ПОЛИТИКА

ВМРО-ДПМНЕ меѓу чеканот и наковалната

ВИНОВНИКОТ ГЕОРГИЕВСКИ (НЕ)ОБВИНЕТ ЗАМИНУВА!?

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Лидерот не оди во историјата, туку и натаму ќе влијае врз работата на Партијата. Но, сега од сенка може полесно да ги преживее нападите што му ги приредува сегашната владејачка гарнитура на чело со СДСМ.
  • За драстичниот пад на ВМРО-ДПМНЕ е виновен Георгиевски кој дозволи многу лошо да владее со Република Македонија. Неговите пулени се во притвор, а тој не успеа да уапси некој функционер на политичкиот противник кој директно е вмешан во аферата ТАТ. Тој е виновен и за распаѓањето на Македонија онаква каква што ја замислувавме, бидејќи потписот на Георгиевски стои на Рамковниот договор склучен во Охрид во 2001 година.

Ерата на Лубчо Георгиевски не завршува со кон-гресот во Охрид, туку тој и натаму ќе биде исклучително влијателна личност во ВМРО-ДПМНЕ и на политичката сцена во Република Македонија. Но, сега од фаза на мимикрија, ем богат, ем наконтен, многу лесно ќе може да го боцка својот лут противник Бранко Црвенковски, бидејќи во политиката ќе го втурне банкарот Груевски. Но, и да не му се остварат желбите, за него нема "пардон" за раководителите и функционерите на СДСМ. Без разлика дали овој контроверзен политичар доброволно, или под притисок на меѓународниот фактор ја напушта лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ, тој активно ќе биде ангажиран во дејствувањето на партијата.

Сепак, Георгиевски е најголемиот виновник што Партијата моментално е обезглавена и постојано се наоѓа на тапет на владејачката гарнитура која под превезот на борбата против корупцијата ги притвори оперативците на ВМРО-ДПМНЕ, чие владение, кражби и присвојување на државниот капитал, се евидентен фактор во намалувањето на рејтингот на овој политички фактор во Македонија.

УНИШТУВАЊЕ

ВМРО-ДПМНЕ сама се сопна, односно сама си го ископа гробот на парламентарните избори во 2002 година, бидејќи прво, никогаш јавно не се откажа од МПО и бугарофилите чии копјаници (насилници) неодамна ги нападнаа новинарите пред Судската палата во Скопје и затоа ја загубија војната со медиумите. Второ, многу лошо ја водеше Република Македонија, а притоа дури и ја (до)опљачка државата и ја предаде на албанските екстремисти. Впрочем, нејзините раководители никогаш не се обидоа да уапсат или притворат некои функционери од претходната гарнитура којашто повторно се врати на власт благодарение на нивното негативно владение.

Затоа сега никој не му верува на Георгиевски што дури во овој миг се откажа од Рамковниот договор. Зошто тоа јавно не го направи во Охрид во 2001 година? Очигледно само нему и на пресметките на Џафери му одговараше теоријата за поделба на Македонија, но Македонците не ја лапнаа јадицата. Оттаму се и денешните последици, или како што размислува Георгиевски, Македонија по 2001 година никогаш нема да биде иста онаква како што сме ја замислувале.

Навистина Република Македонија никогаш нема да биде иста, благодарение и на неговиот потпис кој стои на документот на Рамковниот договор. Но, тој имаше шанса земјава да ја доведе пред портите на Европската унија. Меѓутоа, неа ја прокоцка како што се коцкаше и се договараше со другите сојузници во Владата. Затоа сега ВМРО-ДПМНЕ како партија е доведена на ова дереџе и од таму ќе се извлече само ако се дистанцира од него, од Доста Димовска, Ненад Новковски, Димитар Димитров, Сашо Станинов, Војо Михајловски, Ламбе Арнаудов, Драган Даравелски и други кои придонесоа за драстичниот пад на земјава и на Партијата.

Сонот дека ќе владее уште еден четиригодишен мандат падна уште во оној момент кога на конгресот во Струмица ја славеше победата на парламентарните избори во 1998 година. Тогаш "револверашите" Сашо Станинов, Пане Велев и Љубе Бошкоски, непримерно и нецивилизациски си играа мајтап со правните процедури во гонењето на стопанскиот криминал, односно во ловот во матно не успеаја да уловат ниту еден функционер на СДСМ кој беше вмешан во аферата ТАТ. Потоа, не успеаја да ги расчистат контроверзните приватизации што започнаа да се реализираат во периодот од 1992 до 1998 година. Во меѓувреме растеа апетитите кај одделни функционери во ВМРО-ДПМНЕ. По аферата со тајванскиот ангажман, набргу се надоврза контроверзната продажба на "ОКТА" чии последици и денес се чувствуваат, бидејќи пеналите ќе ги плаќаат македонските граѓани. Притоа, од ден на ден се замрсуваше клопчето околу власта така што инаугурацијата на претседателот Трајковски беше само логична последица на насилието и разнишаната позиција на демократијата во земјава. На ваквата рашомонијада му кумуваа и меѓународните фактори кои му ја признаа победата на Трајковски, иако го констатираа насилството и лажирањето со гласачките кутии во албанските средини.

Во тој период напнатоста во Република Македонија се зголемуваше, а дури подоцна се распламти. Во тој четиригодишен мандант Георгиевски успеа само да преживее политички преврат кој го доби со поткуп, мито и корупција на одделни пратеници што прво му беа верни на Циле, а потоа се преориентираа во разни политички партии или струи кои денес згаснаа или се минорен фактор во политичкото милје во државава. Тоа исклучително се одрази врз институциите на системот, бидејќи забрзано се работеше на разбивањето и уништувањето на полицијата и на АРМ. Колку беше важен одбранбениот систем се покажа во 2001 година кога колабира под притисокот на албанските екстремисти и под влијанието на македонските политичари кои попуштија пред меѓународната пресија која им се закануваше со затвор, процеси и со Хаг. Оттаму се што се случуваше во горенаведениот период е само природно наследство од лошата работа на ВМРО-ДПМНЕ и Георгиевски.

АФЕРИ

На почетокот од терористичките напади, во Министерството за одбрана пукна аферата со расипаните паштети за војниците. Тогашниот министер за одбрана, Љубен Пауновски, беше обвинет дека депонирал околу 11 милиони германски марки на фирмите на неговиот дедо и неговиот баџанак. Стануваше збор за фирмите "ХС компани" и "Турист маркет".

По обелоденувањето на аферата, Пауновски тврдеше дека не е виновен и дека некој сака да му го наметне овој скандал. Тој тогаш најави дека ќе ги открие имињата на опструкторите и интригите во неговиот Кабинет и потенцираше дека е на повидок војна меѓу Георгиевски и екс-министерката за внатрешни работи, Доста Димовска. Пауновски потенцираше дека не учествувал во изборот на фирмите и дека дополнително дознал оти неговиот дедо и баџанак станале соосновачи на фирма неколку месеци по парафирањето на договорот со кој требало да се градат евтини станови за воени лица и дека периодот во кој се извршени набавките едноставно не дозволувал да се спроведе постапка за тендер, особено ако се знаело дека Армијата е оставена со празни магацини. За оваа афера на Пауновски се уште се води судски процес.

Во 2001 година беше обелоденета уште една афера поврзана со високи функционери на тогашна владејачката гарнитура, ВМРО-ДПМНЕ. Во текот на октомври месец МВР поднело неколку кривични пријави против царински работници за учество во организиран криминал, односно шверц, недозволени тргувања со нафтени деривати, компјутерска опрема и јужно овошје. Всушност, во тоа време се водеше бизнис-војна помеѓу Љубе Бошкоски и Драган Даравелски, која беше продолжение на битката со сопрениот контингент цигари за извоз од Прилепскиот комбинат. Неколкуте камиони цигари зад кои, како што се шпекулираше, стоел Љубе Бошковски во зделка со Република Српска, Даравелски упорно одбивал да ги царини и да ги пушти за извоз, за што Бошковски начекал можност и му пратил порака на Даравелски дека и тој може да го притисне. Тогашниот прв цариник на државата, енергично ги отфрли ваквите претпоставки, тврдејќи дека камионот со цигари не бил пропуштен на барање на некои внатрешни луѓе од Комбинатот, а не по нивна желба.

Во февруари 2001 година во јавноста проструи информација дека извесен Љубе Бошковски добил милион долари за зделка со ориз, односно дека еден милион долари се префрлени во "Унион банка" во Женева на сметка на извесен Љубе Бошковски. Според факсовите (1 октомври, 2001 година) кои од Хрватска беа испратени до повеќето скопски редакции парите од името на "Дифенс индустри груп" (ДИГ) од Софија се префрлени со оф-шор банката "Фрст Меркант банк", со седиште во Лефкоша (Никозија), Северен Кипар.

Љубе Бошковски, тогашен министер за внатрешни работи, ја демантираше содржината на факсовите и изјави дека ако во ова има и трошка вистина, тој ќе се самозапали на плоштад. Со тие факсови тој вели дека комунистичките структури се обидувале да го дискредитираат.

Мене не ми е до милион долари. Јас тоа можам дневно да го спечалам на многу начини. Освен тоа, моето презиме е Бошкоски, без "в"- изјави поранешниот министер, чие име на официјалниот Интернет-сајт на тогашната владина гарнитура беше напишано како Бошковски, со "в".

Скандалот меѓу Сашо Станинов и поранешниот македонски амбасадор во Украина, Владо Блажевски, околу презентацијата на македонските производи во таа земја, беше исто така еден од мотивите за рапидното опаѓање на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ.

Бездната за оваа Партија се подотвори и со купувањето на акциите на "Македонска банка" во која беа вклучени Ламбе Арнаудов, Војо Михајловски и неговиот поранешен возач, Маријанчо Конески. По откривањето на негативниот багаж што се случи во оваа Банка, преку трансакција на 27-те отсто акции на ВМРО-вските фирми, целата јавност само зборуваше за акцијата на "тројцата мускетари" од Партијата. Мегаломанството на поединците во ВМРО-ДПМНЕ не застануваше тука. Дури деновиве се открива улогата на Михајловски и неговото директорување во Фондот за здравство. Колку во неговото раководење има наредба за извршување на тајните задачи или вина, ќе покаже судството кое се уште официјално не го започнало процесот.

Во оваа игра најмногу внимание предизвика купопродажбата на контроверзната вила на "Водно" која подоцна брачниот пар Георгиевски експресно ја продаде на бизнисмени блиски до Партијата. На брачниот пар му се припишуваат и разните купопродажби на фирми и објекти во Делчево кои според медиумите во Македонија одеа по истиот пат преку контроверзни фирми што подоцна згаснуваа или се преименуваа.

Ова е само мал дел од багажот што го носи на душа лидерот Љубчо Георгиевски. Каде е прислушувањето? Што стана со поранешниот графички гигант "Гоце Делчев", или со НИП "Нова Македонија"? Тоа можеби се ургентни прашања кои директно се поврзани со падот или распадот во ВМРО-ДПМНЕ. Но, ако во Партијата има доблесни сили да се признае грешката, а притоа да се ослободат од членовите кои најмногу придонесоа за драстичното пропаѓање, тогаш има иднина да преживее овој политички субјект. До тогаш сегашната владејачка гарнитура ќе ужива во аферите што се поврзани со името на ВМРО-ДПМНЕ и Георгиевски.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"