ИНТЕРВЈУ

ПАРЛАМЕНТАРКИ: Ристана Лалчевска, пратеничка во Собранието на Република Македонија

БРОЈКАТА ОД 22 ЖЕНИ Е ПОЧЕТЕН УСПЕХ, НО НЕ Е И КРАЈНА ЦЕЛ!

Разговарала: Рената МАТЕСКА

  • Точна е констатацијата дека се уште владее мислење оти политиката е свет на мажите. Меѓутоа, јас лично верувам дека по одредено време ќе се промени таа констатација.
  • Жената во Парламентот во овој состав постигна навистина завиден успех. Досега Македонија немала 22 жени во Парламентот. Позади овие жени стои една армија на жени кои се бореа на сите полиња за да ја вратат жената во политиката и во јавниот живот.

МС: Дали постои некое правило според кое е наведена возраста потребна за жената активно да се вклучи на политичката сцена и какво е Вашето искуство?

ЛАЛЧЕВСКА: Правило не постои во однос на жената за да може активно да се вклучи во политиката, меѓутоа кога би ги анализирале работите, би виделе дека постои едно биолошко правило. Според тоа правило жената има еден период во животот кога ги раѓа и ги подига децата, така што таа тогаш е временски ограничена за преостанатите обврски. Но, сметам дека и тоа не би преставувало никаква пречка доколку се има волја и капацитет за извршување и на други обврски.

МС: Која е Вашата професија и како се случи да запловите во политичките води и на која возраст?

ЛАЛЧЕВСКА: Јас по професија сум дипломиран правник, што е многу блиску до она што сум денес - претставник во законодавниот дом и секако и добра подлога за занимавање со политика. Поактивно се вклучив во политиката по подигањето на децата. До нивната школска возраст јас немав доволно време за активно да се вклучам во политиката, иако и тогаш не бев надвор од политиката. Тогаш бев активна на локално ниво, но со пораснувањето на децата јас имав време за повеќе да се посветам на политиката. Моето активно вклучување во политиката се случи кога имав 35 години, во 1996 година.

МС: Дали цените дека жените може да се носат рамо до рамо со мажите во светот на политиката?

ЛАЛЧЕВСКА: Да, во секој случај ценам дека жената има потенцијал. Како интелектуален, така и во однос на енергијата и организираноста ги има сите компоненти за да може рамноправно да се носи со колегите во политиката од машкиот пол.

МС: Колку досега имавте проблем со фактот дека сте жена во светот на мажите, како што обично се вели за политиката?

ЛАЛЧЕВСКА: Точна е констатацијата дека се уште владее мислење дека политиката е свет на мажите. Меѓутоа, јас лично верувам дека по одредено време ќе се промени таа констатација. Дали имав проблем со фактот дека сум жена во светот на мажите? Проблеми имаше, но јас секогаш пронаоѓав начини да ги убедам своите колеги оти јас можам рамноправно со нив да учествувам во политиката. За мене никогаш таквата борба не запира. Мислам дека полека почнува да се менува сфаќањето за жената во политиката. Колегите се повеќе почнаа да прифаќаат дека жените имаат капацитет да бидат заедно со нив во политичките води.

МС: Дали жените-парламентарки имаат време и за своето семејство?

ЛАЛЧЕВСКА: Време за семејството мора да има. Ако се водиме по таквото мото, тогаш со добра организација ќе успееме и да бидеме успешни во политиката и да го подигаме своето семејство. Жената многу му значи на своето семејство, особено на своите деца. Тие 24 часа во денот може добро да се организираат и да се има време за се. Наидувам на проблеми, но се трудам со сите сили да ги надминам. Се трудам моето отсуство од дома да биде што е можно понезабележително. Проблемот не е во временското дружење, туку јас се трудам да внесам квалитет и интензитет во дружењето со децата.

МС: Како е да се биде мајка-парламентарка?

ЛАЛЧЕВСКА: За мене е посебно искуство да се биде мајка парламентарка затоа што покрај многуте убави нешта е и тоа што моите деца можам да ги воспитувам во духот на парламентаризмот. Моите деца преку мене индиректно имаат и контакт со Парламентот и имаат можност да создаваат едно чувство за исправност, достоинство, почитување на законите и се она што јас преку мојата работа можам да им го дадам. Се надевам дека сето тоа позитивно ќе влијае врз нив. Имам ќеркичка која е во прво оделение и син кој има десет години. Се надевам дека од нив ќе направам вистински личности.

МС: Жената пред се е предодредена да биде мајка. Дали тоа според Вас претставува хендикеп во градењето на политичката кариера?

ЛАЛЧЕВСКА: Да се биде мајка не може во никој случај да биде хендикеп. Тоа е прекрасно чувство. Всушност и човештвото не би постоело ако жената не би била мајка. За градењето на политичка кариера не треба да се смета како хендикеп. Сметам дека мајчинството треба да биде поттик плус, еден извор на енергија за градење кариера. Јас лично можам да кажам дека ги полнам батериите кога сум во кругот на семејството.

МС: Колку и дали Вашето семејство има разбирање и оправдување за Вашите чести политички ангажмани?

ЛАЛЧЕВСКА: Моето отсуство сигурно дека го чувствува моето семејство. Меѓутоа, јас имам потполна поддршка од семејството кое научи како да го компензира моето отсуство. Голема е поддршката која ми ја дава мојот сопруг на кого сега паѓаат голем дел од обврските кои претходно јас сум морала да ги извршувам. Кога сум дома семејството интензивно е со мене. Со договор и разбирање може се да се постигне. Поддршката од сопругот ми е многу важна и јас сум сигурна дека и кога сум отсутна се е во ред со моите деца.

МС: Која беше причината поради која се вклучивте во политиката и дали сметате дека може да се биде успешен и во политичката кариера и во градењето хармонично семејство?

ЛАЛЧЕВСКА: Во времето кога интензивно се вклучив во политиката почувствував еден порив дека јас можам да придонесам да се променат работите во државата кон подобро. Тој порив, тоа чувство дека можам да придонесам за добро на државата ме поттикна активно да се вклучам во светот на политиката. Дали можам да бидам успешна и да направам кариера, ќе покаже времето. Сметам дека сегашното мое активирање во Парламентот не е така случајно. Не е лесно да се добие гласот на народот.

МС: Дали покрај сите обврски наоѓате време и за самата себе за нега и одржување на изгледот?

ЛАЛЧЕВСКА: Одржувањето на изгледот на жената политичар е многу важно. Изложеноста во јавноста за жената-политичар е многу потешка, бидејќи мора да внимава каква & е фризурата, гардеробата, рацете, лицето и слично. Мислам дека мажите ги немаат ваквите проблеми. Жената на ова поле мора многу да внимава и да се труди околу својот изглед. Секако дека јас внимавам мојот изглед да биде секогаш пристоен, во согласност со имиџот на една парламентарка. За мене уреден изглед значи чисто, уредно лице, дискретен мејкап, негувани раце, фризура и пристојна облека.

МС: Повеќе од очигледно е дека жената е се повеќе застапена во Парламентот. На што се должи тоа и дали очекувате во иднина да дојдеме до 50 отсто застапеност на жените во оваа институција?

ЛАЛЧЕВСКА: Жената во Парламентот во овој состав постигна навистина завиден успех. Досега Македонија немала 22 жени во Парламентот. Позади овие жени стои една армија на жени кои се бореа на сите полиња да ја вратат жената во политиката и во јавниот живот. Сите женски организации се обединија за остварување на поголеми права на жената. Женското лоби кое пред три години почна многу активно да работи направи многу за развивање на сенсот за женските прашања и доведе до оваа бројка од 22 парламентарки. Сметам дека овој број и понатаму ќе се зголемува, доаѓаат локалните избори, потребни се поголем број жени и на локално ниво. Таа борба не запира. Бројката од 22 жени е почетен успех, но не е и крајната цел! Дали ќе стигнеме до бројката од 50 отсто зависи од жените кои сега се во Парламентот. Како тие ќе се покажат и дали ќе докажат дека имаат капацитет да учествуваат во политиката, ќе биде пресудно за понатамошното присуство на жената во светот на политиката. Мислам дека не треба да се брза, треба да се оди чекор по чекор. Законот за избори каде што беше утврдена квотата од 30 отсто застапеност на жената е една голема победа која придонесе да се движиме во оваа насока. Моменталната состојба е 18,3 отсто која според мене не задоволува, но сепак како првичен успех не е за потценување.

МС: Која би била Вашата порака до жените со амбиции да бидат идни парламентарки?

ЛАЛЧЕВСКА: Мојата порака би била многу куса. Сите оние што се амбициозни, што чувствуваат во себе енергија и потенцијал, не треба да се срамат и да се стегаат да го вградат потенцијалот во државата и во нашата иднина и иднината на нашите деца. Тоа можат да го сторат преку вклучувањето во политиката и во јавниот живот. Јас сум сигурна дека жените имаат голем потенцијал во себе и сите што се амбициозни треба цврсто да чекорат напред.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"