КУЛТУРА

Триесет години на Ансамблот "Јанко Глигоров" од Свети Николе

ИЗВОРНАТА ИГРА И ПЕСНА ВО ЦЕЛ СВЕТ

Пишува: Методи МАНЕВ

  • При одбележувањето на 30-годишниот јубилеј беше издадена монографија за Ансамблот и беше одржан свечен концерт на кој настапи и КУД "Моравац" од Ќиќевац, Србија.

Минатиот викенд Фолклорниот ансамбл "Јанко Гли-горов" од Свети Николе свечено ја одбележа триесетгодишнината на своето постоење. Овој Ансамбл со успех го презентира три децении македонскиот фолклор, пред се изворниот, во Македонија и светот и е добитник на бројни признанија и награди.

По тој повод беше издадена монографија и беше одржан свечен концерт на кој, освен домаќинот, учествуваше и културно-уметничкото друштво "Моравац" од Ќиќевац од Србија, со кој беше обновена соработката по десетина години пауза.

ПРИРЕДБА

Всушност, Свечениот концерт на "Јанко Глигоров" беше најпосетената културно-уметничка приредба во последните 4-5 години во Свети Николе и на неа присуствуваа голем број граѓани, поранешни членови на Ансамблот, љубители на фолклорот, гости од разни фондации, пријатели - претставници на фолклорни ансамбли од повеќе градови во Македонија.

Настап на КУД "Моравац" од Србија

Два ипол часовната програма го одзеде здивот на присутната публика. Продефилираа сите категории на играорци и фолклорни групи и пејачи кои работат моментално во рамките на Ансамблот - од најмладите до највозрасните, а на воодушевен прием наиде успешниот настап на ветераните - група играорци со која започна работата на овој Ансамбл. Бројната публика беше во вистински делириум по изведбата на сплетот "Комитско", но и на преостанатите ора. Свој придонес дадоа и вокалното трио на изворни песни "Ѕуница", како и пејачката група на староградски песни "Камелија".

СОРАБОТКА

Вистинско воодушевување предизвика настапот на КУД "Моравац" од Ќиќевац, Србија, кои понесени од бројната публика, но и од својот квалитет и ентузијазам, не се штедеа да ги придобијат симпатиите на публиката. Публиката пак, на секој настап им одговараше со френетичен аплауз.

На свеченоста, по концертот беа доделени и бројни дипломи и благодарници на сите оние што својот труд и љубов ги вградиле во темелите на овој Фолклорен ансамбл, а беа разменети подароци и најавена натамошна соработка со КУД "Моравац" од Ќиќевац, а младите играорци од двете општини своето другарување го продолжија и наредните два дена.

Минатиот викенд Свети Николе живеше во знакот на фолклорот, односно во амбиент на којшто последните години неговите жители како да беа подзаборавиле.

Печатењето на монографијата и реализирањето на програмата беа финансиски помогнати од Фондацијата Институт Отворено Општество Македонија.

Програмата ја збогати и настапот на пејачката група "Камелија"

Размена на подароци со гостите од Ќиќевац


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"