|
ЕКОНОМИЈА
Децата уличари обесправени, експлоатирани и изгладнети
"ОЛИВЕР ТВИСТ" НА МАКЕДОНСКИТЕ УЛИЦИ
Пишува: Рената МАТЕСКА
- Македонија е потписничка на Конвенцијата за правата на детето на ООН.
Според тоа, во Македонија на секое дете му се признава правото за заштита
од економска експлоатација и работа врз дејности што му го попречуваат
образованието или му пречат во психофизичкиот развој. За жал, тоа кај нас
е само мисловна именка.
- Анализите од Центарот за социјална работа говорат дека овие деца се од
несредени семејства каде сиромаштијата, алкохолот, проституцијата,
кражбите, малтретирањето, се нивно горко секојдневие.
- Да, најлесно е да се замиже и да се однесуваме како да не постојат
питачите, бездомниците и луѓето без покрив над главата. Добро е да се биде
слеп и да не се гледаат грдите слики на денешницата!
Г и има на Камениот Мост во Скопје,
на сите крстосници, питаат за парче леб или ги чистат автомобилите за некој
денар. Децата, питачи и бездомници се за жал грубата реалност и
хендикепираност на нашето општество. Статистиката говори дека само во Скопје
има триста и шеесет деца кои живеат под ведро небо. Овие деца не одат ниту
во градинка, ниту на училиште. За нив нема постојан топол оброк, нема
медицинска грижа, нема топло семејно огниште. Тие најчесто се препуштени на
грижата самите на себеси, а не ретко во нивното питачење се вмешани и
нивните родители, најчесто социјално загрозени случаи. Сепак, општеството е
тоа чијашто должност е да ги згрижи овие невини суштетва кои дури од бебиња
се изложени на суровата страна на животот.
Ве молам ако имате десет денари да ми дадете, ако немате Ви благодарам,
како песничка наизуст одѕвонува гласот на едно Ромче кое питачи на
Камениот Мост во Скопје. Останува нејасно дали детето само ја измислило дури
љубезната парола за собирање милостина, или пак некој повозрасен го научил
на тоа?!
ПРАВА
На секое дете треба да му се обезбеди минимум егзистенција, да му се даде
можност да се образува, да му се обезбеди здравствена заштита, да му се
создадат услови да живее со своите родители во среќа, љубов и разбирање, со
цел да се овозможи целосен и сообразен развој на неговата личност,
констатира Невенка Крушаровска, заменик Народен правобранител, раководител
на Одделението за заштита на правата на децата.
Со цел на детето да му се обезбеди правото на соодветен животен стандард
би требало во законската регулатива да се дефинира минимумот животен
стандард кој мора да му се обезбеди на детето. Мора да се воведат и одредени
стимулативни мерки за посетување на наставата, да им се даваат бесплатни
учебници, бесплатна ужинка, превоз и покривање на другите трошоци околу
нивното образование. Ако сакаме да го намалиме проблемот со уличните деца
мора да им се обрне посебно внимание на оние семејства чии деца се на улица,
а особено на оние семејства кои намерно ги праќаат или ги присилуваат да
одат на улица и да питачат, потенцира Крушаровска.
Кај нас, за жал, и во случај да постои закон за дефинирање на минимумот
животен стандард тешко е веројатно дека тој и практично ќе се применува.
МИЛОСТИНА
Ретко кој може да им одолее на малите босоноги и скоро голи деца кои
лежат на картонски кутии, а да не им фрли по некој денар. Но многумина
остануваат разочарани кога гледаат како тие деца потоа парите ги трошат за
цигари или пак ги даваат на постаро лице кое од страна ја следи нивната
работа и ги собира плодовите. Тоа впрочем е и суровата реалност на тажната
животна судбина на децата - питачи. Тие од страна на постари лица, а
најчесто од нивните родители, се наведувани да бараат милостина и со тоа од
мали нозе да заработуваат. Некој преку експлоатацијата на децата просперира,
заработува. Тука и би требало да се осврнат надлежните служби и да ја
спречат оваа злоупотреба на децата. Слично е и со уличните мали работници
кои ги чистат шофершајбните на автомобилите додека трае црвеното светло на
семафорите на крстосниците. Исто и тие се упатени од други повозрасни лица
кои всушност живеат на нивниот грб.
Овие деца најчесто се и изгладнети и покрај тоа што "заработуваат" со
питачењето, а народните кујни се не ретко спас за празните стомаци.
Статистиката говори дека децата питачи се најчесто припадници на ромската
националност. Многумина од минувачите се однесуваат како ваквите лица
воопшто да не постојат, како да не се реална слика во нашава држава. Да,
најлесно е да се замиже и да се однесуваме како да не постојат питачите,
бездомниците и луѓето без покрив над главата. Добро е да се биде слеп и да
не се гледаат грдите слики на денешницата!
АКТИВНОСТИ
Центарот за социјална работа е надлежен да ги следи незгрижените деца кои
питачат по улиците. Анализите од Центарот за социјална работа говорат дека
овие деца се од несредени семејства каде сиромаштијата, алкохолот,
проституцијата, кражбите, малтретирањето, се нивно горко секојдневие. Како
дел од мерките коишто ги презема Центарот е и одземање на запуштените деца
од семејствата!
Илјадници деца во Македонија секоја година се принудени да извршуваат
тешки физички работи и да заработат за живејачка за себе и за своите
родители. Странски известувачи произнесуваат информации дека во западна
Македонија дури се регрутираат деца кои потоа војуваат за разни косовски
паравоени формации. Голем број "мали робови" се користат и за шверцување
дрога, алкохол и цигари преку границите на Балканот и во Македонија.
Овие деца секој ден од утро до вечер крстосуваат по градските булевари,
ресторани, ноќни локали и низ трговските центри и продаваат цигари. Голем
број малолетници годишно во Македонија престануваат да ги посетуваат
часовите во основните училишта во земјава и почнуваат да работат за
потребите на локални газди или за своите родители и покрај задолжителното
посетување на наставата во основното образование, кое е регулирано со
Уставот на нашата земја.
Луѓето мислат дека во Македонија нема експлоатација на детскиот труд, но
факт е оти во последниве години и нам ни се случува "Оливер Твист" за што во
голема мерка е виновна економската ситуација во Македонија. Сиромаштијата
придонесува голем број деца да бидат препуштени сами на себе, а многу
родители мислат дека детето е нивна сопственост и оти со него можат да
прават што сакаат. Вакви се ставовите на поборниците за правата на децата од
неколкуте организации кои уште велат дека во Македонија се среќаваат речиси
сите облици на детски труд, освен ропството. Најлошите видови детски труд
што се среќаваат во земјава, според нив, се трговијата со деца, детската
проституција и порнографија и нивната употреба во извршувањето криминални
дејства за потребите на трети лица или на родителите, вклучувајќи ја и
трговијата со дрога. Децата во Македонија се искористуваат и за извршување
работи што се штетни за здравјето, моралот и за сигурноста. Сепак, како
најчести форми од овој вид експлоатација се питањето, работата на "крстосници",
работа на ниви или чување добиток. Познавачите на ситуацијата на злоупотреба
на детскиот труд во Македонија велат дека во руралните средини, особено во
планинските краишта постојат голем број деца кои не го завршуваат основното
образование, зашто се принудени целиот ден да го минуваат чувајќи добиток
или работејќи по нивите, што особено се среќава во пролетниот и летниот
период. Тие велат дека голем број од родителите воопшто и не се свесни оти
со вклучувањето на децата во таквите активности и негрижата за продолжување
на образованието, се нарушува нивниот интелектуален развој, а во исто време
децата му стануваат робови на традиционалниот менталитет што не го носи
општеството напред. Се смета дека клучот за спас на општеството од пропаста
на децата-питачи е во образованието. Според Законот за основно образование,
родителите кои своите деца не ги пуштаат на училиште или не се грижат за
нивната редовност на часовите, се казнуваат со 1.500 денари. Со плаќањето на
оваа казна, родителите може цела година своите деца да не ги пуштаат на
училиште и да ги користат за свои цели. Во минатата година бројот на
учениците што и покрај законската обврска не присуствувале на часовите во
основните училишта каде што се запишани, е 776 евидентирани деца. Од тие
случаи, судовите решиле само 178, а другите или се застарени поради
преголемата блокираноста со судски материјали, или инспекторите не успеале
да стапат во контакт со родителите.
Македонија е потписничка на Конвенцијата за правата на детето на ООН.
Според тоа, во Македонија на секое дете му се признава правото за заштита од
економска експлоатација и работа врз дејности што му го попречуваат
образованието или му пречат во психофизичкиот развој. За жал, тоа кај нас е
само мисловна именка.
|