Влезот во НАТО ќе не чини 152 милиони долари

Реформата на АРМ, што треба да ја одведе Македонија до членство во Алијансата, во наредните пет години ќе ја чини земјата 152 милиони долари. Тоа е процената изнесена во Брисел пред министрите за надворешни работи и за одбрана, Илинка Митрева и Владо Бучковски.

Американска поддршка за Македонија

Премиерот Бранко Црвенковски, на средбата со заменик-секретарот за одбрана на САД, Пол Волфовиц, која се одржа во Скопје, потенцира дека Македонија е длабоко навлезена во реформите на Армијата, како еден од клучните предуслови за приклучување во НАТО.

Волфовиц потенцирал дека Македонија може да смета на поддршката на САД во процесот на евроатлантските интеграции.

Злосторството врз ваташките младинци во Хаг

По повод 60 години од формирањето на Тиквешкиот партизански одред "Добри Даскалов" во Кавадарци, пензионираниот генерал Тодор Атанасовски, потсети на масакрот на 12-те ваташки младинци, на 16 јуни 1943 година, во Моклиште кај Ваташа, и потенцира дека ова злосторство може и треба да се суди пред меѓународниот суд во Хаг.

Недостасуваат пари за јубилејот

Од вкупно 900.000 евра, колку што се потребни за програмските активности предвидени за одбележување на стогодишнината од Илинденското востание, недостасуваат уште 250 илјади евра. Заменичката на министерот за култура и координаторка на Комисијата за маркетинг на Секретаријатот за прослава на јубилејот, Мелпомени Корнети, соопшти дека ако не бидат обезбедени овие средства, планираната програма ќе биде изменета.

Георгиевски почесен претседател на ДПМНЕ

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, одлучи на претстојниот партиски конгрес, кој ќе се одржи на 24 и 25 мај во Охрид, досегашниот лидер на партијата, Љубчо Георгиевски, да биде прогласен за почесен претседател.

Пописната комисија продолжува со работа

Државната пописна комисија по тримесечна пауза ја продолжи својата активност. Новиот директор на Заводот за статистика, Дончо Герасимовски, ја информирал Комисијата дека заради навремено објавување на резултатите, дополнет е бројот на лицата кои ги обработуваат податоците.

Либерализирање на условите за инвестиции

Министерот за економија, Илија Филиповски, најави дека Владата подготвува засилена либерализација и подобрување на инвестициската клима во земјава. За таа цел, како што изјави Филиповски, се подготвува проект за измена на 72 законски прописи во различни институционални сфери.

Пријава против Даравелски

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против Драган Даравелски, поранешен директор на Царинската управа и против тогашниот раководител на Секторот, Киро Доцевски, во која сомничи за проневера на 2,3 милиони евра. Двајцата се товарат за сторени кривични дела злоупотреба на службена должност и овластување и фалсификување службени исправи.

Поевтини бензинот

Нафтатата и нафтените деривати, со одлука на Владата, од вторникот се продаваат поевтино во просек за околу 5 денари. Малопродажните цени на нафтените производи се намалени за 12,65 отсто. Обичниот бензин наместо 53,50 денари ќе се продава за 48 денари по литар. Литар "супер 98" ќе чини 49,50 наместо досегашните 55 денари. Безоловниот бензин наместо по 52 денари ќе се продава по 46,50 денари за литар.

Грците не ги почитуваат македонските закони

Сопствениците на ОКТА, грчки "ЕЛ.П. ЕТ - Балканике", како што информира Министерството за економија, одбиле да го прифатат владиниот предлог за изменување на Договорот за купопродажба на акциите и за концесија на ОКТА. Македонската страна, на преговорите на мешовитата комисија, потенцирала дека на неодамнешната средба во Скопје, грчкиот министер за развој, Апостолос Атанасиос Цохаѕопулос, изјавил оти инвеститорот мора да ги почитува законите и Уставот на земјата во која инвестирал, но грчките преговарачи, се однесувале како изјавата на Цохаѕопулос никогаш да не била дадена.

Науката вели дека политичарите лажат

Во студијата што беше презентирана во британскиот "Обсервер", политичкиот истражувач Глен Њуи од Универзитетот во Стречклајд, заклучува дека лажењето има значајна улога во политиката на современата демократија. Тој за весникот изјавил дека политичарите треба да бидат поискрени во однос на лажењето.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"