|
Предавниците пред гробот на Гоце Делчев
Доколку нашите политичари имаа малку срам, немаше воопшто да се појават
пред гробот на Гоце Делчев, туку ќе се скриеја на тој ден да не им се знае
трагата, што велат старите - да не ги фати некој грев, за сето она што & го
прават на Македонија. Да знае Гоце дека нашите политичари ја предадоа
Македонија, дека ја албанизираа, дека од Македонија направија западна
колонија и дека на западните политичари им дозволија да се шетаат како
проститутки низ Македонија и да ни солат памет, Гоце сигурно би се
превртувал во гробот.
Дека навистина станавме еден вид колонија или, така да речам, база на
Западот, посебно на Соединетите Американски Држави, се гледа по тоа што се
што ќе наумат да направат САД, нашите политичари им даваат поддршка. Нашиот
претседател Борче и Владата на Македонија им дадоа поддршка на САД за
војната во Ирак, а сега како што се слуша и пишува во нашите весници, Борче
се подготвува да потпише поддршка за изземање на американските војници од
меѓународниот суд на правдата. Дали се во прашање зелените долари? Тоа
најдобро го знае нашиот Претседател.
Зошто настојуваат САД нивните војници да бидат изземени од кривично
гонење од страна на Меѓународниот суд? САД се свесни и знаат што имаат
направено нивните војници насекаде во светот и дека тој суд ќе работи само
со нив. Доколку немаат направено некои злодела (за тоа треба да докажат), не
треба да се плашат од никакво кривично гонење.
Дали Борче размисли дали треба да му се даде поддршка на некој кој веќе
57 години креира кризни жаришта насекаде во светов, поддршка на некој кој 57
години се заканува со напади и војни? За да ги потсетам нашите политичари,
ќе наведам само неколку кризни жаришта што ги има предизвикано САД: Кина,
Кореја, Гватемала, Гватемала Гренада, Индонезија, Куба, Конго, Перу, Лаос,
Виетнам, Камбоџа, Либија, Ел Салвадор, Панама, Судан, Иран, Авганистан,
Југославија, Ирак два пати во последниве 12 години, и кој знае уште колку
кризни жаришта ќе предизвикаат понатаму.
Најголемата закана за мирот во светов не е никој друг, туку само САД.
Повод за последниот напад на Ирак беше образложението дека Ирак поседува
оружје за масовно уништување и дека ќе го употреби против човештвото. Досега
ни трага ни глас од такво оружје. Доколку не пронајдат такво оружје, тие
самите ќе го донесат од САД и пак Ирак ќе биди обвинет. САД поседуваат
нуклеарно, хемиско и биолошко оружје и дали некој може да гарантира дека Буш
нема да го употреби тоа оружје против човештвото и дали може да му се верува
на таков човек, кога цел свет виде на телевизија документарна емисија на кој
начин Буш ги доби претседателските избори во Флорида (исто како и Борче наш,
но ништо не е чудно, на иста секта & припаѓаат). Сега малку нека размислат
нашите политичари кои се креаторите на глобалниот тероризам, и дали можат да
се борат против нешто што самите го создале.
Се прашувам дали и Република Македонија е против тој глобален тероризам,
кога терористите им седат во министерските и пратеничките фотелји во Владата?!
Димче Бицески
Не мирисаат штедилниците, туку смрдат тие зад нив!
Кон крајот на 1992 и почетокот на 1993 година, пред шалтерите за девизно
штедење на Стопанска банка во Скопје имаше редици каде се бараше врска за да
се стане штедач со добри камати, како единствена од овој вид во Македонија.
Меѓутоа, кој, зошто и како, од месец на месец ја намалуваше каматата, а
ја зголемуваше арогантноста на вработените до безобразие, не се знае? Тогаш,
пак некој и од некаде даде зелено светло за отворање на приватни штедилници,
односно некои од менувачниците со дозвола и одобрение од Народна банка
легално добија статус и право на штедилници.
Истото се случи и со Југомаркет - Штедилницата ДОО - Скопје, којашто со
Договорите како Штедно-кредитна организација - Штедилница, и со штедните
книшки доби статус на Штедилница. Имено, се наведува "каматната стапка е во
согласност со важечките прописи, односно со актите на деловната политика на
Банката" итн. На ѕидот во работната просторија беше врамена и Одлуката -
Дозволата на Народната банка којашто ја покажуваше сопственикот "дека
Југомаркет е Штедилница". А на која основа - умре Тито, да живее Мито!
Врз основа на совет и сугестија од вработени во југо банките и јас ги
однесов девизните и денарските средства подигнати од Југо банка и ги орочив
на 90 денари на 30.09 и 05.10.1993 година без да примам ни една парична
камата до затворањето на Југомаркет, односно до денес. "Затворање" за
штедачите, а за сопственикот и задолжените ниту влакно од главата, зошто?
Октоподчињата беа во рацете на владејачката гарнитура!
Почнувајќи од гувернерот, потоа обвинителот и сите досегашни министри за
финансии, со сарказам како "бајачи" не обвинуваат нас штедачите што сме
штеделе во други штедилници, а не во ортодоксната ТАТ - галениче на
октоподот.
Доколку Југомаркет и другите проскрибирани штедилници работеле правилно
(а тоа е во исклучителна надлежност на гувернерот, обвинителот и министрите),
немаше да се случат овие неправди. Ние ги гледаме и слушаме со сите
ступидности и арогантности, дрско, некултурно и невоспитано. Нивна должност
е да си ја вршат својата работа на местото каде што се поставени. Тие треба
да ни служат нам, на граѓаните, да не штитат нас ограбените, додека арамиите
се префрлуваа заедно со парите во странство, и од чии даноци тие и добиваат
плати и врз чие штедење се потпира и општеството и стопанството на државата
"доколку ја има" да се покаже и докаже.
Прво тие, сите задолжените, кои дозволиле да се случи ова, нека
одговараат и по судење и судска пресуда да им се забрани да не можат да
бидат ниту книговодители, ниту судски писари, без меѓународна амнестија и на
сопствениците од штедилниците, но и на тие што им ги потпишуваа дозволите да
им се конфискува сиот движен и недвижен имот.
Второ, на штедачите, чесните граѓани кои се знаат и по суми и по
материјални состојби зад себе, а коишто барале и одбирале начини и можности
преку законско штедење во банки и штедилници зад кои стои и гарантира
државата, да им ги врати и основиците и каматите, што актуелната власт на
чело со Министерството како богослужба го открива како ново учење, како уште
една по ред од божјите заповеди - рајот.
Инаку, многу држави сознале што значи и колку чини пасивна резистенција
на граѓаните воопшто, а посебно кога е во прашање штедењето, зашто со
штедење, а не со зајмување и питачење, се чува куќата, домот, семејството и
државата, и изгубената доверба е нешто неповратно за земјата, и води во
пропаст.
Ги видовме пирамидите и нивните гнасотии, ама не и фараоните! А тие се
бесмртни - се уште се живи.
проф. д-р Миодраг Календар Хаџи Ристиќ
Демократски игри околу Балканот
Историјата ни се повторува, но за жал во негативна конотација за
контроверзниот Балкан од демократски, политички и економски аспект. Можно ли
е, од лулката на цивилизирана Европа со новородена демократија Балканот
денес да претставува последна депонија и бариера во сонот на европската дама
за обединета Европа? Балканот се уште претставува харизма на евро-умовите,
во однос на изнаоѓање рецепти и проекти за негово интегрирање во ЕУ.
Демократијата родена на југот, Балканот со голем вакум од временски период,
воскресна на тлото на западна Европа (В. Британија). Демократијата како
симбол на слободата на човековите права денеска претставува комплекс и
спектар на човекови права кои се остваруваат во зависнот од посебни
политички, економски амбиенти во некои држави и региони во светот. Западната
демократија како производ на француската и индустриската револуција во
Англија се градела и разградувала во зависност од посебните
политичко-економски амбиенти во тој период.
И денеска на почетокот на 21 век не можеме да кажеме дека ЕУ има
најидеален демократски рецепт, за ние Балканците да бараме нивни мисии, да
ни делат лекции и демократски сондажи, кои за жал ни донесоа граѓански војни
- национализми, верска омраза и невидени трауми. Типичен пример за нивната
хипокризија е албанското прашање на Косово - кое ги воведе во срамна воена
интервенција која ќе предизвика дисхармонија во односите на Алијансата од
аспект на непознавање на албанскиот етнос кој и во наредниот период ќе биде
катализатор и генератор на нестабилен Балкан и на обединета Европа. Времето
за демократски процеси и рушење на комунизмот беше избрзано како резултат на
стравот на западните демократии да не им се случи обратното - од аспект на
кризата која го нагризува нивниот стар и демодиран капиталистички систем.
Како поткрепа на ова нека ни послужи и мислата на филозофите дека ништо не е
вечно и се се менува. За кризата на таканаречениот демодиран систем нека ни
послужат фактите на појава на неофашизам, невработеност, хиперпродукција,
изгубени пазари, губење чекори во технолошките процеси и др. Бумерангот на
западната демократија е губење на источно-европскиот пазар, а за нас и
другите посткомунистички земји, првите плодови на нивната демократија беа
дрогата, криминалот, проституцијата, национализмот, граѓанските војни и река
бегалци. ЕУ направи грешка во чекори, се вели во спортот. Кај нас
применувајќи несоодветен рецепт и пристап на демократската ренесанса со
политички реформи за решени или нерешени малцински и човекови права,
предизвика невидена лавина на национализмот и верска омраза која изроди
невидени крвави граѓански војни кои не ги памети историјата на човештвото.
Не сакам да бидам пророк, но ако ЕУ практикуваше економски пристап со
економски реформи, транзицијата во посткомунистичките земји ќе се одвиваше
со помали породилни болки и трауми. Европа не е лаик, тоа го знаеше, но дали
намерно или ненамерно да ја прикрие метастазата, а со цел да го сврти
вниманието на својата јавност надвор од свои атари започна со режија на
експериментите на Балканот со демократски игри под маска на брза демократска
и економска преобразба на ју-просторите која не донесе ренесанса, а заврши
со катастрофално фијаско за Балканот.
Го задржувам мислењето без да влијаам на просечните граѓани дека
обединета Европа е фарса на демократски држави со идеална недоизградена
демократија која според ЕУ треба да им служи како имиџ за нивно интегрирање
во ЕУ. Дали сме толку наивни да им веруваме и постојано да бидеме под лупа
на нивното експериментирање како малоумни Балканци, кога веќе ги загризавме
горчливите плодови на нивната демократија преку ширење на дрогата,
криминалот и други демократски реликти на западната демократија. ЕУ нема
излез од темниот тунел кој го заплиснуваат темните западни ветрови, така што
повремено пројавуваат последни крикови на немоќ како што е последниот за
глобализација која не нуди излез за непречено заминување на демодиран
капитализам преку олтарот на смртта од историска сцена. За да не им се случи
тоа, ЕУ и партнерите е потребно да се позабават и да ги очистат своите атари
и дворови и да си преземат итни и брзи реформи, за да се спасат од агонијата
и да го остават Балканот, што се вели ако не помагаат, да не ни одмагаат.
Затоа нека го следат примерот на Шведска која навреме ја сфати опасноста и
со реформи езгради социјал-капитализам за да го залечи и продолжи векот на
стариот систем.
Дали кај нас на Балканот нема да проработи и да се пробуди заспаната
демократска свест со последната шлаканица од евро-комесарот Карл Билд
режирана во кујната на ЕУ за некаква си Балканска федерација, допрва ќе
видиме. За секој разумен граѓанин оваа одлука е преседан и уверување дека ЕУ
продолжува со игри (задкулисни) за и околу Балканот, избегнувајќи брза
интеграција на истиот во ЕУ.
Поради ова и гореспоменатото не можеме да бидеме оптимисти и треба да
престанеме да бидеме заложници на демократските игри и интриги на чекање
донации и пактови. Поради ова потребно е ние самите, со сопствените ресурси
и умови по примерот на Израел, Тајван и други земји да градиме просперитетна,
економски развиена држава, а демократијата сама ќе ни дојде без да ја чекаме
со години да излезе од шенгенскиот замок на европскиот лаваринт.
Илија Давчевски, Кавадарци
|