КУЛТУРА

Одбележани пет години од формирањето на Фондацијата "Трифун Костовски"

КУЛТУРНИОТ ТРЕЗОР ЗАВЕШТАН ЗА МАКЕДОНИЈА

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Академик Томе Серафимовски го нарече Трифун Костовски мецена на науките и уметностите, а за врв на сите доблести на семејството Костовски го смета токму основањето на Фондацијата.

Во Македонската академија на науките и уметностите на свечен начин беше одбележана петгодишнината од основањето на Фондацијата "Трифун Костовски". При тоа беше промовирана и монографијата "Скаловски" посветена на големиот македонски композитор, 95-годишниот Тодор Скаловски. Свеченоста беше збогатена со изведба на музичките дела на овој познат деец.

Во воведниот збор академик Томе Серафимовски истакна дека "Фондацијата Трифун Костовски" егзистира пет години и помога во издавање на книги, публикации, изработка на портрети и уметнички дела, така што во изминативе пет години се донирани 227.500 евра, односно 45.000 евра годишно. Тој го нарече Трифун Костовски мецена на науките и уметностите, а за врв на сите доблести на семејството Костовски го смета токму основањето на Фондацијата.

По него говореше и академик Георги Старделов кој додаде дека никнењето на Фондацијата "Трифун Костовски" е еден од крупните влогови што Македонската академија ги дала во изучувањето на историските настани и личности од Македонија.

Трифун Костовски е истражувач на македонската духовна историја и култура и соработката на Академијата со него почна со потпишувањето на договорот за соработка со МАНУ, токму на денешен ден (12 мај), со претставувањето на колекцијата на старо оружје, потоа следуваа 200 крстови од Македонија, па националната галерија на портрети на македонски великани, која опфаќа 60 портрети на големи луѓе од Македонија, објавувањето на тротомен проект од Божидар Видоески, "Фонологијата..." од академик Блаже Конески, оставнината од Славко Јаневски, која опфаќа три наслови објавени постхумно, како и монографијата за Тодор Скаловски, еден од доајените на македонската музика која ја промовиравме денеска, додаде академик Старделов.

Во своето обраќање господинот Трифун Костовски изјави дека длабоко е убеден дека Фондацијата е на вистинското место.

Мојата културна акција во Македонија поаѓа од тоа дека човечкиот живот е миговен и дека ако сакаме нешто повеќе да направиме, треба да оставиме некаква трага зад себе. Со основањето на Фондацијата, го давам својот влог за поддржување на науката и уметноста, за генерациите што доаѓаат. Тоа не е моја должност, туку мое завештание за Македонија.

Беа одбележани и 95 години од животот на Тодор Скаловски и по тој повод Фондацијата "Трифун Костовски" ја издаде монографијата "Скаловски". Промотор на монографијата беше Ристо Аврамовски кој Скаловски го нарече "принц на македонската музика", врвен творец и основоположник на речиси сите фестивали и повоени манифестации.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"