КУЛТУРА

"Скрб и утеха" во Голо Брдо, Република Албанија

КУЛТУРНО ОБЕДИНУВАЊЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Овој театар ќе продолжи да ја негува традицијата на Војдановиот "Скрб и утеха", односно културно да ги обединува Македонците во соседството и пошироко.

Театарот "Скрб и утеха" ми-натата недела гостуваше кај Македонците во Голо Брдо, Република Албани-ја. Во рамките на ѓурѓовденските слави овој Театар во селата Требиште и Мало Острени ја одигра претставата "Деноносии". Станува збор за претстава работена по Хомер, а во режија на Тихомир Стојановски. Таа говори за македонската историја, за македонските цареви Филип и Александар.

Македонците во Требишта и Мало Острени за првпат имаа можност да се сретнат со театар. Тие со голема љубопитност ги следаа чекорите на актерите и внимателно ги слушаа нивните говори.

ВООДУШЕВЕНОСТ

Присутните гости беа изненадени од умешноста на актерите кои одлично ги одиграа своите улоги. Многу дечиња, кои немаат можност во училиштата во Голо Брдо - Република Албанија, да се образуваат на својот мајчин јазик, за првпат ги слушнаа имињата на Филип и Александар Македонски и дознаа какво значење имаат овие великани за македонската историја.

Сцени од претставата "Деноносии" одиграна во Голо Брдо

Тихомир Стојановски во улогата на Александар Македонски

По завршувањето на претставите следеа громогласни аплаузи, а својата среќа Македонците од Требишта ја покажаа со македонско оро. Дружењето продолжи и со македонски песни. Тамошните Македонци проговорија за нивната судбина и за тоа дека имаат потреба од културен дом и културна размена со матичната земја.

МИСИЈА

Театарот "Скрб и утеха", барем засега, е единствениот македонски театар кој гостува кај Македонците во соседните земји и ја продолжува традицијата на Војдановиот "Скрб и утеха", односно културно да ги обединува Македонците во соседството и пошироко. Следното гостување на овој театар е предвидено во Лерин, по покана на Македонците од Егејска Македонија.

За целиот настан, односно за гостувањето на "Скрб и утеха" во Голо Брдо, екипа на МРТВ сними документарен филм во режија на Владе Денчов, а по сценарио на Тихомир Стојановски.

Во Требишта развиорено македонско оро

Присутните со голема внимателност ја следеа претставата


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"