ПОЛИТИКА

Незадоволство на нашинците во Голо Брдо од односот кон нив и од албанската и од македонската власт

МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНСТВА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО АЛБАНИЈА

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Жителите на Голо Брдо, Република Албанија, бараат да се воведе македонскиот јазик во училиштата во Албанија. Од македонската Влада сакаат да им даде македонски државјанства и македонски пасоши.
  • Едно од нивните барања е и отворање на граничниот премин Требишта - Џепиште, кој некогаш постоел.

Во Република Албанија живеат од 120.000 до 150.000 Македонци коишто македонскиот јазик го користат како нивен мајчин јазик. Во албанската држава Македонците се лоцирани во три области: Мала Преспа, Голо Брдо и Гора. Голема концентрација на Македонци има во Тирана, Елбасан, Берат, Драч, Корча, Поградец и други градови во Албанија. Но, освен Македонците од Преспа, кои се признати како Македонци, преостанатите ширум Албанија немаат никакви прави, односно немаат право да учат на својот мајчин македонски јазик, немаат статус на малцинство и немаат свои претставници во администрацијата и во другите структури во Албанија.

Село Требишта

Иако Македонците во Албанија немаат право во училиштата да учат на македонски јазик, него го научиле од своите предци. Тие од македонската Влада бараат да се воведе македонскиот јазик во училиштата во Албанија. На традиционалната ѓурѓовденска средба со нив во месноста Драган, Голо Брдо, тие им порачаа на македонските власти дека пред да умрат сакаат да добијат македонско државјанство и македонски пасош. Жителите на овие краишта, не потсетија и на Конгресот во Охрид, каде Македонците од сите делови на Македонија и соседството, подготвиле Резолуција која ја испратиле до албанската Влада и до европските институции, а која се однесува на подобрување на положбата на Македонците во Албанија и пошироко.

Иако во последните месеци се забележуваат некои позитивни чекори кон подобрување на положбата на македонското малцинство во Албанија, според кажувањата на тамошните Македонци, сето тоа е само пропаганда.

КОНТАКТИ

Македонците од Албанија, како што вели господинот Кимет Фатаху, претседател на Македонското друштво "Мир" во Тирана, имаат контакти со македонската Влада, но односот на оваа Влада кон македонското малцинство во Албанија не е баш најдобар. Според него, проблемот лежи во македонското општество.

"Судбината на Македонија е поврзана со судбината на Македонците во соседните земји", Кимет Фетаху

Ѓурѓовден во Голо Брдо прославен со македонски ора

Воденицата во село Требишта

Во моментов, вели Фетаху, Македонија е во економска криза, има проблеми со својата политичка стабилност, а албанското население на Балканот во моментов е многу интересно за некои геополитички стратегии на Европа и Америка. Но, тоа не значи дека треба да се занемари односот на македонската Влада кон македонското малцинство во Албанија. Ние сакаме почесто да контактираме со претставниците од македонската Влада, да седнеме со нив на маса, да размениме мислења за актуелните проблеми.

Идејата на екс-премиерот на Република Македонија, Љубчо Георгиевски, за Фетаху не е ништо чудно и ново.

Во 1992-93 година Албанците во Македонија, односно Струга, прогласуваа Република Илирида. Сигурно дека јас не можам да се согласам со таквите мислења и сметам дека тие не треба да се сфатат сериозно. Не е време за такви решенија. Мислам дека во тие тези се крие вистината во која живее македонското општество, односно бегање од проблемите кои е невозможно да се решат во рамките на системот на Македонија, односно тезите на Георгиевски го покажуваат она што врие во моментов во македонското општество. Сметам дека и Албанците во Македонија кои се македонски државјани треба да се подеднакво одговорни за сите проблеми со кои се соочува македонската држава. Ќе беше многу интересно да се посочеа тези како треба и како мора да се гради една здрава македонска држава. Сакам да кажам дека секое рушење на Македонија како држава не може да биде во корист на Македонците во соседните земји. Јас ја застапувам тезата дека судбината на Македонија е поврзана со судбината на Македонците во соседните земји, вели Фетаху.

Според него, постои добра координација помеѓу владите на Тирана, Скопје и Загреб, за влез во евроатлантските структури.

ЖИВОТ

Во месноста Голо Брдо, Република Албанија, според кажувањата на тамошните Македонци, постојат 33 села. Од нив во 16 - 18 села се зборува на македонски јазик. Животот на Македонците во Голо Брдо е мошне тежок. Жителите на овој крај, поради стрмниот планински неасфалтиран пат се отсечени од поголемите албански градови, односно од цивилизацијата. Поради лошите услови на патот, многу жители од овие краишта, умирале по патот. Таква е приказната и за еден Македонец кој од печалба се враќал во Требишта. Поради отсечената комуникација со Македонија, жителите бараат да се отвори граничниот премин Требишта - Џепиште, кој некогаш постоел.

Во реонот на Голо Брдо, меѓу преостанатите села се: Стеблево, Клење, Малестрени, Требишта, Мало Острени итн.

Во Клење, според кажувањата на Вељо Цварков, кој потекнува од селото Ѓинеец, а кого го сретнавме во селото Требишта, сега има 12 -13 куќи. Во училиштето во ова село (во кое тој бил директор од 1964 до 1970 година), до 1990 година имало 13 учители.

Едно од селата во овој регион е и селото Врница во кое, според кажувањата на жителите од овие краишта, некогаш постоело и македонско училиште. Во селото се наоѓа селска црква изградена многу одамна, а сега е оставена на забот на времето.

Во селото Требишта, како и во преостанатите села од Голо Брдо, од кои поголемиот дел се исламизирани Македонци, луѓето претежно се занимаваат со земјоделски работи. Имаат малку добиток, малку имот. Дел од нив имаат и имот кој се наоѓа на другата страна на границата. Некои, пак, се добри мајстори - ѕидари и работат надвор од Албанија. Во Требишта некогаш имало околу 3.000 - 4000 жители. Но, поради лошите услови за живот, многумина спасот го побарале во околните градови во Албанија. Селото Требишта е поделено на неколку маала и во него има неколку основни училишта. Во Мало Острени, пак живеат околу 1.000 жители. Селаните од ова село велат дека никој од властите во Албанија досега не ги посетил.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"