Последниве години
напишав и објавив шест драми. Непосреден повод и предизвик беше мојата
реалност. Тоа што ни се случуваше во државата, во животот. Ние живеевме во
запалено време, во немирно, во неспокојно, полно со покосници во душата. Ни
беше одземен сонот. Ги смирувавме несониците, се боревме со белите мугри на
нашата неизвесност. Ни се случуваа чудни и лоши работи. За чудните немавме
јасни одговори, лошите ги сетивме на нашата жива кожа. На Македонија & се
случи крвава војна. Подметната, договорена, исконструирана, делбена, со уште
пострашни ѓаволски намери. Во таа фурија што беше ги зафатила Македонија и
нашиот живот, како да ни се повторуваа некои работи од премрежињата на
македонската историја. Ние повторно бевме исправени пред разнишаниот крст,
пред распетието, ни се одземеше правото на постоење, ни се бришеше
идентитетот, не откорнуваа од длабоките историски и библиски длабочини на
постоењето. Ни ги корнеа корените, не однародуваа, не грабеа, не делеа и не
распарчуваа, повторно и повторно, којзнае по кој пат на ветрометината на
балканските и на светските делби ни се случи крвав обид да не докусурат!
Македонија жилаво се бореше. Тоа е нејзината сила, постојано да се бори за
опстанок, за докажување. И сега се докажувавме, се боревме. Изгубивме. По
охридскиот мировен пакт, принуден и наметнат, под присила на светските
чувари на животот и на правото на постоење, Македонија веќе не е тоа што
беше. И македонскиот народ не е тоа што беше, за што вековно сонуваше и само
кратко, само десетина години го оствари. И го одзедоа сонот, & го одзедоа
националното достоинство. Македонија веќе не е национална држава на
македонскиот народ, таа е нешто друго, а тоа друго е добиено со насилство,
со војна, со срамотен пораз и понижување на македонскиот народ. Но, немавме
избор. Изгледа немавме. Тие настани ме потсетија и на илинденските
премрежиња, ме потсетија и букурештанските делби и распарчувања, тие настани
деноноќно ми ја вртеа македонската судбина во црните достаги на неспокојот.
Нашата историја ни се преповторува, но секогаш се помачна, потегобна. Во "Белите
коњи" е гласот на моето време, на моите мачнотии и несоници, тоа е драма за
мојата Македонија, за ова време што ни го мелат во мелницата на дивите
ветрови. Од некаде почнало злото на делбите, но од некаде тргнале и нашите
бели коњи на слободата!
МС: Еден од сегментите со чија помош се конструира основното ткиво на
драмата е македонскиот синдром на предавство, односно јаничарството. Нашата
мачна историја, за жал, изобилува со одродници и предавници. Што мислите,
станува збор за синдром на самоуништување или пак за некакво македонско
проклетство кое ни се влечка низ историјата со векови?
БАКЕВСКИ: Кога се втурнав во запретаните вистини и лаги во
предилинденскиот период, кога осознав многу игри и кројки за идната борба на
македонскиот народ за ослободување од Османлиите, осознав многу поразителни
работи. Се повеќе ми се разлистуваа црни страници на тајните планови, на
политичките игри и на големите хегемонистички апетити за заграбување на цела
Македонија. Сите тогашни соседни земји, во контекстот на европските планови,
си ја "книжеле" Македонија за своите големи планови! За остварување на
нивните големи соништа. Зар тој синдром не е присутен и денеска! Зар на
Балканот се уште не траат јаловите соништа за големи држави! Сите сакаат
големи држави, но на сметка на Македонија. Сите сакаат да приграбат некој
плен, некое парче од нашата земја. Дури и тоа што е преостанато, по
букурештанската тројна поделба на Македонија, тоа што е светол знак на
вековните соништа за своја држава, за слободна, самостојна, суверена држава,
се обидоа да го разделат, да го докрајчат, да го разнесат како последна мрша
на зовриената и пеколна балканска мапа на постоењето. Во оваа последна
фурија со која се нафрлија многу фукари врз Македонија, се појавија многу
синдроми. И стари и нови. Инфицирани од многу наследени поттикнувачи кои и
натаму ја дигаат главата, ѕиркаат во нашиот двор, дефилираат како дојденци
со лажни тапии за Македонија. Ние видовме фарсично дефиле и на лажни,
воскреснати патриоти чиј бргушен и пресносторен патриотизам го вееше ветрот
во празнозборието и во ништоверството. Тие сакаа да ни наметнат нов
патриотизам, а зад нивните блескотни наметки се криеја старите, изветвени,
издувани стремежи за однародување, за преповторување на "романтичниот дел"
на македонската приказна. Самопредавството е познат македонски синдром.
Предилинденскиот и илинденскиот период се преполни со такви фукари. Многу
луѓе биле заведени, ставени во стапица, живееле во лажен занес, биле во
крајна линија купени, добро платени, работеле против својот народ и против
својата татковина. Зар таквата историска фотографија не ни се преповтори?
Зар пред нашите очи не продефилираа сурати под лажни и предавнички наметки!
Тому затоа во "Белите коњи", како еден од симболите во драмата, ги зедов -
наметките. Под тие наметки и низ тажната и премрежна историска врвица се
криеле многу луѓе со многу лоши намери за Македонија. Ги имало, ги има, што
да се прави. Злото никој докрај не го уништил, не го сотрел.
МС: Текстот на Манифестот на Илинденците, за чиешто авторство е "обвинет"
Никола Киров - Мајски и којшто зазема централно место во претставата, ги
одразува на некој начин древните космополитски идеи на Македонецот. Колку
тезите, желбите, мечтите, сонувањата вткаени во овој Манифест живеат или
можат да живеат во денешницава?
БАКЕВСКИ: Крушевскиот, Илинденски манифест, Прогласот, е фантастичен,
мудар, искрен повик за слобода. Тоа е глас до сите луѓе што заеднички го
трпеле јаремот, ропството под Османлиите. Тоа не е повик за слобода, за
кинење на многувековните ропски синџири само на македонскиот народ, туку и
до обичното турско население, до Арнауите, до Власите, до Муслиманите, до
сите луѓе на кои Господ им ја одредил судбината да се кукнат, да се најдат,
да живеат на македонската библиска земја. Тоа е страшно инспиративен повик,
тоа се силни, полетни, вруточни зборови од кои извира големиот копнеж за
слобода. Тие зборови ја издржуваат стогодишната проверка на времето. Тие и
денеска се актуелни, силни, прозвучуваат актуелно. И денеска од нив извира
повикот за соживот, за разбирачка, за заедничко живеење, за толеранција. Над
се од тие магични, силни зборови извира, се воздигнува и се развејува -
слободата! Од тој Манифест извираат вредностите на вистинскиот животот, на
живејачката. Зар вредат крвопролевањата, делбите и омразите? Каква вредност
имаат тие зла? Тоа се средновековни остатоци од поматената свест. Но, за жал,
свеста и денеска не е пробистрена, исчистена од темните, од мрачните навеви
на злото. Многу грешни луѓе ќе се најдат на грешно место, па ќе го заматат
времето, ќе ги сматат работите. Ќе нанесат многу зла, а потоа, потоа е се
потешко, се помачно да се средат работите, да се доведат во попристоен ред.
Никола Киров - Мајски бил учен човек, бил учител. Имал голема поетска дарба,
ја сакал литературата. Од млади години е воспитуван на големата македонска
матрица за слободата. Негови учители биле Даме Груев, Пере Тошев, Ѓорче
Петров, Никола Карев. Со Никола Карев бил близок роднина. Гоцевите идеи за
ослободување на Македонија, за темелно подготвување на востанието му биле
длабоко вкоренети во душата. И по Илинден, во премрежињата на политичките
чистки и убиства во круговите на македонската емиграција во Бугарија, тој
останал доследен на Гоцевиот сон за целосна слобода и за целосна Македонија.
Така го проживеал и долгиот живот. Умрел на 82 години, бедно умрел во Софија,
но не се откажал од своето родно Крушево, од својата сакана Македонија, иако
децении и децении по Илинден доживувал понижувања и разочарувања. Секогаш
бил на неговите бели коњи на длабоката верба во македонската слобода.
МС: Ќе & ставиме ли конечно покрив на македонската куќа која ја градиме
со милениуми, а која некои надворешни европски фактори, но и наши македонски
одродници, постојано и постојано ни ја уриваат? Во Вашата драма Европа не е
претставена како "Стара дама", туку како....?
БАКЕВСКИ: Во македонската судбина секогаш биле вмешани, вплеткани и
рацете и апетитите на европските земји. Но, никогаш европските сили не &
биле наклонети на Македонија и на македонскиот народ. Секогаш заземале
спротивна страна, секогаш не задушувале, не делеле и не парчосувале. Нивните
интереси секогаш биле пред интересите на Македонија. Многу наши сонцељубиви
предци тоа добро го знаеле, го сеќавале на своја кожа. Затоа преземале епски
подвизи, пукале во заспаната совест на Европа. Зар не е епски подвиг
саможртвата на гемиџиите? Зар нивниот динамит подметнат во темелите на
Отоманската банка во Солун, зар полните куфери со бомби на Павел Шатев со
кој го разнесува францускиот брод "Гвадалкивир" во Солунското пристаниште не
е огнен повик да се пробуди заспаната и несправедлива совест на Европа!
Луѓето, гемиџиите верувале дека Европа мора да го сфати, да го разбере
големиот македонски сон за слобода, за своја самостојна, автономна држава.
Не се тоа залудни саможртви. Не се. Иако денеска, во современиот македонски
контекст, на тоа му се дава поминимизирано значење, иако се игра политичка
игра на тактизирање во име на средување на сегашноста и на градење на патот
за европската интеграција на оваа Македонија, сепак грешка ќе е, голема
историска грешка, ако не се гордееме со нашите големи предци, ако не им го
оддадеме нужното значење. Македонија се уште, за жал, не е закрепната. Токму
така, таа се уште е куќа со разнишани темели, некако стои до чатијата, но
далеку е здравиот, стамен и цврст покрив. Се уште од домашните потпалени и
немирни огништа си ги гледаме ѕвездите на неизвесноста, се уште не сме
сигурни дека сме свои на своето. Небото ни е отворено, често со темни, диви
облаци, не зафаќаат црни ветрови, на многу места низ татковината ни чадат
посевите, ни горат куќите, се уште низ Македонија се слушаат болните мајкини
лелекања, гробовите ни се свежи, болките отворени. Се уште Македонија има
многу непријатели, однароденици, се уште Македонија не е во сопствени раце,
туку со нејзината судбина и натаму командуваат европските и странските
дојденци. Европа се уште тешко го разбира македонскиот молк, трпението,
издржливоста. И сега Европа и светот не беа на наша страна. Европа и натаму
си е Вавилонската лесноплатлива дама што шета по македонските и низ
балканските крчми. Ја ставив таа Вавилонска дама во "Белите коњи" токму
таква каква што била кон Македонија и во минатото и во сегашноста.
МС: Историјата покажа и докажа дека не само соседите, туку секој кој на
некој начин ќе се допре до Македонија добива желба да земе барем едно парче
од нашата земја. Зошто земјата која со векови го носи името Македонија им е
толку привлечна?
БАКЕВСКИ: На Балканот такви се работите. На Балканот сите народи
сонуваат да бидат поголеми одошто се. Нивниот сон се протега во несониците
на соседите. Така било, така е и денеска. Доколку сите балкански соништа се
остварат, веројатно Европа ќе биде лапната за една ноќ! Но, Македонија е во
центарот на сите тие соништа. Тоа ни била историската судбина. Сите ја
посакуваат Македонија, цела и жива, дарежлива и плодородна, магична и
неуништива, оти без Македонија ни една друга балканска земја не се чувствува
силна, своја на своето. Замислете ги сега соседните земји, на пример,
Бугарија и Грција без двете големи приграбени и одземени делови од
Македонија! А, пак, замислете ја Македонија со тие два дела, цела,
автономна, горделива. Се плашеле и се плашат од самостојна Македонија. И
оваа самостојна Македонија, што го отпочна својот конститутивен и
слободарски дух од АСНОМ па наваму, што се зацврсти во 91-та година во
минатиот век, што се бори да се воздигне, да ја воскресне својата слобода,
својата самостојност и сувереност, видовме, на мнозина, и блиски и далечни,
им пречи. Под сите страни & подметнуваат навеви на агресивност, ја
растураат, ја уриваат, ја разнебитуваат, не сакаат да & го видат вистинското
лице на постоењето. Не сакаат да не остават на мира сами да си ја градиме
земјата, слободата и живејачката. Како да носиме некоја проколнатица, како
да сме последниот остаток на Земјината топка кој е осуден на тонење, на
исчезнување. Македонија е библиска земја. Тука се првите апостолски стапки.
Тука се првите гласови на словенската писменост. Се уште одекнуваат
глаголивите зборови на Кирил и Методиј, на Климент и Наум, пред нив се уште
се чувствуваат и траат, траат големите еха на величествените походи на
Александар Великиот. Семе е тоа разнесено и посеано низ светот, но корените
се тука, тука е вечноста.
МС: Колку Вас како творец на полето на литературата Ве "опседнуваат"
историските теми и какво место им давате на тие теми во Вашето творештво?
БАКЕВСКИ: Историјата е дел од животот, од современоста. Не може да
постои дрво без корени. Бргу-бргу ќе се исуши, ќе исчезне. Не можеме да
градиме современ поглед, современ и реален концепт на опстанокот без доброто
и вистинско чувствување на историјата на својот народ и на својата
татковина. Токму затоа јас ја сакам историјата. Со години, со децении веќе,
сум опседнат со македонските стари времиња. Патував многу на местата низ
светот каде што нашите подалечни и поблиски предци оставиле величествени
траги. Им го наслушував нивниот жив глас, и во Троја, и во Гордион, и низ
малоазиските степи. Ги сеќавав и во Александрија, и низ Дарданелите и над
водите на Босфорот. Тие живи македонски гласови ги има насекаде низ светот.
Се слушаат од сенките на вековните урнатини, ѕиркаат од коренчињата на
тревките, се слушаат гласовите на нашите предци и од разбрануваните морски
бранови, па често се обидував да ги присоберам во моите песни, во моите
раскази, во записите за мојата земја, во драмите. Целиот мој книжевен опус е
проткаен и растегнат меѓу минатото и сегашноста. Ги чувствувам тие работи,
силно живеам со нив, ги доведувам во контекст со моето време, им давам
некоја смисла. Литературата е чудесна работа. Низ напишаните страници може
бескрајно да се патува низ соѕвездијата на минатото и низ јавето на животот.
И да се бара смислата на животот, на постоењето.
МС: Господине Бакевски, не делат точно сто години од Илинденското
востание и од другите значајни историски настани во 1903 година. Сметате ли
дека институциите во државава сторија доволно за достојно одбележување на
овој јубилеј?
БАКЕВСКИ: Така како што ги следам работите, од почеток некако се
тргна килаво. Доцневме со формирањето на Одборот за одбележување на големиот
македонски јубилеј, потоа дојде до многу недоразбирања на таа релација.
Времето, месеците, јубилејната година си минува, одминаа многу празни
месеци, ништо не се случи. Последниве денови во МАНУ се случи симпозиумот,
сега се случија "Белите коњи". Белки до 2 Август ќе се осмисли уште нешто
покрупно, позначајно, за подостоинствено да го одбележиме нашиот темелен
празник, нашиот заокружен датум - сто години на Илинденската епопеја.
Македонија има потенцијали, има творечки сили, има човечки и стамен
материјал, ама многу работи моментно ни беа разнебитени, сотрени. Па затоа и
одминатите Илинденски месеци од оваа година беа испуштени, некако ни избегаа
од рацете! Но, верувам кулминативните моменти сепак допрва ќе дојдат.
МС: Денешниве состојби на ова мало парче што остана од Македонија, како
што и самиот рековте, воопшто не се розови. Повторно не делат и повторно не
распарчуваат исто како во минатото. Како гледате на владејачките структури
од осамостојувањето на Република Македонија до денес и кој е патот што треба
да го изврвиме за да бидеме и за да останеме тоа што сме - Македонци на
македонска земја?
БАКЕВСКИ: Македонија, сепак, направи подвиг. Од распаѓањето на
поранешна Југославија, таа својата самостојност ја зграпчи по мирен пат. И
се избори за тоа на достоинствен начин. И имаше голема и историска шанса да
продолжи по мирниот пат на развојот и на интеграцијата во светската зеадница
на земји и држави. Но, очигледно дека на тој дванаесетгодишен пат се
направија и многу грешки кои скапо ги плативме, па се уште со трепет ги
доживуваме. Пред многу предизвици попуштивме, не бевме челични, упорни и
издржливи. Направивме срамотен компромис со името, и тој срам трае, не
моткаат низ светот, не резилат. И самите се срамотиме, оти дома, пак, никако
да се обединиме, никако меѓусебе да се доразбереме. Очи ќе си извадиме од
меѓусебни омрази, од зависти и од лицемерија. Од малограѓанштина. Маалски се
делиме. Се газат вистинските вредности. И естетски и човечки. Македонија
може да има посигурна иднина, доколку работи на сопственото обединување. И
доколку самата повеќе се почитува. Да си ги почитува историјата, вредностите
што ги создала и што ги создава, да ги почитува трудот, вредните и умни
луѓе, да ги впрегне сите човечки потенцијали околу себеси, оти Македонија не
е фикција, македонскиот народ не е сон. Нашата татковина има темели,
длабоки, вековни. И верувам дека можеме да & ставиме добар покрив. Оти
вистинската татковина мора да има и вистински, здрав покрив. Како наша куќа,
како наш дом. Нема исчезнување, туку вековно постоење. Треба да се издржи.