КУЛТУРА

За голобрдската радост и жал

САЛ ЕДНО НЕБО И ЕДЕН ЗДИВ ИМАМЕ

Пишува: Тихомир СТОЈАНОВСКИ

  • Навистина е потребен премин кај Требишта за Македонците во Албанија. И се разбира исти човечки права какви што имаат малцинствата во Македонија.

Претставата се крена со хорот на зајдисонцето во школскиот двор. Удолу се отвораше поглед кон браната над Дебар. Отсјајот на сончевите зраци ја милуваа езерската вода. На дофат, а недостижно. Таму каде што во 1948 им бил укинат граничниот премин кон татковината. Се гледаше македонскиот дел од планината. Таму каде Радуч му подава рака на Стогово. Каде блика светата горска вода, голобрдската вода. Каде со тапаните започнаа празненствата. Каде Македонците во Албанија го славеа Ѓурѓовден. Каде се случи за прв пат театар... Таму кај нашите во Голобрдо во Албанија. "Не има некаде меѓу 150.000 и 200.000 со мајчин јазик македонски!" - ни велат. "Овој македонски народ има молба за повторно да се отвори преминот кај Требишта крај Дебар!". Ни рекоа. Потоа по тапаните во школскиот двор пред насобраниот народ се обрати Кимет Фетаху, претседателот на македонското друштво "Мир" во Тирана, инаку роден требиштанец. Зборуваше за насушната потреба од враќањето, отворањето на стариот премин над Дебар. Така ќе можат за десетина минути да бидат во Македонија. Потоа излегоа актерите и започнаа "Деноносиите". Хорот зборуваше за тоа кои сме ние Македонците...

СВЕТА МИСИЈА

Кинисувањето беше пред изгрејсонце. Некаде по 4 утрината пред Свети Илија да ја потера колата за да блесне јасното сонце. По 15 саати пат се најдовме во Требишта. 90 километри по нерамен каменест планински пат изгледаа како цела вечност. Горе во прегратките на снежниот Радуч каде од сувите карпи потекува водата. Долу под патот се отвора недогледна бездна. Се појави едно комбе и не одвлечка до Стеблево. Тука пукна картерот на телевизиското комбе. Истече маслото. Се прекрши на една дупка во планинскиот друм. Со театарот "Скрб и утеха" дојде и екипа на МРТВ за да се сними филм за театарската мисија кај Македонците во Голобрдо. Се префрливме во второто комбе и се враќавме за Драган, таму каде што прославуваа нашите. Долу во Стеблево се вееја албанските знамиња и се пукаше со пиштоли и пушки. Имаа организирано паралелен собир, своја прослава на Ѓурѓовден за да се потисне македонската. Сепак стигнавме и ни остана да завртиме по некое оро. Имаше луѓе дојдени од цела Албанија и од нашата Македонија. Потоа повторно се клацкавме по нерамниот друм накај Требиште. Ни раскажуваат по патот за судбините на македонските села во Голобрдо. За училиштето и црквата во Клење запустени, осамени, во горнината. За тагата на Малестрени, за Македонецот кој умрел пеш по снегот на пат за накај Требишта по висините. За местото од кое се гледа центар Жупа во македонската страна на планината. За селото Селце на македонската страна каде е роден Војдан Поп Георгиев Чернодрински во мајка Македонија. Постои страв кај поголем дел од Македонците да зборуваат пред камера, затоа во текстов нема да спомнувам имиња.

Екипата на театарот "Скрб и утеха" со жители од Голо Брдо

"Нема кој да излезе да те одбрани. Ќе речат нација бараш, ќе ти прават проблеми. Сал едно небо и еден здив имаме...", ни вели едно младо момче. Не прашуваат зошто повеќе не им се издаваат македонски пасоши на оние кои сакаат да добијат македонско државјанство. Тука сме крај Врвица и старата селска црква...

По хорот ја миропомазавме сцената со бескрвни жртви. Света вода и житце. Помеѓу високите тополи во селскиот двор, пред неброен народ, кога зраците на сонцето за последен пат од денот ги погалија актерските глави и се затскрија зад ќерамидите. Така започна претставата. Беше дојдено целото село стари и млади, Македонците...

"Не можат да ми го менат мајчиниот јазик!", ни вели еден чичко. "Децата почнуваат да учат албански штом ќе појдат на училиште. Старите не го разбираат тој јазик. Сакаме да живееме, да ни идете и да ви идеме" - продолжуваат. Бевме на местата "На церков", "Кочов трат" неми сведоци пред изламизацијата на селата во Голобрдо. Селото Требишта е исламизирано во 1815. "Исти сме" - ни велат. "Бараме само човечки права, пат со асфалт, премин кај Требишта, сколии на македонски јазик да ни учат децата...", трајат нивните размисли. Сепак, постои страв да се зборува пред камера.

БЛАГОРОДНИ ЛУЃЕ

Дента се расшетав низ Требишта. На џагурињата (збор за деца, оние кои креваат џагор) им делев плакати од претставата, книги и списанија. Се втурија наеднаш децата и грабаат од весниците. Подаваат рака. Потоа неколку дена ме среќаваа и бараат за некое други џагуриња од плакатите..."Добро ни дојдовте Македонци за арно! Овие наши браќа да се живи и здрави!", не благословуваат. Директорот на школото и селскиот кмет не сакаа да се сретнат со нас. Првиот го заклучил училиштето и луѓето ја следеа претставата стоејќи...столчињата останаа во училниците.

Претставата екна во училишниот двор. Ликовите од античката македонска историја живееја повторно со Македонците во Голобрдо. Филип Втори, Олимпија, Александар Трети, Орфеј, Барсина... со актерите: Владо Денчов, Ангелина Тренчева, Марјан Коцев, Едмонд Сотир, Лилјана Пендовска и јас. Игравме на зајдисонце пред насобраниот македонски народ. Од местото каде се играше претставата "Деноносии" се гледа на македонската страна селото Селце каде што е роден Чернодрински. Ете не на повторна средба со историјата. Така се збидна театар за прв пат во Требиште кај Македонците во Албанија. Потоа доаѓаше вечерта со распуштените коси на темното. Вечерта се фатија песните. Една голобрдска, па една од државава. Повторно се обединивме во песната. Во светата песна Аполонова. Долго се пееше во ноќта. Пред мене се појави еден човек. Донесе питос со вино. "За царот Александар"!, ми рече (во претставата го играм Александар Македонецот). Така повторно го пронајдов својот виночерпец. Утредента игравме и во Мало Острени под урнатата џамија. Нека остане дека во селото влеговме пеш со иссуканите мечови. По претставата повторно земавме неколку песни за да ни тргне.

Македонијо, ле сестро, појди во Голобрдо да ги сетиш тапаните, да те прочистат водите на Радуч, да те подмладат џагурињата и отворените срца на Македонците. Појди да го пронајдеш царското древно-македонско вино. Таму постојат благородни луѓе, Македонци кои не бараат ништо повеќе од тоа што го имаат малцинствата во Македонија. Образование и човечки права.

Наместо да одиме преку дебарскиот - требишки премин и за десет минути да сме во Р. Македонија, повторно ездиме со саати по планинскте беспаќа. Навистна е потребен премин кај Требишта за Македонците во Албанија. И се разбира исти човечки права какви што имаат малцинствата во Македонија.

Читам од песните на Миранда Шутина за Голобрдо и живеам со благороднте срца на Македонците во Албанија. "Голобрдо мои се твоите песни. Моја е твојата радост и жал... ".

Нека оваа културна театарска средба прерасне во секојдневна насушна потреба на македонскот народ. Од сите четири страна на границата со самите себе си.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"