ни изјави Војо Гогоски, претставник на роднините
на 12-те киднапирани Македонци по повод последните ископувања во Тетовско.
Воениот конфликт, барем навидум, е веќе минато, но последиците, пред се
судбината на протераните Македонци, како и неизвесната судбина на 12-те
киднапирани Македонци, постојано не демнат како лош кошмар. Роднините на
киднапираните Македонци повторно се вознемирени по најновите ископувања во
обид на расветлувањето на судбината на нивните најблиски. Имено, во Тетовско
во тек се пребарувања по евентуална масовна гробница на 12-темина Македонци
кои се водат за исчезнати уште од јули 2001 година.
Роднините во исчекување
Истражувачките екипи на Хашкиот трибунал кои под силно полициско
обезбедување три дена истражуваа по докази во тетовскиот регион, не ги
потврдија добиените сознанија за евентуалното постоење на масовна гробница,
соопшти МВР.
Но, сепак, според МВР, ќе продолжат активностите на теренот. Екипите
истражуваа кај Непроштенска Јурија, овоштарникот помеѓу селата Требош и
Жилче и една локација кај иселеното село Првце.
Два тима на германската полиција со специјално обучени кучиња, како и
осум тимови од локалните власти, полицијата и експерти по судска медицина
вршат пребарувања во реонот на селото Доброште, изјави на почетокот од
активностите на теренот, портпаролот на ОБСЕ, Волфганг Гревен.
При ископувањата и пребарувањата во реонот не биле најдени никакви докази
што би упатувале дека во тој дел се наоѓа масовна гробница. Ископувањата се
базирани на сознанија дека тука лежат телата на 8-мина Македонци. Осум тима
на македонската полиција вршат обезбедување на местата каде што се вршат
ископувањата.
Мирјана Контевска, портпаролката на МВР, вели дека засега нема детали за
ексхумацијата. Истрагата продолжува, а доколку се најдат какви било докази,
за евентуалните резултати треба да се извести МВР.
Екипи на Хашкиот трибунал со градежна механизација и дресирани кучиња
вршат ископување и испитување на теренот на две локации во Тетовско. Првото
ископување е во Непроштенска Јурија од десната страна на патот што од Тетово
води кон планинските села Јадоарце, Отуње и Сетоле на местото каде во 1999
година се наоѓаше кампот на бегалците од Косово, а сега е претворено во дива
депонија.
ЛОКАЦИИ
Пред околу месец и половина во атарот на селото Џепчиште, кое се наоѓа во
близина на местото на кое се вршеа ископувањата, полицијата пронајде човечки
остатоци, завиткани во ќебе и засега околу тој случај нема дополнителни
информации.
Второто ископување се врши на местата на просторот меѓу Требош и Првце,
односно во реонот каде во ноември 2001 година македонските истражни органи
вршеа ископување и беа пронајдени повеќе човечки остатоци, кои беа дадени на
понатамошни истражувања во Институтот за судска медицина во Скопје. Но,
досега не се објавени резултатите од овие испитувања.
Според полициски информации, ископувањата се вршат по барање на Хашкиот
трибунал. И во нив, освен со полициско обезбедување на месностите, не
учествуваат претставници од македонските истражни органи. Ископувањата се
вршат под големо обезбедување на полицијата, која не дозволува пристап на
новинарски екипи до месностите.
Владата нема да прави нови проценки за оштетените куќи
На 13.04. 2003 година во атарот на селото Џепчиште, на местото на кое
селаните го фрлаат шталското ѓубре, биле пронајдени остатоци на човечки труп
во распаѓање завиткани во ќебе, информираше советникот за политички
прашања на МВР, Воислав Зафировски.
Остатоците кои се состоеле од карлица и долни екстремитети на човечко
тело, биле пронајдени во близина на полскиот пат кон Непроштено, недалеку од
местото каде што во ноември 2001 година се вршеа ископувања под сомнение
дека таму има масовна гробница. Екипи од СВР Тетово со заменик-јавен
обвинител, истражен судија и стручно лице од Одделението за судска медицина
при Медицинскиот центар во Тетово извршиле увид на местото на случувањето.
Пронајдените остатоци биле испратени на понатамошни испитување на Институтот
за судска медицина во Скопје.
КОМИСИЈА
Советот за безбедност на 01.03. 2003 година го поддржа предлогот на
министерот за внатрешни работи, Хари Костов, да се формира специјална
владино-парламентарна Комисија која би ја забрзала истрагата за 12-темина
киднапирани и исчезнати Македонци.
Роднините на киднапираните Македонци, кои неколку часа го чекаа епилогот,
по ваквите заклучоци на Советот решија да молчат.
Министерот Хари Костов, пратениците Љубе Бошковски, Г'зим Острени, Али
Ахмети или некои од другите команданти на распуштената ОНА, кои сега се во
собраниските клупи, најверојатно ќе седнат на иста маса како членови на
заедничката владино-собраниска Комисија која ќе работи на откривање на
вистината за 12-темина киднапирани и исчезнати Македонци. Намерата е во ова
заедничко тело да учествуваат претставници на сегашната власт и функционери
од минатата гарнитура, актуелни пратеници.
Министерот Костов пред пратениците изјави дека сите случаи ќе се решаваат
во пакет и дека МВР ќе молчи до целосното затворање на случајот "Киднапирани".
Инаку, при примопредавањето на власта, во архивите на МВР не се
пронајдени документи поврзани со истрагата за киднапираните и исчезнатите.
Истрагата дополнително ја отежнува и противењето на роднините да дадат
примероци на крв за ДНК анализа, за да се утврди дали некои од телата кои се
наоѓаат во Институтот за судска медицина се лицата по кои се трага.
Околу ова, Гогоски ни потврди дека роднините најнапред бараат конкретни
докази, резултати, а дури потоа ќе дадат крв за ДНК анализа.
ПРОЦЕНКИ
Владата нема да формира посебна комисија за нова проценка на штетите на
раселените, но може да го гарантира следното: реконструкција на куќите со
помош на меѓународната заедница, еднократна парична помош за изгубената
покуќнина на семејствата, помош во земјоделството и гаранција за престој во
колективните центри до конечното враќање на раселените во нивните домови,
истакна министерот без ресор, Владо Поповски, по средбата со Одборот на
протераните Македонци и Срби од селата Матејче, Опае, Ропаљце и Думановце
кои уште еднаш побараа безбедно враќање на родните огништа.
Вкупно 408 протерани лица од Кумановско, сместени во колективните центри,
и околу 400 сместени по роднини, бараат да бидат амнестирани или помилувани,
бидејќи се чувствуваат како затвореници во сопствената држава. Од државата
бараат да ги уапси терористичките групи кои ги плачкосуваат и демолираат
обновените куќи и го спречуваат нивното враќање во домовите и на имотите. И
жителите кои се вратиле во селото поради закани, преку ноќ биле евакуирани
од "Килибарните лисици" и ОБСЕ. Поради ова, 27 семејства веќе ги продале
своите имоти. И во село Думановце шест семејства потпишале трипартитен
договор за обнова на куќите и враќање, но и тие повторно се демолирани на 22
април оваа година. Селаните бараат да се пронајдат криминалците кои ги
ограбуваат нивните куќи и да се вратат во родните села за да ја обработуваат
земјата.
Нашата земја ја работи кој сака и кој стигне. Од таа земја треба да
живеат нашите фамилии, велат револтирано протераните селани.
Врз протераните од Матејче и Ропалјце, Агенцијата за реконструкција ИМЈ,
финансирана од Европската унија, врши притисок за потпишување на трипартитни
договори за враќање. Селаните бараат да им се врати покуќнината, тракторите,
механизацијата, живата стока, како и формирање на државна комисија за
проценка на штетите и за обештетување.
ВРАЌАЊЕ
Изнаоѓање начини за забрзување на процесот на враќање на протераните лица
во регионот и потврда на истрајноста на УНХЦР за изнаоѓање трајни решенија
за протераните лица, беше целта на дводневната посета на Македонија на
заменикот на Високиот комесар за бегалци при ОН, Мери Ен Вирш на 10.04. 2003
година.
Среќна сум што дојдов во земја каде најголемиот број на раселени лица се
вратија во своите домови, ја пренесува изјавата на Бирш, Канцеларијата
за односи со јавност при УНХЦР во Скопје.
Заменик-комесарот за бегалци ја поздрави владината одлука за прифаќање на
Предлог-законот за азил што, според неа, значи напредок кој заедно со
Договорот за асоцијација и стабилизација со ЕУ ќе помогне во интеграцијата
на Македонија во европските структури и преостанатите меѓународни
институции, се наведува во соопштението на УНХЦР. Ен Вирш, за време на
посетата на Македонија, го посети и Арачиново каде се сретна со
градоначалникот на ова село, со две семејства - повратници, а ги посети и
протераните лица во еден од колективните центри.