ногумина кај нас сметаат дека
инспекциските служби на ЕУ кога ќе дојдат во посета на Република Македонија
одат во Зоолошка градина да ги видат промените? Не! Промени можат да се
очекуваат само кај - луѓето. Ама, за жал, има луѓе неподготвени за промени.
Она што ни се случува во последно време одвнатре и однадвор за судбината
на Македонија, е типичен пример како на зборови ја поддржуваме татковината,
а на дело ја - разнебитуваме... Не може повеќе да се издржи
политичко-партиската бифокалија кога станува збор за строго дефинирани
правила на уредувањето на државата. На пример, прислушувањето. Кому му е во
интерес најневралгичната висинска кота од нашата демократија да биде се уште
нерегулирана?
Луѓе, чист анахронизам е се уште да поддржуваме состојби кои најмногу им
одговараат на племенските врачеви. Во прашање е држава, народ во таа држава
и над два милиона граѓани кои сакаат да знаат кога, за што и кој ќе ги
прислушува. Работите се ептен чисти, но ние ги - "валкаме". А, знаете ли
зошто?
Сите во оваа земја играат мижитатара. Едно кажуваат, друго мислат. Дури и
коалиционите партнери си се смешкаат меѓу себе, си намигнуваат и си се лажат.
Блазе си им. Нема маж да ги "отвори картите" и да каже тоа што треба да каже.
Нема ни новинарство да отвори расправа како да се излезе од македонскиот
маѓепсан круг.
Некни го слушам Ангелко Стефановски како во неговите "Записи на мигот" ги
повикува охридските градоначалници да се обесат. Стариот новинарски бард,
како младиот адвокат со врбата: на првото судење, и случајот е - решен...
Значи, има луѓе за промени, но како тие да се пронајдат. Ние недоволно учиме
од успешни примери, кои или не ни се достапни, оти сме ептен ранливи на туѓи
успеси, или мислиме дека секогаш сме попаметни од другите.
Ирска, на пример, која не ни е многу далеку - карактерно. Таму кризата со
компирите ги научи Ирците да мислат поединечно, но во интерес на колективот.
И тие создадоа најдобар социјален урнек како да се премавнат разликите. Но,
Македончето е Македонче, фасцинирано од други (поголеми) земји, со нас
неспоредливи. Ирците и прислушувањето го ставија во колосек, и науката во
функција и здравството во живот.
Во ЕУ којзнае дали не сакаат вакви какви што сме сега, туку видоизменети,
не да го изгубиме идентитетот, туку да го зацврстиме уште повеќе. Се плашам
дека сме длабоко навлезени во - архаизам. Не функционираме како што треба.
Имаме ситни интереси. Носиме неразбирливи одлуки.
Изливот на гнев што често пати го практикува Тито Петковски во своите
колумни, го разбирам, но не го оправдувам. Човекот е нежна ткаенина и сака
најголемите неправди, кои се докажани и признати од онеправдувачите, да ги
овековечи како лектира во нашата политичка литература. Навистина каква
сатисфакција му даде оваа држава на фактичкиот победник на претседателските
избори пред три години, уште повеќе, кога за нив во момент на искрено каење,
експлицитно рече дека се фалсификат, човекот што диригираше со -
фалсификатот?!
Еднаш прашав еден свештеник: важи ли политичка исповед на политичар? Не
одговори. Очигледно сум го збунил попот... А толку сакав да знам што мисли
црквата за политичкиот морал кај нас.
Луѓето ги сакаат победниците, но историјата покажала дека не секогаш
победниците, пак победуваат... Оттаму сите лидери на политичките партии да
си го стават прстот на умот и да водат сметка што прават, оти бегањето од
интересите на гласачите, ќе ги чини скапо! Зошто се полни англиските
стадиони, а македонските празни? Видовте некни каков фудбал одиграа Вест Хем
и Челзи: се е толку убаво кога се игра чесен фудбал. И победата на
победникот му е слатка, и поразот на поразениот - прифатлив... Кога кај нас
партиите ќе прифатат натпревар во кој достоинствено, без "фаули" ќе се
натпреваруваат?!