СПОРТ

Клубски "игри без граници" на зелените терени во државава

ПРВЕНСТВОТО Е НАМЕСТЕНО, АМА... ПРОДОЛЖУВА

Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ

  • Имаме првенство кое го организираат клубовите и првенство кое е наместено од страна на клубовите. Значи, во Македонија се е можно и дозволиво. Сите велат дека првенството е наместено, ама тоа си продолжува како ништо да не се случило.
  • Во една ваква незавидна ситуација - угоре високо, удолу длабоко - се слушна една идеја која, ако се анализираат сите факти, не е ни толку лоша. Идејата која е предложена од некои од клубовите е првенството да се прекине сега, а в година да се почне првенство во кое би настапувале играчи исклучиво до 20 години.

Во македонскиот фудбал ништо ново. Таман помисливме дека нешто ќе се придвижи напред со новото раководство кое ветуваше многу работи, таман помисливме дека со новоформираната Унија на прволигаши ќе имаме за прв пат едно регуларно првенство каде што ќе нема "на ти - дај ми" бодови, кога останавме шокирани од изјавите на самите прволигаши кои гласеа дека сите знаат оти првенството е - наместено.

Имено, на една седница во телата на Фудбалската федерација на Македонија, каде што имаше присутни и претставници на прволигашите, се слушна нешто што досега беше јавна тајна и сите го знаевме само што јавно никој (барем досега) го немаше кажано - првенството е наместено.

Нема моќ да ги среди состојбите - Харалампие Хаџиристески

Ваква шокантна изјава дадоа претставниците на дури шест прволигаши. Тоа значи дека повеќе од половина клубови кои се натпреваруваат во нашата "најквалитетна" прва лига признаваат дека токму таа лига каде што тие се натпреваруваат е наместена и дека однапред се знае кој ќе биде првак и кој ќе отпадне, па дури и дека секој си знае колку бодови му следуваат и колку бодови ќе има на крајот. Значи, почитувани вљубеници во фудбалот и во натпреварувачкиот спортски дух и сите оние кои имавте верба во иднината на мак-фудбалот, од ваквите изјави на релевантни авторитети во фудбалот во Македонија, пардон, од самите претставници на клубовите (значи од тие кои најдобро ги знаат работите) дознавме дека во мак-фудбалот се е пазар.

Е, па, господа претставници од клубовите и сите вие што кукате и што кажувате дека првенството е наместено, се прашувате ли кој го мести првенството, кој ги прави преговорите за продавање на бодови, кој шитка натпревари, кој потпишува записници, ако не самите вие!!! Да не нешто не ви излегол пазарот или некој излегол поербап од другиот во пазарењето, па сега почнавте да кажувате дека се е наместено!!!

ЗАПИСНИЦИ

Кога беше повикан претседателот на македонската Фудбалска федерација, Харалампие Хаџиристески, да даде одговор на наводите изнесени од страна на претставниците на прволигашите и кога беше барано да се превземат мерки со што би влегол во историјата како претседател кој донел ред во македонскиот фудбал, тој одговори дека нема апсолутно никаква моќ да стори нешто околу вака изнесените наводи, затоа што нема никаква помош токму од клубовите кои ги изнесуваат овие срамни факти, бидејќи во записниците кои се потпишани токму од тие луѓе, се е регуларно. Затоа претседателот побара поголема координација помеѓу клубовите и Федерацијата, а исто така побара и поголема агилност од самата новоформирана Унија на прволигаши затоа што таа официјално сега е организатор на првенството и таа одговара за секоја нерегуларност што ќе се појави.

Значи, имаме првенство кое го организираат клубовите и првенство кое е наместено од страна на клубовите. Значи, во Македонија се е можно и дозволиво. Сите велат дека првенството е наместено, ама тоа си продолжува како ништо да не се случило.

ПРЕКИН

Во една ваква незавидна ситуација - угоре високо, удолу длабоко - се слушна една идеја која, ако се анализираат сите факти, не е ни толку лоша. Идејата која е предложена од некои од клубовите е првенството да се прекине сега, а в година да се почне првенство во кое би настапувале играчи исклучиво до 20 години. Ова според предлагачите би ја запрело сегашната трагикомична ситуација во мак-фудбалот и би овозможило градење на првенство и играчи кои нема да бидат измамени од феноменот на шиткањето.

Ќе ја "нагази" ли некој топката?

Ако се разгледаат состојбите во мак-фудбалот кога претседател на клуб го тепа судијата, кога клуб кој се бори за шампионска титула ги суспендира своите најдобри играчи поради сомнение дека ја продале својата екипа и самиот натпревар, ако се земе предвид дека тие играчи се репрезентативци и ако се земе предвид дека чаршијата ги знае резултатите на натпреварите дури и пред тие да се изиграат и ги напушта стадионите по дваесеттата минута затоа што не може да ги гледа балетаните од фудбалери како нешто симулираат и глумат лошо на теренот и како... и како...., тогаш можеби и не е лошо да се подразмисли и за идејата за итен прекин на првенството и почнување на ново со млади играчи.

Јасно е само едно - црно му се пишува на македонскиот фудбал!


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"