Георгиевски во Охрид го напушта лидерскиот престол, но од дебела ладовина,
притаено ќе демне и ќе ја чека својата идна прилика за политичко
воскреснување. Во меѓувреме, со кредибилитетот што го стекна од своето
почесно претседателско место во ВМРО-ДПМНЕ ќе ја контролира партијата и ќе
има можност да ги набљудува внатрепартиските раздвижувања. Неговата
политичка ера имаше подеми и падови, но сепак од сиромашен "делчевски
војвода" си заминува побогат за.... милионски износи.
Токму затоа, во овој миг најактуелно ќе биде прашањето - дали сегашната
актуелна власт, поточно премиерот Бранко Црвенковски, ќе собере храброст да
го прибере во затвор и да ги врати украдените пари? Меѓутоа, веднаш се
наметнува дилемата дали неговото најавено заминување од пресветлата столица
е всушност договорена работа меѓу Премиерот и меѓународната заедница. На тој
начин и волкот ќе остане сит и овците ќе бидат на број.
Но, простиот народ, рајата што го следи секој негов чекор и натаму ќе го
сака, бидејќи слабее популарноста на владејачката коалиција. Затоа тој не си
оди...., туку ја контролира ситуацијата. Во прилог на ова е враќањето на
Доста Димовска во Партијата, која отсекогаш била негов патрон, столб без кој
не можеше и не може да дише. Заедно прегрмеа многу работи. Го исфрлија Борис
Змејковски, кумот што му го чува капутчето, а го шутнаа и Борис Стојменов,
кој долго време беше нивни мецена и ги држеше на платниот список на
Компанијата "БС".
НЕИЗВЕСНОСТ
Ако контроверзниот Љубчо Георгиевски, кој во ниту еден миг јавно не се
откажа од врховистичките елементи во Партијата, влегува во политичката
историја, што му останува на идниот кормилар!? Освен хаос во редовите и
борба за политичко рехабилитирање во Република Македонија. Меѓутоа, таа ќе
биде тешка и макотрпна, бидејќи во името на Георгиевски половината од
поранешните истакнати членови се во апс, а одредени партиски моќници се во
бегство.
На "виновникот" кој оди... или заминува во илегала, ни влакно не му фали.
Удобно ги смести и намести партиските полтрони. Сега некој друг треба да се
вади од белјата. Дали тоа ќе биде успешниот банкар и поранешен министер за
финансии, Никола Груевски, или поранешниот министер за земјоделство, Марјан
Ѓорчев, чии организаторски способности се докажани? Тоа ќе се дознае по
конгресот во градот на Самоиловата држава, Охрид. Ако пред него се знаеше
дека Марјан Ѓорчев отсекогаш имал притаени аспирации за лидерската позиција,
за Никола Груевски тоа е морална и етичка одговорност кон Партијата која му
овозможи брза и метеорска слава.
Битката ќе биде неизвесна, иако меѓу делегатите се крчка предноста на
Груевски кој ја ужива поддршката на Георгиевски, подмладокот и меѓународната
заедница. Сепак, кој и да победи ќе има тешка задача, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ се
наоѓа на крстосница. Таа мора да се реши дали ќе ја продолжи зацртаната
националистичка традиција или ќе се реформира во граѓанска партија.
ДИРИГИРАЊЕТО
Партиската разрешница на ВМРО-ДПМНЕ нема да биде во Охрид, бидејќи и
натаму останува енигмата, што ќе прави "харизматичниот" Љубчо Георгиевски?
Дали тој со својата слава ќе ја засени лидерската позиција на неговиот
наследник или постојано ќе му се меша во водењето и раководењето на
структурите во Партијата?
Сенката тешко дека ќе биде избришана, бидејќи "војводата" умееше да го
запали членството и знаеше да ги убеди приврзаниците во патот што го
трасираше. Проблемот е во тоа што секој диригент тешко се простува од
стекнатата привлечна позиција, бидејќи ако некој е навикнат апсолутистички и
диктаторски да диригира и да се однесува, нема така лесно да ја предаде
палката.
Во секој случај новиот претседател на Партијата ќе има многу тешка задача.
Ќе треба да се соочи со старите кадри кои ќе му прават сопки, бидејќи
сигурно нема да сакаат да се откажат од стекнатите привилегии, а истовремено
ќе мора да се бори и против Георгиевски и неговата аспирација и натаму да ја
води Партијата.
Ако ова последново е замислено сценарио, најверојатно иднината на
ВМРО-ДПМНЕ, нејзината перспектива е многу лоша. Лигавењето на лидерот од
сенка ќе биде евидентно што отвора простор за маркетиншки напад од страна на
СДСМ. Затоа во најлош случај ќе загуби Партијата која по парламентарните
избори тоне во депресија. Нејзиното опстојување сега зависи од лошата
економска политика на Коалицијата "За Македонија заедно".
РЕИНКАРНАЦИЈА
Во овој миг положбата на ВМРО-ДПМНЕ многу е чувствителна. Треба - да се
биде или не!? Треба ли да се одбере меѓу Георгиевски или другиот, без
разлика кој ќе биде. Но, сепак, меѓу плимата и осеката постои шанса
Партијата да ја надмине својата криза. Таа не постои само за Георгиевски,
тука за македонскиот народ и неговата држава. Се разбира, ако повеќето од
досегашните раководители дозволат да победи македонската опција, бидејќи
врховистичките елементи до сега беа многу силни и влијателни во раководната
структура на ДПМНЕ. Нивниот сојуз со големиот лидер беше евидентен и
препознатлив. Затоа многу ќе биде опасна положбата на Пратијата, ако
делегатите бидат надмудрени и всушност гласаат за реинкарнацијата на
Георгиевски. Тој ќе има чевли "бос" на нозете, но народот ќе остане бос и
сиромашен. Така угол соголен народот се чувствувал многу пати во крвавата
историја, но неговото четиригодишно владение од 1998 до 2002 година не
памети такво фијаско. Што здогледа неговото лакомо око, тоа го прибра во
своето чекмеџе, а бидејќи окото ненаситно останува и натаму жедно да гледа
од високо, тогаш тоа нема на ова да застане. Ќе го дотолчи и она што
останало. Затоа, на конгресот во Охрид ќе треба многу да се внимава, бидејќи
ако по некакво доброобмислено сценарио повторно биде реизбран со акламација
Георгиевски, тогаш Господ нека му е на помош на бројното чесно членство на
ВМРО-ДПМНЕ.