СПОРТ

ракомет: Во исчекување на најголемиот македонски успех

СЕ Е ПОДГОТВЕНО ЗА МЕДАЛ

Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ

  • Светското младинско првенство за јуниорки ќе треба да биде само една нова потврда дека Македонија располага со капацитети и е кадарна да организира големи натпреварувања.
  • Колку ќе се остварат ваквите оптимистички прогнози зависи само од нашите млади ракометарки кои, само да потсетиме, во досега одиграните подготвителни натпревари со репрезентации на своите врснички, не претрпеа ниту еден пораз.

Во Македонија во завршна фаза се подготовките за почеток на светското јуниорско првенство во ракомет за жени кое ќе се одржи од 14 до 17 август во градовите Охрид, Гевгелија и Прилеп. Ова светско првенство е најеминентната манифестација која ќе се одржи во Македонија оваа година и ќе претставува вистински тест за Македонија во однос на тоа дали ние воопшто можеме да организираме натпреварувања од светски ранг.

Само да потсетиме дека Македонија еднаш се покажа како одличен организатор на една таква голема манифестација, а тоа беше Европското младинско кошаркарско првенство кое се одржа во Охрид. Значи, ова светско младинско првенство за јуниорки ќе треба да биде само една нова потврда дека Македонија располага со капацитети, е кадарна да организира големи натпреварувања и дека во иднина на Македонија мора и сериозно да се смета како иден домаќин на едно сениорско натпреварување.

КОНТРОЛА

Дека во Македонија сериозно е сфатено колку всушност е значајно ова светско првенство покажува и самиот факт дека ништо не е оставено на случајноста и дека се работи напорно и доста зрело, така што подготовките веќе може да се каже дека се на самиот крај.

Дека досега не се седело со скрстени раце покажуваат и оценките кои на сметка на Македонската ракометна федерација ги даде и високиот преставник на ЕХФ кој дојде во инспекција на објектите каде ќе се одржат натпреварите по групи, а и да го следи извлекувањето и составувањето на групите за светското првенство. Тој видно беше задоволен од текот на подготовките за ова светско првенство, а пофалби искажа и за објектите каде ќе се одржат натпреварите по групи. Сепак, треба да се забележат и ситните забелешки кои беа дадени и насоката во која треба да се продолжи да се работи, за да може се да помине во најдобар ред.

ГРУПИ

Овие денови беше извршена и ждрепката за групите во кои ќе играат репрезентациите. Треба да се напомене дека 20 репрезентации се поделени во четири групи со по пет репрезентации, а Македонија како домаќин ја имаше привилегијата да одбира во која група ќе се приклучи.

Селекторот Петрушевски ја одбра групата Б каде се уште и репрезентациите на Норвешка, Чешка, Кина и Конго. Според селекторот, изборот кој моментално е направен е најдобриот можен и според квалитетот на репрезентациите кои се наоѓаат во нашата група, според ракометните познавачи, можен е наш влез во вториот клуб. Некои пак изјавија дека конечно се е подготвено една македонска репрезентација да го израдува македонскиот народ со првиот освоен медал на едно големо натпреварување. Колку ќе се остварат ваквите оптимистички прогнози зависи само од нашите млади ракометарки кои, само да потсетиме, во досега одиграните подготвителни натпревари со репрезентации на своите врснички не претрпеа ниту еден пораз.

Нашата репрезентација натпреварите на светското првенство ги почнува против репрезентацијата на Конго, потоа ќе има еден ден одмор за во второто и третото коло им се спротивстави на Норвешка и Чешка, па пак еден ден одмор, па спротивставување со нашиот последен противник во првиот круг, Кина. Групата навидум е составена од репрезентации кои и не се некои велесили во светскиот ракомет, па оттаму и очекувањата на селекторот и на сета македонска јавност дека нема да биде проблем да се пласираме во следниот круг на натпреварување.

Меѓутоа, треба да се истакне дека многу пати досега се покажало правилото дека на вакви натпреварувања нема фаворити и аутсајдери и дека изненадувањата се постојано можни. Токму поради тоа треба да се влезе со респект кон секој противник и со желба за успех на секој натпревар. Формата треба да се темпира, така што таа дојде до израз токму на ова светско првенство, за да не ни се повтори ситуација кога се постигнувани одлични резултати на подготвителните натпревари, а да доживееме вистинско фијаско на самото светско првенство.

Ќе им стегаме палци на нашите млади ракометарки и се надеваме дека ете тие ќе успеат да ја искористат предноста на домашен терен и на Македонија да и го донесат првиот медал од едно големо натпреварување.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"