|
ПОЛИТИКА
Албанците не им дозволија на Македонците да го одбележат масакрот кај
Вејце
ФИЈАСКО НА ПРАВНАТА ДРЖАВА
Пишува: Жаклина МИТЕВСКА
- Многу пати досега е потенцирано дека Република Македонија одамна го
изгуби својот територијален интегритет и суверенитет, а спречувањето на
родителите на масакрираните бранители во Вејце да одржат комеморација на
местото на злосторството е доволен доказ дека Македонците не можат
слободно да се движат во сопствената држава.
- Миливој Костевски, претседател на организацијата "Херои на Македонија",
и татко на еден од војниците кои беа масакрирани во Вејце, смета дека
правната држава не функционира на терен и изрази надеж дека ветеното ќе се
реализира оваа недела.
- Нашите обиди од МВР да дознаеме каква е ситуацијата на теренот не
вродија со плод, бидејќи портпаролот на ова Министерство, Мирјана
Контевска, како што ни рекоа од МВР, е на пат. А портпаролот на
Министерството за одбрана, Зоран Секуловски, ни изјави дека АРМ има
контрола врз теренот и дека дури има контакти и со месното население.
Н еодамнешната блокада во Вејце
која ја постави албанското население за да ги спречи родителите на
осумтемина масакрирани припадници на безбедносните сили на Република
Македонија да положат цвеќе на местото каде што на 28 април 2001 година
загинаа нивните синови, покажува дека македонската власт, за жал, нема
контрола врз голем дел од територијата на државава. На надлежните во оваа
држава одамна работите им се лизнаа од нивните раце, иако тоа не сакаат да
го признаат.
Албанските екстремистички групи одамна ни се одомаќинија и ги засилија
своите чекори за распарчување и дробење на македонската држава. Тие и
понатаму ја практикуваат идејата за прогласување на слободни територии.
Паравоените формации во Слупчане ја прославија двегодишнината од
прогласувањето слободна територија во липковскиот регион. Во Арачиново
истакнаа транспарент за "неосвоивата тврдина во Карадачкиот регион".
Овие инциденти се доволен доказ дека на Албанците во државава никој не им
може ништо. За жал, нив никој не ги спречи да си ја прослават двегодишнината
од настаните во Липковскиот регион, да положат цвеќе на гробовите на
терористите кои ја тероризираа оваа држава, а тој настан во неколку наврати
го емитуваше и третиот канал на МТВ. Но, Албанците ги спречија родителите на
масакрираните жртви во Вејце да положат цвеќе на местото каде нивните деца
беа злосторнички убиени. Неодамнешните информации за делење униформи на
албанското население, провокациите од типот - ако не се реализира Рамковниот
договор во Криволак во 2005 година ќе се дели Македонија, се доволен податок
дека во државава нешто се случува и дека е време безбедносните сили да ги
земат работите во свои раце.
СЛЕПИ
Изјавите дека мешаните етнички патроли функционираат во кризните региони
и дека ситуацијата е под контрола, не соодветствуваат со она што се случува
на теренот. Инцидентот во Вејце е фијаско на правната држава, ако неа
воопшто и ја има. Ние, обичните паталци, одамна знаеме дека го загубивме
територијалниот интегритет и суверенитет на земјава, но за жал, надлежните
тоа не сакаат да го признаат и при очи не прават слепи.
Со настанот во Вејце, министерот Хари Костов покажа дека институциите на
македонската власт не функционираат во голем дел од територијата на државата,
каде што контролата ја има поранешната ОНА, или АНА, сеедно. Тоа е всушност
вистинското македонско секојдневие наспроти лагите на Владата дека ги
контролира состојбите и територијата.
Трагично е што Македонците не можат да се движат во сопствената држава, а
инцидентот во Вејце е демант на лагата што пред четири месеци во интервјуто
за нашиот неделник ја кажа портпаролот на МВР, Мирјана Контевска, дека "нема
територија во РМ која не е под контрола на институциите кои се грижат за
безбедноста на граѓаните. Со воведувањето на мешаните полициски патроли и 24
часовните патроли во поранешните кризни региони, се надмина тезата за
контрола на територијата до Групчин и од Групчин".
МАНИПУЛАЦИИ
Блокадата на албанското население кај Вејце уште еднаш потврди дека нема
меѓуетничка доверба кај Македонците и Албанците и не потсети на настаните од
2001 година.
Првите знаци на "нервоза" во трите албански села што гравитираат околу
селото Вејце, според пишувањата на медиумите, се појавиле уште минатиот
петок по веста за некакви раздвижувања на воени сили во касарната на АРМ во
Тетово, како и на присуство на оклопни возила и хермелини, кои наводно
требало да ги придружуваат семејствата на загинатите. Тоа било причина околу
300 помлади лица од селата Вејце, Селце и Лавце да постават блокада на патот.
Според информациите на дипломати во државава, ниту во петокот, ниту во
саботата, во Тетово немало раздвижување на армиски сили, чија цел била
распоредување на потегот кон селото Вејце и таквите информации можат да
бидат искористени само како изговор за блокадите кои се случија во саботата.
Ваквите информации се отфрлаат како неточни и се совпаѓаат со изјавата
дадена еден ден порано од шефот на теренската канцеларија на ОБСЕ во Тетово,
Ајтекин Акташ. Тој ја отфрли како неточна информацијата дека 200-300 војници
на АРМ требале да ја обезбедат областа кон Вејце и ја окрактеризира како
зголемувач на тензиите. Како причина за блокадата се наведува и давањето на
дете во реката Пена. Што, се разбира, е нон сенс!
Блокадата се состоеше од неколку автомобили, а веднаш над нив насобрана
толпа народ. Еден од организаторите на блокадата беше Кренар Османи кој
неодамна беше ослободен од притвор, по повеќето блокади и други јавни
протести во Тетово и околината. Меѓу присутните беше и Абдураим Максути,
претседател на Одборот за ослободување на поранешни припадници на ОНА, но и
други кои беа и на блокадите на магистралата Тетово - Скопје кај Желино.
Иако, барем досега, Албанците беа во дослух со Американците, овојпат не
го послушаа ни американскиот амбасадор во РМ, Лоренс Батлер. Тој се обиде да
ја смири напнатата ситуација и запрашан за тоа што ќе им каже на родителите
што во касарната во Тетово го чекаа исходот од преговорите, одговори:
Истото што ќе & го кажев на мајка ми ако таа посакаше да оди во Виетнам,
каде што загина мојот татко. За некои работи треба време, но тие ќе се
остварат. Јас сочувствувам со семејствата. И мојот татко загина во борбите
во Виетнам, но мене ми беше овозможено од локалните жители да го посетам
местото и да положам свежо цвеќе.
Батлер очигледно заборава дека Виетнам не е сојузна држава во САД и дека
станува збор за две земји, но и тоа дека Вејце, барем според изјавите на
челните луѓе во МВР, се уште се наоѓа на територијата на Македонија и дека е
смешно министерот за внатрешни работи да бара одобрение од жителите да
посети која и да е локација во Македонија. Тоа е смешно, се разбира, во
држави во кои територијата е под контрола на институциите. Кај нас, тоа е
повеќе од очигледно, не е така!
За жал, преговорите меѓу жителите од тетовските села Селце, Лавце и Вејце
и министерот Хари Костов, потпомогнат од амбасадорите на САД и ЕУ, Лоренс
Батлер и Алексис Брунс, како и командантот на "Конкордија", Марал, за
деблокирање на патот и остварување на претходно договорената посета на
местото на убиството на припадниците на безбедносните сили, не вродија со
плод. Не помогнале ни разговорите со локалното население дека на овој начин
се повредени два важни принципа: оддавањето почит на мртвите, како и
традиционалното гостопримство на албанскиот народ. Не се оствари ниту "желбата"
на американскиот амбасадор Батлер да пие кафе во Вејце.
Атмосферата е повеќе како пикник, но кај селаните се уште се свежи
сеќавањата од борбите. За некои работи треба време, но ќе се остварат. Јас
сочувствувам со роднините, изјави Батлер.
ОСТАВКА
Тричасовните неуспешни преговори Костов ги оцени како пораз на политиката
за градење соживот. Според министерот Костов "емоциите во Македонија се на
високо ниво".
Потребно е надминување на фрустрациите и реваншизмот и да гледаме кон
иднината, освен ако не сакаме да останеме гето во регионот, рече Костов
по средбата со родителите на загинатите бранители во тетовската касарна.
Првиот полицаец во државава, кој е задолжен да се грижи за мирот и
безбедноста во својата земја, видно нервозен, најави оставка, ако не се
ослободи патот. Тој најави и дека е решен до местото да отиде и пеш. Но,
надлежните во оваа држава наместо да се закануваат со оставки, треба да ја
стабилизираат состојбата. Искуството не учи дека досега многумина дојдоа и
си заминаа, а безбедноста и понатаму е никаква.
Миливој Костевски, претседател на организацијата "Херои на Македонија",
смета дека правната држава не функционира на терен и изрази надеж дека
ветеното ќе се реализира оваа недела.
Родителите на загинатите бранители очекуваат оваа недела да го посетат
местото на злосторството и се надеваат дека цвеќињата наменети за нивните
најблиски нема да овенат во нивните раце, како што се случи минатата недела.
Во таа насока беа и преговорите во вторникот на 13 мај меѓу Костов и
меѓународните институции од една страна и жителите на Вејце, Селце и Лавце
од друга.
Првиот човек на полицијата, Хари Костов, е оптимист дека проблемите ќе се
надминат.
Страстите мора да се надминат. И Македонците и Албанците имаат право да
им оддадат почит на своите мртви, изјави Костов.
Некој лаже!
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи на РМ, Мирјана
Контевска, во интервјуто за нашиот неделник број 450 од 14.02. 2003 година,
на прашањето "Колкав дел од македонската територија во северозападните
кризни региони не е под контрола на МВР...", ни одговори: "Нема територија
во РМ која не е под контрола на институциите кои се грижат за безбедноста на
граѓаните. Со воведувањето на мешаните полициски патроли и 24 часовните
патроли во поранешните кризни региони, се надмина тезата за контрола на
територијата до Групчин и од Групчин. Територијата на РМ е единствена и како
таква се третира од страна на надлежните институции, а постоењето на
криминалните банди во поранешните кризни региони е предмет на работа на МВР,
кое во последните три месеци успешно се справува со поединци и групи, кои
заради одредени профитерски, криминални или други нечесни мотиви се
принудени да се движат во понедостапните предели, каде веројатно се
чувствуваат подалеку од законот. Не се согласувам со вашата проценка на
безбедносната состојба...".
По она што се случи со блокадата во Вејце, станува јасно дека не е точна
изјавата на Контевска оти сета територија во Македонија е под контрола.
Портпаролот на МВР, најблаго речено, ја излажа македонската јавност! Дека е
навистина така потврдува и изјавата на нејзиниот министер кој рече дека
лично "не се занесува" оти правната држава функционира на целата територија.
|