оследните тетовски настани се
логична (природна) последица на подготовките што интензивно ги презема т.н.
Албанска национална армија, а за кои знаеле и разузнувачите во
Министерството за внатрешни работи и на Министерството за одбрана, кои уште
пред два месеца ги предупредиле надлежните раководни структури за можните
импликации од забрзаните антидржавни активности на АНА во овој регион, велат
наши извори блиски до безбедносните сили на Република Македонија.
Во оперативниот извештај се наведува дека уште пред два месеца МВР и МО
подготвиле информација дека во регионот на Тетово биле префрлени 100 членови
на Косовскиот заштитен корпус (КЗК), поранешни членови на ОВК. Тие биле
сместени во приватни куќи на улица "Вардарска" во Тетово при што
логистичарите на АНА се обиделе да набават 100 пара чизми (воени) по
тетовските продавници. Но, овој обид не успеал, велат разузнувачите, чии
информации биле поткрепени со веродостојни вести од теренот. Набргу по ова
истите лица, велат нашите извори, откако не успеале да набават доволен број
на војнички чизми, начуле дека истите можат да ги набават во "ЧИК" од
Куманово. Изворите велат дека структурите на МВР од нив побарале да не ги
продаваат чизмите кои наместо да бидат сместени во кутии, требало да бидат
ставени во вреќа за да можат полесно да се транспортираат на коњи. Дали
дошло до реализација на оваа зделка, изворите од безбедносите структури на
РМ немаат сознанија, но затоа тврдат дека го информирале министерот за
внатрешни работи, Хари Костов, како и министерот за одбрана, Владо Бучковски,
бидејќи според оперативните сознанија искусната терористичка групација која
се калела на Косово и во Македонија се подготвувала за сериозни акции и
постојани нарушувања на јавниот ред и мир. Затоа, велат разузнувачите, им
препорачале на своите раководители да се преземат оперативно-тактички мерки
со кои би се елиминирале нивните дејствија. Но, по се изгледа
предупредувањата што биле наведени во оперативниот извештај на безбедносните
структури не вродиле со плод, туку наишле на "нем ѕид".
Одговор на прашањето зошто навреме не се реагирало треба да дадат
челниците на МВР и МО.
ИНТЕНЗИВИРАЊЕ
Разузнувачите велат дека во истиот оперативен извештај навеле оти во
Кумановско, поточно во село Лојане, се сместени 20 муџахедини кои се бореле
во Пакистан, Авганистан и на други боишта. Тие работат во содејство со
локалните моќници на т.н. АНА, а кои се поранешни членови на ОНА. Но,
бидејќи нивниот албански национален екстремизам и фанатизам ги надминувал
сите нормални граници, ја поддржувале оваа терористичка група нудејќи им
логистичка потпора и заштита. Дел од нив се во постојана комуникација со
своите "соборци" во долината на Прешево, Медвеѓе и Бујановац, бидејќи се
подготвуваат за поширока дестабилизација на регионот. Според разузнувачите,
се чека само заминувањето на руските воени сили што се во рамките на КФОР на
Косово за да се преземат пошироки воени акции со цел да постигнат неколку
ефекти - прогласување на независно Косово, припојување на Прешевската Долина
во која живее албанското насление, како и прекројување на Република
Македонија, односно нејзино уништување.
Од Порој е пукано врз касарната во Тетово
Истите извори тврдат дека сите овие забелешки биле потврдени и од други
странски разузнувачки служби чии информации се поклопувале со вестите
наведени во оперативниот извештај што бил доставен пред два месеца до
раководните структури на МВР и МО. Таквите активности со нешто побрзо темпо
биле забележани пред манифестацијата во селото Слупчане кога поранешните
членови на ОНА им оддадоа почит на загинатите од конфликтот во 2001 година.
Разузнувачите располагаат со информации дека проблемот со образованието на
средношколците во Куманово, всушност е продолжена рака на активностите на
т.н. АНА. Тие го користат натрупаниот повеќегодишен просторен, но пред се
образовен проблем за интензивирање на непријателските дејствија, кои
започнаа уште пред две години со намерна дислокација на албанските
средношколци. Откако по наводните масовни труења не успеале да предизвикаат
посериозна меѓународна реакција, иницијаторите се решиле проблемот да го
вратат назад, бидејќи напластената меѓунационална омраза предизвикана од
конфликот во Кумановско засега сигурно не би ги вратила македонските и
албанските средношколци во исти клупи. Се одело на резервната варијанта -
блокада на патиштата. Со него се покажува вистинската сила на политиката и
ранливоста на македонската држава. Затоа, разузнувачите очекуваат дека
набргу по уцената до државните органи и ресорното Министерство повторно ќе
дојде до комплицирање на состојбите во Кумановско, што впрочем е и желба на
новите јастреби на т.н. АНА.
ПРОЕКТИЛИ
Епилогот од крвавиот меѓунационален тетовски пир е познат - две лица беа
тешко ранети од огнено оружје, а десетици младинци минаа со полесни повреди.
Според очевидците, инцидентите ги предизвикала група матуранти од албанска
националност кои по прославувањето на матурата, под дејство на алкохол,
поминале низ делот од Тетово во кој се наоѓаат кафе-баровите во кои се
собираат Македонци. Групата ги испровоцирала гостите во локалите. По ова
настанала општа тепачка меѓу Македонци и Албанци. Тие почнале да фрлаат
стаклени шишиња и други предмети едни кон други. Веста за инцидентот брзо се
проширила низ тетовската чаршијата, по што почнала масовна тепачка низ
улиците на градот меѓу младинците од двете етнички групи. Во неа учествувале
стотина младинци, а набргу таа прераснала во вооружен инцидент. Во
пукотниците низ толпата биле ранети две лица, од кои едното се здобило со
повреда во градниот кош, а другото во натколеницата. Нередите траеле до
полноќ при што биле демолирани многу угостителски објекти, продавници и
автомобили во центарот на градот. Еден час по масовната тепачка и по
пукотниците, на раскрсницата меѓу улиците "Киро Ристоски - Дрнц" и "Благоја
Тоска", со проектил од рачен ракетен фрлач било погодено оклопно возило "хермелин"
во кое имало шестмина полицајци. За среќа, проектилот завршил во тркалото на
транспортерот и не е повреден ниту еден полицаец од патролата која ја
сочинувале четворица Албанци и двајца Македонци. Околу 4,30 часот истата ноќ
бил извршен терористички напад врз касарната "Кузман Јосифовски - Питу" во
Тетово. Пет проектили испукани од рачен фрлач на гранати, од правец на
селата Дреновец и Порој, паднале пред касарната на АРМ, но не предизвикале
штета. Одговорноста за овој напад ја презеде АНА која во соопштението
објавено на својата Интернет страница наведува дека акцијата била преземена
"за да им се наштети на воените потенцијали на славомакедонската власт, која
се милитаризира секој ден за да врши насилства на државно ниво, геноцид и за
да ги држи под колонизација незаштитените Албанци".
Нападите ги извршија специјални единици на Штабот на дивизијата "Скендербег"
стационирани во селата Дреновец и Порој, пишува во коминикето број 25 на
т.н. АНА, што беше објавено на Интернет.
МИА објави дека соопштението со кое т.н. АНА ја презеде одговорноста за
двата терористички напади во Тетово било нотирано од Скопје. Од последните
десет коминикеа што ги објави АНА, од досега испратените 25, последното и
други четири се со назнака дека се испратени од Скопје. Две се со назнака
Скопје/Приштина, додека едно е од Прешево.
Ситуацијата во регионот е исклучително нестабилна, велат познавачите на
приликите, бидејќи во моментов се кршат копјата на интересите на ЕУ и на САД.
Секоја од инволвираните страни, преку своите разузнувачки служби, се обидува
да поткупи или придобие што повеќе приврзаници за нивното инсталирање и
зацврстување во регионот. Во моментов Албанците, Бугарите и Црногорците се
на страна на Американците, бидејќи одамна се притаени сојузници. Но,
истовремено по убиството на Зоран Ѓинѓиќ, кој беше мошне близок пријател и
приврзаник на германската опција за решавање на балканските, вклучувајќи го
и косовскиот проблем, САД испраќа свои сигнали. Државниот секретар, Колин
Пауел, го посети Белград со една цел - да го задржи регионот, но и
влијанието врз стратешките патишта на Југоисточна Европа. Но, притоа Пауел
им наговестил да се подготват за влегување на Косово по заминувањето на
рускиот мировен контингент. Кој е интересот на Американците да влезат
безбедносните сили на Србија и Црна Гора на Косово? Прво, тие и натаму ќе ги
влечат конците, бидејќи Албанците ќе им бидат сојузници кои ќе бидат
подготвени на се, па дури и на воени дејствија. Но, зад сето ова се крие
начинот на кој ќе се контролираат европските претензии на Балканот кои "Старата
Дама" не може да ги преточи на теренот, бидејќи нема изградена флексибилна
политичка и воена организација. Од друга страна, САД можат етапно да ги
преселуваат своите сили и постојано да ја боцкаат ЕУ која им откажа
послушност при интервенцијата во Ирак.