружје за Косово.

Во Италија, исто така, специјалната полиција за борба против мафијата повеќе пати потврди дека трговијата со хероин се користеше за финансирање на "ослободителната војна" на ОВК. Така, во септември 1998 година, во извештајот за апсењето на двајца Косовци во едно миланско предградие (кај кои биле пронајдени 6 кг чист хероин), судијата ќе напише: "Дилерите продавале хероин за да купат оружје за косовските борци". Во февруари 1999 година е разоткриена мрежа од 36 лица кои оперирале од Драч, Албанија. Во април истата година римскиот печат ги пренесува зборовите на уапсениот албанско-косовски мафијашки бос Ука Хајдари, кој изјавил пред судијата дека тој станал дилер со дрога од патриотски причини.

КОСОВСКИОТ КУМ

Во март 1998 година, една голема акција насловена со "Африка", подготвена од специјалните италијански служби за борба против дрогата, овозможи апсење на дваесетина албанско-косовски мафијаши, како и на стотина италијански, северно-африкански, турски и египетски дилери кои работеле за албанската мафија. Во оваа акција беа запленети 120 килограми чист хероин во вредност од сто милијарди лири.

Овие акции покажаа, пишува Сузана Стамболиска во "Македонско време", дека постои голема поврзаност помеѓу албанските мафијаши блиски до ОВК и италијанските мафии Коза Ностра (семејствата Угоне и Зако) и застрашувачката мафија од Калабрија (клановите Лерино, Скутери, Морабито...). Според зборовите на миланскиот јавен обвинител Франческа Марчели, "Албанците го зазедоа местото на Турците во пренесувањето на дрогата (...), тие се сурови и безмилосни и ги почитуваат строгите правила на организацијата". Косовци се задолжени за складирање на дрогата во Будимпешта, во Братислава и во Софија, каде што се чуваат и по повеќе тони дрога пристигната од Турција. Пазарот со хероин во Милано, меѓу другите, беше контролиран и од косовскиот "кум" Агим Гаши по потекло од Приштина, наречен косовски "Рамбо", уапсен за време на акцијата "Африка". Откако ги поминал сите скалила на организираниот криминал, Гаши стана најголемиот албански "кум" во Европа, поврзувајќи се цврсто со моќните калабриски кланови, и тоа пред се со семејствата Морабито и Доменико Либри. Но, Гаши беше лично вклучен и во вооружената борба на ОВК. Преку египетската мафија присутна во Италија и во Милано, Гаши беше поврзан со исламските терористи на Осама бин Ладен и со египетските фундаменталисти на Гама Исламија, чии многубројни членови учествуваа како доброволци во војните во Босна и во Косово. Со други зборови, Агим Гаши беше точката на спојување помеѓу терористичките групи, исламистите и мафијашите. Така, во рамките на операцијата "Африка", италијанската полиција успеала да сними телефонски разговор помеѓу Гаши и неговиот косовски соработник Умоли, во моментот кога тие се договарале за пренесувањето на една голема пратка дрога во Италија. Овој разговор потоа бил пренесен и во италијанскиот дневен весник "Korriere della Sera" од 10 август 1998 година, како и во американската ревија за стратегиски студии "Defense and Foreighn Affairs" од мај 1999 година:

- Гаши: Знам дека сте во период на Рамазан, но станува збор за итна работа.

- Умоли: Една мафија може да просперира само доколку контролира дијаспора подложна на угнетување и експлоатација.

- Гаши: Мора да разбереш дека...

- Умоли: Во наш интерес е да ги преплавиме овие христијански копилиња со дрога. Ќе ги победиме, ќе ги фрлиме сите во море. Бидејќи Алах е голем...

- Гаши: Треба западните неверници да ги преплавиме со дрога...

Во специјализираните кругови денес веќе никој не се сомнева во тоа дека ОВК беше финансирана од меѓународната трговија со дрога. Во март 1999 година за прв пат беше направена проценка за сумите што ги добила ОВК. Според повеќе западни разузнувачки служби, од буџетот кој изнесувал најмалку 500 милиони евра, повеќе од половината бил добиен од албанско-косовските нарко-дилери. Други опсерватори одат дури и подалеку од тоа: не е ОВК таа што ја користеше албанската мафија, туку меѓународно разгранетата албанска мафија ја искористи ОВК (и нејзините многубројни цивилни тела) како параван за да може полесно да ја придобие албанската дијаспора и да си обезбеди заднинска база и врска со меѓународните политички кругови. Така, прибирањето средства од страна на Косовското национално движење во Германија, како претходник на ОВК, овозможило перење на голема сума пари. Косовскиот национален фронт (друга фасада на ОВК), пак, бил директно задолжен за пренесување на хероинот кон Западна Европа и кон САД. Според германските служби за борба против дрогата, вредноста на наркотиците пренесени секоја година во Западна Европа ја надминува сумата од 2 милијарди евра, при што централна улога во оваа трговија има ОВК.

И сега биди наивен, македонски народе, па поверувај дека во твој интерес е да дозволиш државните институции да не функционираат во одредени региони на твојата територија... Современата држава за одржување на каква-таква безбедносна состојба мора да биде оспособена да ги контролира мафијата и организираниот криминал држејќи ги во подносливи рамки. Инаку, во состојбите какви што се кај нас, не станува збор за држава, туку за инструмент на криминалците од типот на Земунскиот клан.

НА ПОТЕГ Е САД!

Дали единствената светска супер сила е способна да се справи со организираниот криминал?! Нека го покаже тоа на дело, а потоа нека го средува и дисциплинира светот во глобални рамки. Затоа демократската јавност на САД не смее да премине молчешкум преку најсуштинските прашања за безбедноста на американските граѓани и успешноста на функционирањето на државата и нејзините институции. Особено денес кога САД се единствена супер сила и кога врз себе доброволно ја презедоа одговорноста за светскиот мир и натамошниот подем на човековите права и слободи на глобален план.

Специјалните служби и агенции за попречување на сите загрозувања на безбедноста на САД покажаа непростлива небудност, дезорганизираност, некоординација, кадровска неоспособеност, многу честа меѓусебна нетрпеливост и нелојалност кон професијата и етичноста во функционирањето со цел попречување на секој вид криминал, а особено терористичка дејност. За својата неефикасност потрошиле огромни средства од Буџетот на САД кој се полни преку даноците кои им ги празнат џебовите на даночните обврзници. И, како логична и сосема нужна дојде одлуката на претседателот Џорџ В. Буш да предложи реорганизација на безбедносниот систем, но немаше ниту сили, ниту расположба да го проанализира функционирањето на Пентагон. Она што некогаш во разузнувачко-воено-безбедносната заедница беше ЦИА, денес е една лоби-група во Пентагон која ги влече конците на американската внатрешна и надворешно-политичка активност. Нефлексибилноста на воениот врв крајно ги загрози демократските институции на САД и ја води Америка кон неизбежно конфронтирање со остатокот од светот, во прва фаза, а потоа дефинитивно кон внатрешно-политички и воени судири кои ќе ја разорат сојузната држава. Невозможно е да се помират и ускладат воената ароганција и желбата за владеење со граѓанското општество, на Пентагон преку специјалните и тајни служби од една страна и вкоренетата и низ секојдневното практикување, демократска психологија кај американските граѓани. Американскиот сон не може да ги прифати ограничувањата во приватноста кои ќе се обидува да му ги наметне "отуѓената воена моќ". Нешто слично се случи и во минатото кога криминалот и одделни политичари се обиделе да ја претворат САД во држава на организираниот криминал и мафијата. Корупцијата и злосторството беа поразени со демократските средства и методи. Криминалот беше сведен на поднослива мера. Америка ја избори својата слобода и првата честитка ја доби од Европа преку Статуата на слободата. А колку навистина чини војната?!

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"