о 1999 година Македонија одигра
значајна логистичка улога при НАТО интервенцијата во СР Југославија
отстапувајќи речиси се што една земја може да отстапи во смисла на користење
на потенцијалните капацитети од страна на странските сили. Патиштата,
воздушниот простор, виталните објекти на северот од земјата и тоа се на
сметка на државата и граѓаните.
Нејсе. Нашите политички претставници од тоа време се понадеваа на
експресен влез во северноатлантската Алијанса како благодарност од западните
земји за нашата претерана гостољубивост. Но, од сето тоа само се назадивме
во секоја смисла на зборот - и политичка, и економска, и стопанска. Сите
околу нас си ги наплатија фактурите само ние останавме со прстот во уста.
Македонските гарнитури наместо да бидат поучени од историските грешки што ги
направија во минатото и наместо да се обидат да ги поправат во годините кои
стоеја пред нив, тие само ги продлабочуваа и им дозволуваа на големите сили
со својата сервилност да ги остваруваат целите одамна зацртани во
стратегиите за светска доминација.
Тоа како втора епизода ни се случи неодамна за време на воената кампања
на САД и Велика Британија против режимот на Садам Хусеин во Ирак.
Дарежливоста на нашите политички водачи отиде дотаму што се истрчаа
предвреме да го отстапат она што им беше потребно на "сојузниците" во
борбата против тероризмот. Уште пред да стигне барањето од Вашингтон за
македонско учество во антисадамовата коалиција, шефот на македонската држава
без консултации со највисоките државни установи се реши да издејствува
некоја полза од самото инволвирање на нашите сили во коалицијата. И што
добивме од нашата пристрасност во последната светска драма? Наместо награда
или олеснување на македонската позиција во меѓународното општество од
американската администрација, повторно како и вообичаено досега го добивме
спротивното. Перверзна уцена со закана за стопирање на воената помош доколку
не го потпишеме договорот за изземање на американските војници пред
меѓународниот кривичен суд во Хаг. Американската делегација која деновиве
притискаше во земјава за да го прифатиме ултиматумот на Колин Пауел и
неговите административни советници не сакаше да ги земе предвид околностите
во кои Република Македонија се најде минатиот период и нејзината улога која
како мала и немоќна земја ја имаше во справувањето со злото на тероризмот.
Ова беше уште една добра шлаканица по развиените образи на сервилниот Борис
кој од месец во месец не втурнуваше во се поопасни авантури и предизвици. Да
го прашаме каде му се сега пријателите на нашиот Претседател кои честопати
преку Атлантикот го пофалуваа за "нежноста" во справувањето со опасностите,
пријателите кои го отепаа тапкајќи го по рамото за послушноста која ја
покажуваше сиве овие години.
НА ЧИЈА СТРАНА?
Последните случувања околу Меѓународниот кривичен суд најмногу ја
погодија американската доминација во светот која има расплинето свои трупи
речиси на сите континенти проширувајќи го својот модерен неоколонијализам.
Ситуациите во кои американските сили се наоѓаат во моментов не се баш сјајни,
гледано од агол на инциденти и насилства во кои самите се актери. Стравот на
Бушовата администрација дека нејзините војници ќе се најдат пред лицето на
правдата пред судот кој на индиректен начин не е признат од официјален
Вашингтон, ги натера најмоќните на планетата да ја избегнуваат вистината и
правдата. Замислете, на едно место во рамките на НАТО-алијансата работат
војници од различни контингенти - Американци, Полјаци, Чеси, Италијани...
Што доколку едно злосторство заеднички направат Американец и Полјак? Дали
тоа значи дека за злоделото ќе одговара само Полјакот, а Американецот ќе
биде изземен од актот?! Тоа е нон сенс за меѓународното право.
Аргументациите на САД за односот кон Меѓународниот кривичен суд, меѓу
другото се дека Статутот на Меѓународниот кривичен суд има супранационален
карактер и го доведува во прашање суверенитетот на САД, како и потребата од
правна заштита на американски државјани учесници во мировни и хуманитарни
мисии во голем број држави. Во оваа насока се појаснува дека САД не
инсистираат на елементот "неказнивост", туку тоа го регулираат со
билатерални договори во земјите во кои престојуваат. Како друг аргумент кој
го наведуваат САД е потребата од постигнување внатрешна рамнотежа меѓу т.н.
"интервенционисти" и "изолационисти" во Америка. Како и да е, со ваквите
еднострани договори кои Вашингтон им ги наметнува на малите земји од светот
се создава слика на една привилегирана нација која може се да прави, а
притоа за ништо да не одговара. Сега со ваквите кукавички потези на големите
администрации најпогодени ќе бидат земјите од типот на Македонија, Албанија,
Бугарија и некои други екс-социјалистички земји кои се уште се обидуваат да
излезат од периодот на транзицијата и да запловат во помирни води. Меч со
две острици. Кој пат да го избереме за да останеме негибнати и невини од ова
политичко злоупотребување на малолетните демократии?
Ривалството кое владее меѓу американската и европските демократии
најмногу ќе им наштети токму на овие земји кои се уште се немаат докрај
интегрирано во меѓународното семејство на народите. Европските тела од една
страна притискаат за одбивање на таквите унилатерални договори кои Вашингтон
им ги наметнува на државно-правните субјекти и предупредува на опасноста за
одложување на интегрирањето во телата на ЕУ и сродните организации. Од друга
страна, пак, американската администрација заканите ги фокусира на стопирање
на воената помош која е пресудна за скорешното интегрирање на земјите од
западниот Балкан во Северноатлантскиот пакт. Оттука, фактичката состојба е
следна. Доколку Република Македонија го прифати потпишувањето на
билатералниот договор со САД, ризикува забавување на интеграцијата во ЕУ и
паѓање во вода на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Тоа неколкупати
на некои други земји кои се најдоа во идентична ситуација како нашата им го
порача претседателот на европската комисија, Романо Проди. Доколку Република
Македонија, пак, го одбие потпишувањето на таквиот договор, во тој случај на
коцка е ставено нашето полноправно членство во НАТО. Патот е премногу
ризичен како и да се одлучи. За вакви крупни прашања досега претседателот
Трајковски на своја рака одлучуваше и експресно им одговараше на своите
пријатели од Вашингтон без притоа да се консултира со законодавниот дом како
најрелевантен кој решава за прашања од надворешната политика на државата.
Дали овојпат ќе биде поинаку? Дали по неколкуте јавни опомени и
предупредувања од страна на јавноста, Владата и парламентарниот спикер,
Претседателот овојпат ќе се повлече од сервилната позиција на која досега
цврсто стоеше пред меѓународните фактори? Тешко. Особено по неговата средба
со заменикот на Рамсфелд, Пол Волфовиц, кога тој повторно го задржа
проамериканскиот став - се да се прифати што доаѓа од Вашингтон. Но, сепак,
веројатно е дека за ова предизвикувачко прашање топката ќе се префрли во
Парламентот за што пратениците ќе треба да го кажат последниот збор, онака
како што е зацртано во Уставот на Република Македонија. И сето тоа е во ред.
ДИПЛОМАТСКА ЗРЕЛОСТ!
Но, на виделина наскоро ќе се постави уште едно комплексно прашање. Имено,
релациите меѓу претседателот на државата, Борис Трајковски, и премиерот на
владиниот Кабинет, Бранко Црвенковски, досега во неколкумесечното работење
на новите власти не одеа подмачкано како што треба, а кохабитацијата извесен
период беше доведена под знак прашање. Тоа беше карактеристично во неколку
случаи кои пред се имаа надворешно-политички и меѓународен карактер. Еве
сега на сцената се појави уште еден предизвик со кој ќе се испита зрелоста
на водењето на македонската дипломатија. Дали и овојпат Претседателот и
Премиерот ќе имаат различно видување за новонастанатиот проблем? Дали и
овојпат ќе бидеме сведоци на скандали и афери кои ќе му наштетат на
меѓународниот углед на нашата земја? Или, пак, и двајцата контрадикторни
водачи се опаметија по штетата што & ја нанесоа на Македонија по меѓусебните
препирки и земање на работите под свои кормила?
Позициите на Бранко и Борис се јасни. Премирот стандардно влече кон
институциите на Европската унија како најприоритетни за развојот на земјата
и се очекува тој да биде барем извесно време воздржан и резервиран по
најновиот уценувачки ултиматум од страна на американската администрација. Од
друга страна, пак, Претседателот од првиот ден од преземањето на својата
функција во 99-та година е решен доследно да ги спроведува одлуките и
барањата кои му се поставуваат од центрите на моќта во Вашингтон. Значи,
расчекор и по ова најново прашање може да се очекува, само сега засега е
непозната формата во која би се имплицирало несогласувањето.
"Словенија ќе го заземе истиот став како и преостанатите држави од
Европската унија и ќе го отфрли барањето на САД за потпишување спогодба за
неекстрадиција на американски државјани во Меѓународниот кривичен суд",
изјави словенечкиот министер за надворешни работи, Димитриј Рупел.
Ете на каков начин ги решаваат горливите прашања нашите некогашни браќа
од просторите на поранешна Југославија кога станува збор за ултиматуми. Ако
крајната дестинација на сите нам ни е позната, а тоа е ЕУ во Брисел, во тој
случај нема двоумење. Патот од пред неколку години е трасиран и отстапување
од тоа нема. Впрочем, ние како мала земја се бориме за влез во ЕУ, а не за
членство во САД. Најпросто и наједноставно така би звучело. Од друга страна,
пак, со евентуалното потпишување на договорот што од нас го бараат
Американците, би биле соучесници во прикривањето на воени злосторства што
според стандардното меѓународно право е казниво. Притисокот ќе продолжи како
од Вашингтон, така и од Брисел. Ние малите ќе треба да бираме кое зло да го
одбереме, помалото или поголемото. Повторно од нас зависи. Од итрината, од
мудроста и од државноста на нашите политичари. Ќе знаат ли овојпат да се
извлечат од кашата во која многупати досега се наоѓале? Буквално, работите
дојдоа до ќошот. Да се биде или не? Џа или бу?