изјави министерот за финансии, Петар Гошев.
Франек Розвадовски, шефот на Мисијата на ММФ за Македонија, ја почна
контролата на спроведувањето на економската политика што Македонија ја
договори со Монетарниот фонд. Домаќинот на Розвадовски, министерот за
финансии Петар Гошев, ја повтори најавата за корекција на цената на струјата.
Гошев појасни дека ММФ инсистира јавните претпријатија да не создаваат
поголеми загуби од предвидените кога се планираше Буџетот за годинава, и
затоа ЕСМ треба да направи рационализација.
На граѓаните им преостанува да се запрашаат како да изнајдат начин да ги
платат зголемените сметки од ЕСМ.
ОТПУШТАЊА
ЕСМ ќе отпушти 1.100 вработени и на тој начин ќе се обиде да излезе од
кризата во која, како што многупати досега потенцираа од раководството на
ова претпријатие, ги довело претходното недомаќинско работење на
екс-директорот Ламбе Арнаудов.
Повеќе од 1.100 вработени од ЕСМ ќе се најдат на улица
Отпуштањата во ЕСМ ги сметаат како прва фаза од програмата за технолошки
вишок, како мерка за спас на компанијата. Од 1999 до 2002 година имало
2.127. ЕСМ во наредните шест месеци како технолошки вишок ќе отпушти 1.100
вработени. Оваа програма за намалување на превработеноста во компанијата
започна да се операционализира од пред извесно време во сите подружници во
државата. Кој ќе биде отпуштен како економски вишок од ЕСМ, ќе се одреди со
бодување на вработените во службите во кои има дуплирање или триплирање на
кадри на едно работно место, појаснуваат од ЕСМ.
Ќе се бодираат стажот, работното искуство, стручната подготовка на
кадрите. По бодирањето, тие што ќе бидат отпуштени како технолошки вишок, ќе
бидат известени три месеци однапред, а ќе добијат надомест во вид на
испратнина во висина од едномесечна плата. Во ЕСМ во моментов има 9.431
вработен, што е премногу за една ваква компанија. Анализата на тешката
состојба во ЕСМ, што ја направија нашите менаџери, ресорните министерства и
меѓународните финансиски институции, покажа дека за надминување на кризата
во која е доведена компанијата мора да се преземат вакви ригорозни мерки -
отпуштања, вели портпаролот на ЕСМ, Сашо Новевски.
Ваквите најави за отпуштања предизвикаа возмениреност кај вработените, а
во јавноста произлегоа многу реакции и критики меѓу кои и реагирањето на
Здружението на граѓани кое јавно ги осуди отпуштањата од ЕСМ.
ИСКЛУЧУВАЊА
ЕСМ исклучи над 10 илјади скопски семејства, а такви најави има и за
многу домаќинства во државава со ненаплатен долг кон струјаџиите. Вкупниот
долг што Електростопанство од скопските корисници треба да го наплати
изнесува околу 40 милиони евра.
Скопската подружница на ЕСМ во последните два месеца во Скопје и околните
села им ја исклучила струјата на 10.537 корисници, од кои 102 должници се
правни субјекти, а 10.435 се домаќинства, дуќани и угостителски објекти.
Вкупниот долг што ЕСМ од скопските корисници треба да го наплати изнесува
околу 40 милиони евра. Во него се пресметани и стари, оптужени долгови од
околу 18 милиони евра. Портпаролот на ЕСМ, Сашо Новевски, вели дека на
територијата на Скопје и околните села дневно излегуваат 30 екипи за
исклучување на струјата на должниците, во кои покрај техничарите има и по
еден инкасатор, во случај некој од должниците да сака да си го плати долгот.
ЕСМ ги поделило скопските должници во три категории според износот на
долгот. Во првата група има 646 корисници со поединечен долг од над 150
илјади денари. Во втората група има 3.329 должници со поединечни долгови од
50 до 150 илјади денари, а третата група должници е најголема со 3.446
должници со поединечен долг од 25 до 50 илјади денари. Од ЕСМ признаваат
дека за разлика од центарот на градот, каде генерално струјата редовно се
плаќа, во Мојанце, Живиње, Св. Петка, Грачани, Добрино наплатата се уште е
нула, а во Арачиново, Дражилово, Горно Свиларе плаќаат само пет отсто од
корисниците.
Покрај непопуларното исклучување на струјата како мерка за наплата на
долговите, ЕСМ се обидува да си ги оствари побарувањата и преку директни
контакти со должниците, при што им се нудат можности за плаќање на рати.
Така, потврдените социјални случаи можат долгот да го платат на 10 рати без
камата, преостанатите граѓани можат да платат на 6 или 8 рати, а правните
субјекти можат да плаќаат на 12 рати со камата. Сепак, залудни се можностите
за плаќање на рати кога социјалните случаи немаат ни за парче леб!
МОНАСИТЕ ВО МРАК!
"Електродистрибуција - Прилеп" пред неколку недели го предупредила
манастирскиот комплекс во село Зрзе дека ќе му ја исклучи струјата поради
ненаплатени сметки за 2002 и 2003 година. Во писменото предупредување
испратено до монасите се вели дека ако во рок од 24 часа не ја платат
сметката од над 883 илјади денари, ќе им ја прекинат испораката на
електрична енергија. Потоа, кога ќе сакаат повторно да се приклучат ќе треба
да ги платат и овие трошоци. Во манастирот живеат неколку монаси, кои не
заработуваат пари, се хранат со зеленчукот од бавчата што ја работат и
зависат од донации на добрите луѓе. Монасите велат дека не им се верува оти
од толку многу неплаќачи, компанијата најпрво сака да се пресмета со
манастирот, односно со Македонската православна црква која материјално е
слаба.
Господ нека им е на помош. Цели региони, претежно населени со албанско
население, не плаќаат струја, а кога државата тргна да ги наплати сметките,
жителите веднаш се заканија со граѓанска непослушност. Ние сме немоќни. Ние
си немаме наш Батлер да не заштити. Кога ќе посакаат можат да не исклучат,
велат монасите.
Ако "Електродистрибуција - Прилеп" им ја исклучи струјата, монасите велат
дека ќе се жалат и кај премиерот Бранко Црвенковски. Во селото Зрзе живеат
околу 50-тина постари жители кои зависат од помошта од монасите. Со комбето,
кое манастирот го добил од иселено семејство од Зрзе, монасите ги
превезуваат селаните кога сакаат некаде да одат, или кога треба некој да се
однесе во болница. А, кога треба да се пазари, монасите купуваат и за себе и
за селаните од Зрзе.
ЕСМ неделава стартуваше со исклучување на селата во кои процентот на
наплата е под 10 отсто, а досега исклучија села од Кумановско, Прилепско и
Скопско. Најголеми неплаќачи на електрична струја се селаните од Арачиново,
Танушевци, Брест, Малино, Липково, Голема Речица, Мала Речица, Селце,
Боговиње, Јеловлање, Слупчане, Виштица, Ваксинце, Опае, Лојане, Горно
Свиларе, Патишка Река. Претежно во овие населени места живее албанско
население кое воопшто не плаќа електрична енергија.