|
СВЕДОШТВА
Историјата не е само минато
Житијата на сите досега познати македонски светители (2)
АПОСТОЛКА НА МОНАШКАТА ЗАЕДНИЦА
Пишува: Александар ДОНСКИ
- Во жититето на света Синклитикија јасно пишува дека потекнувала од
македонската земја.
- Света Синклитикија живеела и дејствувала во македонско-египетскиот
град Александрија.
О војпат ќе пишуваме за животот и
дејноста на Македонката света Синклитикија (270 - 350 година). Нејзиниот
празник се слави на 5 јануари (стар стил), односно на 18 јануари (нов стил).
За животот на света Синклитикија постојат повеќе податоци благодарение на
свети Атанасие Велики (293 - 373 година), кој го запишал нејзиното житие.
Ова житие е застапено во книгата со негови дела објавена во Мигна 1488
година. Посебна вредност во ова житие имаат зачуваните мудри мисли и поуки
што света Синклитикија ги упатувала до христијаните, од кои некои ќе
наведеме во продолжение. Света Синклитикија била основателка на првата
монашка заедница во 4 век. Свети Атанасие бил толку восхитен од она што го
знаел за Христољубието на света Синклитикија што решил сето тоа да го запише.
Податоците за нејзиниот живот тој ги запишувал од она што го слушал од
другите, но и како резултат на неговото лично познатство со света
Синклитикија (која била 23 години постара од него и за која се смета дека го
криела свети Атанасие за време на еден од неговите прогони, за што ќе
пишуваме во неговото житие). Во врска со причините што го навеле да го
запише житието на света Синклитикија, свети Атанасие пишува:
"Ние, следејќи го според својата моќ она што се однесува до личноста
на блажената Синклитикија и слушајќи по нешто од нејзините врсници во врска
со нејзиниот прв живот и просветувајќи се донекаде од овие податоци, решивме
да го запишеме ова, собирајќи за себе спасоносна духовна храна ".
МАКЕДОНСКОТО ПОТЕКЛО НА СВЕТА СИНКЛИТИКИЈА
Во продолжение на нејзиното житие свети Атанасие ја споменува Македонија
како земја на нејзиното потекло. Тој пишува дека семејството на света
Синклитикија се преселило од Македонија во египетскиот град Александрија,
кој бил основан од Александар Македонски. Во житието читаме:
"Оваа света именичка на небесниот совет потекнуваше од македонската
земја. Нејзините предци, откако слушнале за Богољубието и Христољубието на
Александријците, тргнале од Македонија во градот на Александар Македонецот.
Откако стигнале во земјата александриска, виделе дека стварноста таму е
многу подобра отколку што се зборувало и затоа со радост останале таму да
живеат. Но, тие не се радувале на многубројниот народ, ниту на големината на
тамошните градби, туку се радувале затоа што таму нашле цврста и единствена
вера, заедно со искрена љубов, па затоа својата нова татковина ја ставиле
пред првата ".
Во продолжение свети Атанасие пишува за нејзиното семејство. Света
Синклитикија имала уште една сестра и двајца браќа, но едниот брат умрел
како дете, а другиот на 25 годишна возраст, непосредно пред својата свадба.
Света Синклитикија била многу убава девојка, но убавината не ја
интересирала и покажувала интерес исклучиво кон духовниот живот. Во врска со
ова свети Атанасие пишува:
" Таа била многу убава девојка, така
што мнозина ја барале нејзината рака уште од најраната младост, привлечени
или поради нејзиното богатство или поради угледот на нејзините родители или,
пак, ги распалувала убавината на оваа девица. Нејзините родители со сите
сили ја поттикнувале на брак, настојувајќи преку неа да си го зачуваат
потомството. Но, таа целомудрена и благородна по душа, воопшто не се
согласувала со овие совети на родителите, туку слушајќи за световниот брак,
си го замислувала божествениот брак и, презирајќи ги оние кои ја барале
нејзината рака, единствено тежнеела кон Небесниот Младоженец".
Свети Атанасие пишува дека света Синклитикија била достојна ученичка на
света Текла (маченичка од Александрија). Тој пишува дека на обете младоженец
им бил Христос, а брачна соба им била црквата. Истоветна им била љубовта
кон Бога затоа што обете биле удостоени со исти дарови и на исти подвизи се
подвизувале. Откако потсетува дека света Текла била фрлена жива на ѕверовите
од страна на Римјаните, свети Атанасие пишува дека и света Синклитикија
многу страдала во земниот живот заради љубовта кон Христа. Опишувајќи ги
нејзините духовни особини, свети Атанасие пишува:
" Окото на Синклитикија не се
воодушевувало од разновидните ткаенини на фустаните, ниту од разните бои на
скапоцените камења; нејзиното уво не било измамено од музиката, ниту пак
инструментите можеле да ја ослабат нејзината душевна сила. Нејзе исто така
не можеле да ја разнежат ниту солзите од родителите, ниту каков било друг
совет од некој роднина. Носејќи дијамантска мисла во себе, таа не се
поколебала со умот, туку ги затворила сите врати на своите сетила за да може
да разговара насамо со својот Младоженец, спомнувајќи ја реченицата од
Светото Писмо: 'Како што јас му припаѓам на мојот љубен, така и тој ми
припаѓа мене' (Песна над Песните 2,16)".
Во врска со односот на света Синклитикија кон постот свети Атанасие
пишува:
" Преподобната Синклитикија не го
забораваше ни постот како спасоносен лек за телото. Таа толку го сакаше
постот што сметаше дека ништо не му е рамно. Таа го сметаше постот како
чувар и темел на се".
Откако починале нејзините родители, света Синклитикија ја зела со себе и
својата сестра, која била слепа. Тие се населиле надвор од градот, откако
претходно го распродале целото свое богатство, а парите им ги раздале на
сиромашните. Тогаш света Синклитикија си ја исекла косата со што го симнала
од себе и последниот женски украс. Така таа била целосно подготвена да се
подвизува, иако уште во својот дом била навикната на подвизи.
МОНАШКИОТ ЖИВОТ НА СВЕТА СИНКЛИТИКИЈА
Свети Атанасие пишува за нејзините подвизувања во монашкиот живот, при
што заклучува дека таа надминала многу други кои пред неа живееле ваков
живот. Но, тој вели дека таа никому не му дозволувала да го набљудува
нејзиниот монашки живот. Во врска со ова свети Атанасие пишува:
" Ние не сме во состојба да го
опишеме секојдневното подвизничко живеење на преподобната Синклитикија,
затоа што таа не дозволуваше никому да го гледа таквиот нејзин живот, ниту
пак сакаше, оние кои знаат за тоа, да бидат гласници на нејзините добри дела.
Таа не се трудеше толку да прави добрини, колку што се трудеше тие да бидат
скриени и чувани од неа. Тоа, пак, не го правеше тоа обземена од завист,
туку зафатена со Божјата благодет".
Од овој извадок најдобро се гледа дека свети Атанасие лично ја познавал
света Синклитикија.
Света Синклитикија успешно се борела против сите искушенија. Нејзиното
оружје била молитвата, а штит & биле љубовта, надежта и верата во Бога. Се
хранела само со леб и вода и спиела на земја. Набргу мнозина разбрале за
нејзините духовни подвизи. Многу жени почнале да доаѓаат во нејзиното
скромно живеалиште за да научат нешто корисно. Мнозина ја прашувале:
"Како
да се спасиме?".
Но, таа се повлекувала во себе и цело време молчела, а нејзините длабоки
воздишки и солзи им го давале вистинскиот одговор. Еднаш некои жени упорно
инсистирале да им зборува за големите Божји дела и по нивното интензивно
инсистирање, света Синклитикија само изговорила:
"Не
давете го бедниот, затоа што е сиромав (Приказни 22,22)".
Жените и натаму настојувале да ги подучи за верата, но таа скромно им
одговорила: "Зошто
мислите дека јас грешната нешто правам или подучувам? Сите нам заеднички
учител ни е Господ. Сите црпиме вода од еден ист извор и од иста дојка со
млеко се доиме, а тоа е Стариот и Новиот Завет".
Жените и натаму инсистирале да им зборува, а блажената Синклитикија на
крајот се сожалила и сфатила дека треба да им зборува, не заради пофалби кон
себе, туку заради нивна корист.
Во продолжение во нејзиното житие читаме што таа им зборувала на
љубопитните жени во врска со спасението. Најпрво им го цитирала светиот
евангелист Матеј (22,37,39) при што им рекла да го љубат Господ Бог со
целата своја душа и да го љубат ближниот свој повеќе и од самите себе. Таа
им рекла:
" Малубројни се овие зборови, но во
нив лежи голема и бескрајна сила".
Потоа им кажала и други мудрости од Светото Писмо. Ги советувала и како
да се бранат од искушенијата и од телесните страсти со помош на молитвата
кон Бога. Им раскажувала да го љубат материјалното сиромаштво и да постат.
Свети Атанасие детално ги опишува нејзините мудри зборови со кои ги
подучувала жените. Меѓу другото света Синклитикија им рекла на жените:
" Прво уништете ја својата страст,
т.е. цревоугодие и уживање во убавите јадења, па така подоцна лесно ќе
можете да се одрекнете од поседувањето материјални добра... И ѓаволот
полесно бидува победен од сиромаштвољупците затоа што нема со што да им
нанесе штета. Најголемиот дел од штетите и искушенијата се случуваат заради
лишување од материјалните добра, додека кај сиромашните нема што да се
оштети... Колку и да е сиромаштвољубието убаво и корисно, исто толку е
среброљубието лошо и погубно за стекнување пороци. И со право божествениот
Павле рекол дека среброљубието е причина за сите зла (Тим. 6,10). Познато е
дека среброљубието е причина за сите страсти: алчност за богатење,
кривоклетство, кражби, киднапирања, блуд, завист, омраза меѓу браќа, кавги,
идолопоклонство, лицемерие, потсмевање. И затоа апостолот со право го
нарекува мајка на сите пороци. Среброљупците не само што ќе бидат казнети од
Бога, туку тие и самите себе се упропастуваат затоа што имајќи во себе
вгнездено ненаситна страст, тие никогаш не доаѓаат до својата цел и затоа
постојано во себе имаат неизлечива рана. Кога среброљубецот нема ништо, тој
малку посакува, а кога го добива тоа малку, тогаш сака нешто повеќе. Кога ќе
заработи сто златници, тој над нив се облизнува, стремејќи се кон бескрајно
богатство. И така среброљупците никогаш не доаѓаат до својата цел и
постојано се жалат дека се сиромашни. Среброљубието секогаш со себе ја носи
и љубомората, а таа прво го разјадува оној што ја има во себе".
(Продолжува)
|