Пари за јубилејот 100 години Илинден
Одборот за одбележување на 100-годишнината од Илинден ја усвои програмата
на претстојната манифестација и го одобри нејзиното лого. Автор на логото е
Марија Ветеровска, студент на Факултетот за ликовна уметност. Тоа во
основата го има македонското знаме, на чија горна половина е испишано 100
години Илинден. За одбележување на оваа манифестација се одобрени 57 милиони
денари, од кои 35 милиони обезбедила Владата, пет милиони се од Буџетот на
Министерството за култура, а необезбедените 17 милиони денари се очекува да
бидат собрани од донации и спонзорства.
Хаг бара масовна гробница во Непроштено
Македонската полиција помогната од експерти од Германија, во околината на
тетовското село Непроштено, почна нова потрага по телата на дванаесетте
киднапирани Македонци за време на воената криза во 2001 година. Се смета
дека испитувањата се дел од истрагата наредена од Хашкиот трибунал, кој
минатата година заедно со четири други случаи го презеде и досието за
масовна гробница во околината на Непроштено.
Борис не ги потпишува указите за амбасадори
Претседателот Трајковски повеќе од месец дена не ги потпишува предлозите
за именување амбасадори во соседните земји што му ги достави Владата. Според
извори на "Вест", на масата на Трајковски се наоѓаат указите за Тихомир
Илиевски кој треба да ја пополни македонската амбасада во Букурешт, за Ѓорѓи
Спасов кој треба да оди во Лондон, Махи Несими, кој чека виза за Загреб и
Мартин Гулевски за Киев. Истата судбина ја има и владината одлука за
именување на Елеонора Каранфиловска за амбасадор во Тирана, донесена на 7
април.
Во МНР сметаат дека причина за оддолжувањето на Трајковски е заладениот
однос меѓу него и премиерот Црвенковски. Владини извори пак сметаат дека
Трајковски има проблем со некои имиња на листата, особено за Каранфиловска,
која не му била по ќеф.
Полицијата трага по пиштолџиите во "Беверли Хилс"
Полицијата нема сознание кои се четворицата пиштолџии кои во саботата
попладнето пукаа од еден "мерцедес" кај трговскиот центар "Беверли хилс" и
при тоа го ранија 25-годишниот скопјанец Ѓорѓи Илиевски, кој со возило се
наоѓал таму. Тие со осум куршуми го изрешетале неговиот автомобил
"форд ескорд" при тоа доведувајќи во опасност и многу случајни минувачи.
Од МВР велат дека се трага по "мерцедесот" со црвена боја, но истрагата е
отежната, бидејќи со црвена боја во државава имало над педесет мерцедеси.
Стратегија за безбедност и одбрана
Националната концепција за безбедност и одбрана на Македонија беше
парафирана на владина седница. Овој документ кој за првпат се носи во
Македонија, меѓу другото ги содржи и политиката на надворешната и
внатрешната безбедност, целите, насоките и инструментите за спроведување на
таа политика, заштита на животната средина, а со него е предвидено и
формирање центар за менаџмент со кризи.
Скопскиот Универзитет останува државен
На Македонија и е потребен државен универзитет, со цврсто изразена
автономија. Само на тој начин ќе биде задоволено она што претставува општ,
државен или национален интерес. Став на Владата е дека треба во целост да се
почитува, респектира, по можност и да се зајакне автономијата на
Универзитетот, изјави премиерот
Црвенковски, по средбата со раководството на скопскиот Универзитет "Свети
Кирил и Методиј".
Недостиг од лекови за хронично болните
Хронично болните, дијабетичарите, децата, пензионерите и преостанатите
пациенти по аптеките можат да купат "бесплатни лекови" само до средината на
овој месец. По овој период, осигурениците ќе бидат принудени лекарствата да
ги купуваат приватно и да ја плаќаат целата сума, иако им следуваат лекови
со минимална партиципација. Причина за ваквата состојба е кастрењето на пари
што го воведе Фондот за здравство и тоа намалувајќи ги средствата за
купување лекови од "позитивната листа" за 40 отсто.
Телеком да ги врати цените
Во "Македонски телекомуникации" се уште немаат коментар на најавите од
Управата за телекомуникации дека е утврдено прекршување на Договорот за
концесија, поради што на Компанијата & се налага да не ги применува новите
цени на телефонските услуги. Како што веќе соопштија од Управата, било
утврдено дека Компанијата е должна да користи финансиско- сметководствен
систем кој треба да биде одобрен од овој орган и да & овозможи да ја
верификува значајната усогласеност на концесионерот со условите од Договорот.
Неофицијално се дознава дека и поради високите цени на телефонските услуги,
во моментов, се исклучени 100.000 корисници.
|