МПЦ ја посети БПЦ
Делегација на Македонската православна црква, предводена од Митрополитот
австралиско-новозеландски, владиката Петар, престојуваше во Софија по повод
50-годишнината од востановувањето на Патријаршиското достоинство на
Бугарската православна црква. Во рамките на посетата, македонската црковна
делегација, покрај тоа што ги проследила празничните одбележувања, остварила
средби и разговори со претставници на Бугарската и на другите православни
цркви кои присуствувале на јубелејните свечености. Делегацијата не сака да
коментира ништо во врска со разговорите, затоа што оценуваат дека
информациите кои ги давале за јавноста се злоупотребувале и одат на штета на
мисијата на црковните лица за решавање на статусот на нашата црква. Сепак,
посетата на нашата црковна делегација во Бугарија се толкува како
затоплување на односите меѓу МПЦ и БПЦ.
Македонско-црногорски преговори против тероризмот
Владата го прифатила текстот за поведување постапка за водење преговори
за склучување договор меѓу македонската и црногорската Влада за соработка во
борбата против тероризмот, организираниот криминал, нелегалната трговија со
наркотични дроги и други кривични дела. Овој текст, според владиниот
портпарол Чолаковски, треба да биде основа за преговорите за склучување
договор за соработка.
Регионална конференција за граничната безбедност
Регионалната конференција, посветена на прашањето за подобрување на
безбедноста на границите во регионот, чиј домаќин ќе биде македонската Влада,
ќе се одржи на 22 и 23 мај во Охрид.
На Конференцијата ќе учествуваат македонскиот премиер Бранко Црвенковски,
премиерите на земјите од регионот, министрите за надворешни работи, за
одбрана и за безбедност, како и клучни меѓународни личности, меѓу кои и
генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон. Се очекува Конференцијата во
Охрид да даде придонес и да им помогне на земјите од регионот во
зајакнувањето на соработката во борбата против организираниот криминал,
шверцот, недозволената трговија со луѓе и тероризмот.
Илегалки протерани од Македонија
Полициски инспектори од Одделот за откривање и спречување на трговија со
бело робје, наркотици и оружје, со налог, влегле во еден ноќен бар во Струга
и таму откриле странски државјанки кои во државава влегле илегално, а во
барот работеле непријавени и се занимавале со проституција. Станува збор за
пет млади државјанки од Украина и три државјанки на Србија и Црна Гора. По
откривањето, илегалките биле протерани од државава, а против угостителите
каде што биле ангажирани, полицијата подготвила кривични пријави.
Косовски пациенти ќе се лекуваат во Скопје
Клиничките центри во Скопје и Приштина ќе потпишат договор за соработка
што ќе предвидува упатување пациенти од Косово на лекување на клиниките за
кардиохирургија и онкологија, како и едукација на кадри од Косово во
скопскиот Клинички центар.
Македонски иноватори со грст награди
Сите 12 пронаоѓачи од изложбата на пронајдоци, нови технологии и
индустриски дизајн "Пронаоѓаштво Београд 2003" што се одржа во Белград, се
вратија со признанија и награди. Македонските пронаоѓачи освоија златна
плакета, златен, сребрен и бронзен медал.
На Табановце поминаа камионите
Товарниот сообраќај меѓу Македонија и Србија, на граничните премини
Табановце од македонска страна и Чукарка на српска страна, повторно е
отворен за сообраќај. Овој граничен премин беше затворен од страна на
неколку стотина возачи на камиони од Србија и Црна Гора кои беа незадоволни
од поскапувањето на меѓународната такса за транспорт.
Уапсен косовски Албанец
На Македонско-грчката граница бил уапсен косовски Албанец за кој е
распишана потерница за шверц со цигари. Потерницата по него била издадена во
германскиот град Лимбург и проследена до властите на 15 држави од
Шенгенскиот договор.
САРС и во Грција?
Во Грција е хоспитализирана жена за која се смета дека е заболена од САРС.
Доколку се потврди дека пациентката го има вирусот САРС тоа ќе биде првиот
случај на атипична пневмонија во Грција.
|