КОМЕНТАР

Македонски плурализам

НЕПОДГОТВЕНИ ЗА НОВИ СЕРИИ

Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ

  • Ако ни е познат фактот дека зелените банкноти денес ја водат не само економијата, туку и политиката, тогаш реално е да се очекува ново рекомпонирање на балканските коцки од мозаикот кој никогаш во историјата не бил целосно наместен.
  • Балистичките групации стотина години наназад се обидувале да ги асимилираат и опустошат древните корени во западниот дел од македонската држава преку заплашување, ограбување, па и протерување на православното македонско население од Тетовско, Гостиварско, Дебарско и Кумановско.

Несогласувањата меѓу западниот свет околу идната геополитичка положба на Балканот продолжуваат. Ако до пред отпочнувањето на ирачката криза работите одеа по тајни и дискретни канали, денес тоа не е така. Односите меѓу најтранспарентните сојузници, кога станува збор за глобалните светски движења, САД и Европа, полека, но сигурно преминуваат на друг колосек, сосема различен и спротивен од оној по кој се возеа моќниците до пред некое време.

Денот 11 септември 2001 година беше пресвртната точка за целата планета по кој датум почнаа интервенциите во азиските земји, пред се Авганистан. Најновата во Ирак само се надоврза во синџирот борби против глобалниот тероризам и мрежите кои тој ги има распослано на сите континенти. Доколку западните земји предводени од американската администрација доследно се справуваат со модерното зло, почесто и навремено би требало да навраќаат на овие простори за да почнат да ги сузбиваат и елиминираат криминално-терористичките активности на нивните довчерашни сојузници. Преголемата опуштеност и толерантност на меѓународните сили стационирани на балканските простори во неколку поранешни југословенски републики создава атмосфера на загреаност и ентузијазам кај новите генерации екстремисти водени од една цел - профит. Профитот потоа би требало да изроди нова идеја која се влече со децении наназад - создавање голема држава на некој народ кој во минатото поучен од своите соседи лакоми за туѓи територии не успеал да ја оствари.

БАЛКАНСКО ДОМИНО

Сега се поставува прашањето зошто големите сили повторно ги вкрстуваат копјата на овие простори перверзно застанувајќи на една или друга страна бранејќи ги сопствените, а не интересите на поединечните народи? Лоби-групите на моќните криминални кланови на дел од балканските народи работат забрзано на Западот, ги убедуваат подмитливите и поткупливите политички елементи во "цврстиот" конгрес во Вашингтон да се обидат да ги сменат нештата кои се актуелни овде. Ако ни е познат фактот дека зелените банкноти денес ја водат не само економијата, туку и политиката, тогаш реално е да се очекува ново рекомпонирање на балканските коцки од мозаикот кој никогаш во историјата не бил целосно наместен. Бојот меѓу Брисел и Вашингтон по тие прашања се води во светските институции кои се надлежни за поставувањето кадри за раководење во постоечките протекторати од типот на Босна и Косово. Како еклатантен пример се наведува заминувањето на Штајнер од функцијата цивилен администратор на УНМИК во Приштина и спротивставувањето на САД и Велика Британија нов управник да биде шведскиот амбасадор во ОН во Женева, Пјер Шори, поради неговиот негативен став за војната во Ирак. Значи, дуелот меѓу сојузниците и истовремено ривалите е очигледен. Се бара подобност, пристрасност и необјективност. Поткопаната безбедносна состојба на овие подрачја со ваквите дуелистички пристапи во решавањето на меѓусебните суети само ја продлабочува кризата која се уште тлее во Косово, Македонија и Јужна Србија. Таквиот пристап многупати досега ги осоколил радикалните компоненти на екстремистичко-криминалните мрежи во преземањето акции против регуларните полициско-армиски, но и цивилни сегменти на балканските општества.

Сознанијата кои излегоа на површина овие денови не ветуваат розова завршница на балканското домино. Имено, лидерите на албанското сепаратистичко движење усвоиле т.н. Акционен план за независност на Косово. Тајниот состанок на делегациите на најекстремните албански партии од Косово, Црна Гора, Македонија и Албанија е одржан на 27 и 28 март во западно Косово. Информациите ги открива извор близок до КФОР во Приштина. Констатирано е дека оваа 2003 година е клучна за независноста на Косово и Метохија. Истовремено покрената е и иницијатива за создавање унија меѓу Косово и Албанија. Претставниците на Црна Гора кои учествувале на оваа средба ја поддржале независноста на Косово, но одлучно побарале спојување на деловите од Црна Гора кон Албанија што едногласно е прифатено. Станува збор за местата Плав, Гусиње, Малесија и Улцињ. По завршувањето на овој состанок, кој е означен како почеток на официјалното обединување на албанските етнички територии, односно создавање на големоалбанска држава, во САД на почетокот на април годинава се состануваат тамошните Албанци, повеќе од стотина кои ги претставуваат семејствата вклучени во бизнисите со недвижен имот и автомобили. Состанокот го организираат познатите албански лобисти во Америка Боб Дол и Џозеф Диогарди. Договорено е да се искористат сите албански врски во Бушовата администрација, одлучно да се лобира за независност на Косово во американскиот Конгрес, во сите институции и медиуми без оглед колку пари сето тоа ќе чини. Меѓу другото, наложено е секој од присутните за почеток да собере прилози од по 100.000 долари за откуп на српските куќи и имоти на Косово за да се забрза иселувањето на преостанатите Срби кои се уште живеат пред се во северниот дел на протекторатот.

На сето ова се надоврзува проект-документот насловен како "Концепт за мир" изработен од адвокатската фирма "Венејбл" од Вашингтон кој предвидува територијата на Косово да им биде отстапена на Албанците за сума од три милијарди долари кои би ги добила Србија. Во изработката на документот учествувале и конгресмените Филип Крејн и Франк Волф од редовите на републиканците. Значи, Американците сакаат на Албанците да им го купат Косово од Србите. Небојша Човиќ на сето ова ќе додаде: "Ниту Косово е Аљаска, ниту е 1867 година, а кога некој нуди нешто да купи, тоа значи дека тоа нешто не е негово".

ВЕШТАЧКА ТВОРБА?

Кога подетално ќе се согледа акциониот план за независноста на Косово јасно ќе се увиди дека во тој мегаломански проект една од жртвите е и Република Македонија како центар на геостратешката карта на Балканот. Балистичките групации стотина години наназад се обидувале да ги асимилираат и опустошат древните корени во западниот дел од македонската држава преку заплашување, ограбување, па и протерување на православното македонско население од Тетовско, Гостиварско, Дебарско и Кумановско. Тоа се случуваше во периодот пред, за време и по Илинденсото востание, во екот на балканските војни, Првата и Втората светска војна, па до ден денешен. И по усвојувањето и делумната имплементација на Рамковниот договор од Охрид ненаситните за "човекови права" продолжуваат да го разградуваат националното и традиционално ткиво на македонскиот народ со крајна цел - етничко чистење од тие простори и нивно етаблирање во мегаломанскиот концепт на профитерите.

Македонските власти единствениот излез од овој хаос го гледаат во доследното спроведување на охридскиот мировен Договор без никаква отстапка назад и ниту еден чекор кој би водел кон надоградување од она што е предвидено. Незадоволните од оваа "вештачка творба", како што некои го нарекуваат новиот Устав на Република Македонија, некое време се обидуваат да го потопат концептот на Црвенковски и Ахмети за привидно опстојување на македонската држава во полупротекторатска положба.

Состојбата е статус кво. Ништо не се помрднува од позицијата во која се наоѓаме повеќе од шест месеци. Залажувањата на јавноста кои стигнуваат од надлежните министерства дека состојбата е стабилна без сериозни индиции за крупни акции на екстремистите се повеќе ги разгневува граѓаните кои не веруваат во бајките пласирани од функционерите. Состојбата во тетовското подрачје навидум е мирна, птиците пеат, што би рекле иронично сатиричарите, но психичкиот страв и неспокојството кој македонските граѓани кои секојдневно мораат да го трпат за да опстојат на тие вековни огништа, се големи. Ноќните пукотници кои доаѓаат од различни делови на тетовските села се речиси исти како и во воениот виор од пред две години. Заплашувања, заканувања, понижувања. Доколку одбраната и ресорот за внатрешни работи веруваат во мирот и сожителството и во она што постојано го повторуваат дека таму е се во ред и добро би било протераните да се вратат дома, тогаш неизбежно е да овозможат создавање неопходни услови за вистински живот, а не да практикуваат утописки начин на решавање на проблемите само за да се задоволат проектите на т.н. меѓународна заедница. Измамените и обесправените граѓани повеќе не веруваат во тоа, а не преземаат ништо затоа што немаат моќ да сменат нешто. Му препуштиле на семоќниот доколку има волја да стори нешто. Сето преостанато е веќе одамна извидено. Растурената позиција на македонската дипломатска и безбедносна компонента последниве години, како за време на владеењето на поранешната така и на сегашната гарнитура, им овозможи на раскрилените фракции на криминалните банди да запоседнат еден добар дел од територијата на Република Македонија и како што одат работите еден ден само ќе треба фактичката состојба на теренот да се формализира. Дефинитивно капацитет меѓу структурите кои моментно се на власт за расчистување на срамната ситуација во која се наоѓа државата - нема. Тоа им праќа јасен и недвосмислен сигнал дека оној од спротива лесно би си ја дозавршил работата. Треба само да посегне. Дали тоа ќе биде денес или утре, со некој концепт за голема држава или акционен план за нечија независност, не е важно. Битноста лежи во тоа што тогаш нема да знаеме кој пат да го фатиме, бидејќи многу знаевме да мудруваме и нештата да ги решаваме само институционално и во кабинетите со клима уреди, а не и на теренот, онаму каде што најмногу болеше.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"