Двојазичност само во западна Македонија?!

Ситуацијата на Балканот во моментов е тешка и јас најмногу се грижам за Македонија, изјави специјалниот координатор на Пактот за стабилност, Ерхард Бусек во интервјуто за виенски "Стандард". Бусек покрај другото го предложил моделот на јужен Тирол како решение за "прашањето за Македонија", односно двојазичност на само еден регион во земјата.

Нови сквернавења на црквата во Матејче

Шест репродукции на икони и свеќник биле расфрлани во дупките направени од археолошки ископувања во манастирската црква "Успение на Света Богородица", оддалечена 9 километри од кумановското село Матејче. Новите оштетувања биле откриени од кумановската полиција и ОБСЕ минатата недела кои направиле увид во состојбата.

Закани со блокади во Куманово

Владата мора да им овозможи на сите гимназијалци - Албанци од Куманово да учат во еден објект оти во спротивно ќе има бојкот на наставата, протести и блокади на патиштата, предупреди Севим Амети, претседател на Координативниот совет на родителите. Од друга страна, средношколците - Македонци и нивните родители бараат средношколците - Албанци да се вратат во матичните училишта.

Кај Теарце нападната полициска патрола

Група вооружени лица во два трактори нападнале полициска патрола на патот меѓу селата Слатино и Варвара во близина на тетовското село Теарце, минатиот петок. Во престрелката за среќа нема повредени полицајци и не е причинета материјална штета.

Лидерска трка во ВМРО-ДПМНЕ

Никола Груевски успеа да обезбеди поддршка од 30 делегати како услов за кандидатура за лидер на ВМРО-ДПМНЕ на претстојниот конгрес на партијата. Вториот кандидат, Марјан Ѓорчев, веќе го исполни потребниот услов за кандидатура.

Панихида за Делчев во Австралија

Во организација на Одборот за прослава на 100 годишнината од илинденското востание во Волонгонг - Австралија, неделата на 04.05. 2003 година беше организирана Панихида за покој на душата на великанот на македонското револуционерно движење Гоце Делцев и сите знајни и незнајни македонски револуционери кои ги дадоа своите животи
за слободата на Македонија.

Зголемен водостојот на Дојранското Езеро

Водостојот на нашето најјужно езеро е зголемен за рекордни 140 сантиметри во изминатата деценија ипол. Зголемениот дотек на вода придонесе за успешниот мрест на рибите.

Против криминалот - 50 милиони евра

За успешна борба против криминалот е потребна целосна реформа на политичко-економскиот систем. Проценето е дека за имплементација на сите мерки во државната програма за превенција и репресија на корупцијата ќе бидат потребни околу 50 милиони евра.

Претстечајна постапка во "Нова Македонија"

Владата предложи да се отвори привремена стечајна постапка во новинско-издавачката куќа "Нова Македонија" и да се назначи претстечаен управник. Целта е да се заштити имотот и капиталот на фирмата се додека не заврши судскиот спор за раскинување на купопродажниот договор со словенечката фирма "Југ-сторитве".

Истрага против Добри Величковски

Некогашниот директор на ДБК, Добри Величковски, доби судско решение за спроведување истрага против него под сомневање дека, како висок полициски функционер, за време на атентатот врз Киро Глигоров ја злоупотребил службената должност, но и за тоа дека заедно со уште пет лица зел поткуп за друг.

Позитивни оценки за Народниот правобранител

Народните избраници го разгледаа извештајот на Народниот правобранител за 2002 година и позитивно ја оценија работата на заштитникот на интерсите на граѓаните.

"Во најголем број од случаите се интервенирало во сферите на урбанизмот и градежништвото, судството, станбените и имотните односи", истакна Народниот правобранител, Бранко Наумовски.


Апел за хуманост

На 28-годишниот Владимир Танев, кој е заболен од тумор на главата, му е неопходна операција во неуро-хируршкиот центар во Хановер која чини 40.000 евра. Специјалниот број за донации 070/143 - 143 и понатаму е отворен за донации на граѓаните кои со самото јавување донираат по сто денари.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"