ИСТОРИЈА

За авторството на канонот посветен на апостол Андреј

ПОЕТОТ СВЕТИ НАУМ ОХРИДСКИ

Пишува: м-р Виолета МАРТИНОВСКА

  • Интересно е прашањето околу тоа зошто св. Наум се определил токму за апостолот Андреј. Секако дека тој бил свесен за вршењето на просветителско-мисионерската дејност којашто била слична со дејноста на Христовите апостоли. Всушност, и во службата за него св. Наум е наречен "рамноапостолен".
  • Освен канонот за пренесување на моштите на Јован Златоуст, С. Кожухаров претпоставува дека св. Наум е автор на канонот за архангел Михаил. Преписот од овој канон се наоѓа во истиот минеј во кој е засведочениот Наумов канон. Преписот е мошне архаичен и се поврзува со глаголската писмена традиција.

Во науката долго време преовладуваше мислењето дека св. Наум Охридски е само значаен црковен, просветен деец и духовен собрат на св. Климент. На тој начин тој е неправедно запоставен и недоволно расветлен во однос на св. Климент. Освен со овие дејности, св. Наум се разоткрива и како солиден литературен, оригинален творец. Тој е автор на канон посветен на апостол Андреј.

Канонот е полистрофична химнографска форма којашто е составена од девет химнографски песни, според аналогија на деветте библиски песни. Овој термин буквално означува "ред, правило, линија". Втората песна најчесто се испушта поради нејзината тажна содржина. Таа е застапена во великопосната богослужба. Секоја песна започнува со строфа наречена ирмос (низа, наниз). Канонот е најсложена и најобемна химнографска форма и кулминационо достигнување на византиската химнографија. Тој се создавал во период од повеќе векови. Неговото конечно оформување во византиската литература е поврзано со значајното име на химнографот Андреј Критски (650 - 720/740) чиешто најпознато дело е т.н. Велик канон составен од 250 тропари. Во VIII век незаобиколни се и химнографите: Јоан Дамаскин (675 - 749) и Козма Мајумски (700 - ?), а во IX век: Теодор Студит (775 - 826), Јосиф Студит (762 - 832), Теофан Граптус и други.

Според К. Крумбахер, развојот на химнографското творештво се должи и на ограничувањата во ликовното изразување на светителите т.е. долгиот иконоборечки период.

АРХАИЗМИ

Покрај полните канони составени од осум (односно девет) песни, постојат и кратки канони со четири, три или две песни. Оттука, произлегуваат и нивните имиња: четирипеснеци, трипеснеци и двопеснеци. Секоја песна содржи од три до шест тропари, а последниот тропар од песните & е посветен на Богородица.

Со откривањето на авторство на св. Наум се намалува неправедливоста кон неговата литературна дејност. Канонот посветен на апостолот Андреј од св. Наум Охридски е откриен од С. Кожухаров во пергаментен минеј од 13 век кој се чува во библиотеката на Зографскиот манастир под бр. 88. Оваа Наумова творба се наоѓа од лист 207 б до лист 210 б во служба за 30 ноември. Канонот содржи 32 тропара, поделени во 8 песни. Иницијалните букви од тропарите формираат фразов акростих во кој се соопштува името на авторот. Името на Наум се наоѓа во деветтата песна од канонот.

Средновековните автори во најголем број случаи биле анонимни, бидејќи според нивниот светоглед, вистинското авторство му припаѓа на Бог. Но, само во еден вид византиска црковна поезија, канонот, постоел исклучок. Во каноните, сепак, се појавуваат имињата на авторите.

Уште еден доказ за создавањето оригинални текстови од страна на првоучителите и нивните соработници е оригиналниот состав на св. Наум. Во пергаментниот минеј за месеците септември, октомври и ноември од XIII век се наоѓале два канона за апостолот Андреј: едниот бил преведен од грчки, а вториот е Наумовиот, оригинален канон.

Канонот е полн, изграден од 9 песни, по 4 тропари. По третата песна има седален, а по шестата кондак и икос.

С. Кожухаров поставувајќи го прашањето кога би можела да биде создадена оваа творба, дава хипотетичен одговор дека тоа би можело да биде во 868 година. Тоа го поткрепува со престојот во Рим на браќата Кирил и Методиј и нивните ученици во крајот на 867 и цела 869 година. Осветувањето на црковномакедонските книги, признавањето на црковномакедонскиот јазик за официјален богослужбен јазик, служењето на литургијата на црковномакедонски јазик во црквата на Христовите апостоли е голем миг за првоучителите и нивните доследни ученици. Поради тоа, голема е веројатноста св. Наум за функционални потреби да ја состави химнографската творба за апостол Андреј во чијашто истоимена црква отслужиле литургија. Хипотезата е поткрепена и со емоционалната содржина на канонот којашто е пофална, а не молебна.

Интересно е прашањето околу тоа зошто св. Наум се определил токму за апостолот Андреј. Секако дека тој бил свесен за вршењето на просветителско-мисионерската дејност којашто била слична со дејноста на Христовите апостоли. Всушност, и во службата за него св. Наум е наречен "рамноапостолен".

Содржината на канонот разоткрива солиден теолог со големо познавање на Библијата и црковната историја. Авторот ги познавал и средновековната поетика и химнографијата. Поетските квалитети на канонот покажуваат дека авторот не е воопшто почетник, туку дека поседува мајсторство коешто не заостанува зад познатите византиски химнографи. Оттука, претпоставуваме дека е голема веројатноста св. Наум да биде автор и на многу други вакви и слични содржини кои допрва ќе се докажуваат и ќе се откриваат во науката.

Јазичните специфики на акростихот ги потврдуваат архаичните форми. Во терминот "нишчии" е зачуван првиот пример на развојот на прасловенската група тј во шч во црковномакедонскиот јазик.

Оттука, може да се заклучи дека ракописот бил препишан во Охридскиот книжевен центар, бидејќи оваа фонетска промена е мека варијанта на шт којашто е присутна во овој дијалект. Топонимите од охридскиот регион го зачувале мекиот изговор со шч: Пештани, Велгошти, Кривогаштани и др. Во препишувањето на ракописот учествувале тројца пишувачи и писарските грешки се неизбежни. Тропарите на канонот од I до IX песна се од еден автор, а кондакот, икосот и стихирите (III - V) зад IX песна се превод од грчки.

Композицијата на канонот е слична со пофалните слова. Настанот од минатото пренесен е во сегашноста мошне живо.

Според Д. С. Лихачев, при анализите на средновековните творби треба да се имаат предвид неколкуте стожерни, есенцијални категории: стилот на епохата (религиозна христијанска идеологија), стилот на литературниот жанр со однапред утврдени модели и стандардни изразни средства (епитети, метафори, формули од молитвени обраќања), стилот на делото, индивидуалниот авторски стил.

Апликацијата на нормативноста на средновековната поетика е критериумот за височината на авторовиот стил. Но, и покрај сите овие услови, сепак треба да се воочуваат карактеристичните црти на индивидуалниот стил на авторот. Овој канон ги почитува стандардите на средновековната, црковна поезија, но притоа присутни се индивидуални црти на авторот.

ХИПОТЕЗИ

Петар Хр. Илиевски потенцира дека епитетот првозван апостол отсуствува како директно спомнување во текстот. Служејќи се со антономазија авторот мошне вешто ја направил споредбата. Употребил и синегдохски форми: свети нозе, свет глас, света глава. Епитетите: свет, пресвет, славен, преславен, мудар апостол, гори со љубов кон Христа се среќаваат и во други тропари. Од епитетите доминантна е метафората светлина. За средновековните автори терминот светлина не е употребуван само како стилска фигура, туку како симбол со длабоко, онтолошко значење во смисла на духовна радост, победа, љубов, добро, сакралност. Новозаветното послание "Вие сте светлина на светот" (Матеј 5, 14-16) најчесто се однесува токму на апостолите.

До сега во науката се пронајдени уште два фрагмента од преписи на канонот за ап. Андреј. Едниот фрагмент се наоѓа во ракописот на Братковиот минеј од XIII - XIV век. Ракописот потекнува од скопското село Бањани, но сега се чува во Народната библиотека во Белград. Откриен е од страна на Ѓ. Поп-Атанасов. Братковиот минеј претставува најстар српски препис на оваа литургиска книга. Во белградската Народна библиотека бил заведен под број 212, но "исчезнал" за време на Првата светска војна. Пред дваесетина години е пронајден и повторно е вратен во истата библиотека, заведен со нова сигнатура Рс 647.

Ракописот претставува конволут од четири минеи, содржи 299 пергаментни листови, пишуван од повеќе пишувачи во текот на XIII и XIV век. Името го добил според првиот пишувач Братко (л. 1-123), пишуван во периодот на српскиот крал Владислав (1234 - 1243). Вториот дел е пишуван од анонимен пишувач приближно во исто време. Деловите кои се однесуваат на периодот од декември до август се пишувани стотина години подоцна т.е. во првата половина на XIV век. Фрагментот од канонот се наоѓа на лист 219 б. Зачувани се четири тропари од првата и два тропари од третата песна. Текстот прекинува кај вториот тропар од третата песна и последните зборови недостасуваат.

Меѓу двата преписа на Наумовиот канон структурни и текстолошки разлики нема, но има фонетски, морфолошки и лексички разлики. Тоа упатува на различни скрипторски центри на нивното создавање. Братковиот минеј содржи уште еден канон од анонимен пишувач посветен на празникот Воведение Богородично.

Вториот фрагмент се наоѓа во пергаментен ракопис Празничен минеј од XV век од Народната библиотека "Св. Кирил и Методиј" во Софија под број 163 на листовите 87б - 91б (за 30 ноември).

По откривањето на св. Наум Охридски како талентиран поет - химнограф логично е да се постави прашањето: дали ова е единственото дело на св. Наум? Најверојатно дека не е, но до откривањето на неговите сигурно засведочени дела, остануваат само хипотезите.

Според една од нив, заснована од страна на С. Кожухаров, св. Наум би можел да биде автор на канонот за пренесување на моштите на Јован Златоуст (27 јануари). Канонот се наоѓа во Празничен (Скопски) минеј од XIII век под бр. 522 во Народната библиотека во Софија. Тој го содржи акростихот: Го воспевам пренесувањето на Златоустовите мошти.

Освен канонот за пренесување на моштите на Јован Златоуст, С. Кожухаров претпоставува дека св. Наум е автор на канонот за архангел Михаил. Преписот од овој канон се наоѓа во истиот минеј во кој е засведочениот Наумов канон. Преписот е мошне архаичен и се поврзува со глаголската писмена традиција.

Освен овие хипотези, во науката постојат и други хипотези околу авторството на св. Наум. Чешкиот славист М. Вајнгард смета дека под псевдонимот Црноризец храбар на апологијата "О писменех" се крие св. Наум Охридски. Гркофилската партија во источна Бугарија протежирала нова азбука според примерот на грчкото иницијално писмо (подоцнежната кирилица). Таа можела да биде напишана само од припадник на Охридскиот книжевен центар, а тоа би можеле да бидат светите Климент и Наум. Кон оваа хипотеза се приклучуваат и славистите: Р. Нахтигал, Ф. Гривец, Д. Глумац.

На став спротивен од оваа хипотеза се славистите кои сметаат дека под псевдонимот Црноризец Храбар можат да се откријат: Кирил Философ, Климент Охридски, Јоан Егзарх, бугарскиот цар Симеон и други познати личности. Х. Поленаковиќ во врска со ова прашање е дециден: "Наум Охридски и Црноризец Храбар се две одделни личности".

Од досега изложеното може да се заклучи дека св. Наум е солиден црковен поет - химнограф кој активно учествувал не само во преводите, туку и самиот составувал оригинални книжевни дела. Обврска на науката е да открива и да соопштува за преостанатите Наумови дела кои несомнено постојат.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"