СВЕДОШТВА

Историјата не е само минато

Житијата на сите досега познати македонски светители (1)

МИСИЈАТА НА СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ НА ПРАВОСЛАВИЕТО

Пишува: Александар ДОНСКИ

  • Нејасно е зошто македонската историографија во голема мера ги запоставува житијата на македонските светители како историски извори!
  • Македонецот свети Аристарх бил придружник на свети Павле, а подоцна и епископ во Сирија!

Житијата на сите познати македонски светители досега кај нас не беа претс-тавени во една компактна целина. Македонија и Македонците имаат дадено огромен придонес во библиските настани и во ширењето на христијанството, а еден од најважните сегменти во овој придонес претставуваат токму светителите Македонци и нивната дејност.

Свети апостол Павле

Но, пред да поминеме на презентирање на житијата на светителите за кои потојат децидни докази или силни индиции дека биле Македонци, нужно е да дадеме некои дополнителни објаснувања.

НЕПОБИТНИ ФАКТИ

Најнапред ќе потенцираме дека житијата (биографиите) на македонските светители имаат повеќеслојно значење за нашата наука. Пред се овде е нивното значење за христијанството. Овие житија ни зборуваат колку овие наши сонародници го славеле Бога и се подвизувале во името на Господ Исус Христос, почнувајќи уште од самите почетоци на христијанството, па се до последниве векови. Практично, тие се активни пренесувачи на Божјото Слово до денешните и до идните генерации и со тоа заслужуваат да се најдат во самиот врв на заслужните припадници што ги дал нашиот народ. За жал, до денес ретко кој во Македонија (вон црковните кругови) има слушнато за некои од овие наши светители, а камоли да ги славиме како наши заслужни сонародници.

Од друга страна житијата на македонските светители изобилуваат и со голем број вредни податоци од чисто историски и етнографски аспект. Но, ниту овде работите не се како што треба. За време на комунистичкото едноумие кај нас знаеме дека атеизмот беше составен дел на владејачката државна идеологија. Една од катастрофални последици што остана од оваа идеологија беше и целосното запоставување, негирање и омаловажување на житијата на македонските светители како богат извор на историски и етнографски податоци за нашата историја. Едноставно, житијата на македонските светители за време на едноумието безмалку беа третирани како "измислени фантастични приказни за луѓе кои никогаш не постоеле", па оттаму одвај дали некој наш историчар ги користеше житијата на светителите како историски извор (со ретки и чесни исклучоци).

Но, вистината е сосема поинаква. Во текстовите што следуваат ќе докажеме дека сите македонски светители (а секако и сите преостанати светители) пред се биле македонски историски личности! Ако се компарираат историските податоци спомнати во нивните житија со добро познатите историски настани што се случиле во нивно време, ќе се забележат фрапантни поклопувања. Тоа значи дека македонските светители биле луѓе Македонци, кои и навистина живееле и дејствувале во Македонија и надвор од неа. Впрочем, познато е дека раните (но и подоцнежните) христијани во времето кога биле жестоко прогонувани од паганите и од неверниците практикувале да ги запишуваат сите поединечни случаи на прогони, мачења и убиства на своите браќа по вера. Така, голем број биографии на рани и подоцнежни христијани останале зачувани како неопроценливи историски дела за животот на тие луѓе. Всушност, житијата на светителите не се ништо друго, освен биографии на историски личности. Иако се напишани од аспект на христијанското учење, тие се преполни и со неизмерно вредни податоци за секојдневниот живот на луѓето од нивното време. Оттаму, мислиме дека е крајно време нашата историографија што повеќе да ги третира како историски извори житијата на светителите (се разбира, пред се на оние со македонско потекло).

ЖИТИЈАТА КАКО РЕЛЕВАНТЕН ИСТОРИСКИ ИЗВОР

Но, некој историчар или публицист, кој по убедување е атеист или скептик (кој се сомнева во се освен во својот скептицизам) можеби ќе забележи дека житијата на светителите не можат да претставуваат историски извор затоа што во нив има "премногу религија" (пофалби кон Бога, цитати од Светото Писмо, описи на чудесни излекувања и сл.). Меѓутоа, истовремено на овие историчари не им пречи да цитираат историски извори од, на пример, некој антички пагански историчар (Херодот и други) во кои изобилно се форсираат паганските верувања (се спомнуваат "чуда" што ги направил непостоечкиот "бог" Зевс и слични празноверија). Па, зарем ова не е класичен пример за двоен аршин? Практично, испаѓа дека на овие историчари и публицисти им пречат само христијанските историски извори (житијата на светителите), а не им пречат историските извори во кои се форсираат паганските верувања. Ваквото нивно однесување е директна последица од систематското форсирање на државниот атеизам во Македонија, чија острица најмногу беше насочена токму против православието.

Житијата на светителите со докажано или можно македонско потекло ќе ги поделиме во две групи. Во првата група ќе направиме осврт на житијата на светителите Македонци од Македонија, а во втората група ќе ги опфатиме житијата на оние светители кои биле родени вон Македонија во места со кои своевремено владееле Македонците и во кои имало населено голем број Македонци (за што веќе пишувавме).

Паралелно со скратената форма на житијата на светителите Македонци од Македонија ќе презентираме и познати историски настани што се случувале во времето на нивното дејствување. Впрочем и самите житијата на овие светители се составен дел од македонската историја.

СВЕТИ АРИСТАРХ

Неговиот празник се слави на 4 јануари (стар стил), т.е. на 17 јануари (нов стил). Светиот апостол Аристарх бил еден од Македонците што се спомнати во Библијата како придружници на свети Павле за време на неговите мисионерски патувања. Свети Аристарх се спомнува како учесник во Трето мисионерско патување на свети Павле. Додека престојувале во малоазискиот град Ефес (кој главно бил населен со Грци пагани) свети Павле доживеал големи непријатности. Откако тој и неговите следбеници (Македонците Гај и Аристарх) почнале да го проповедаат христијанството, тамошните пагани толку се налутиле што сакале физички да се пресметаат со нив, фалејќи ја на сет глас својата божица Артемида Ефеска. Во "Дела апостолски" (19:28-29), во врска со ова читаме:

"Кога го слушнаа тоа (паганите Грци, з.н.), полни со гнев, почнаа да викаат ,Голема е Артемида од Ефес'. И целиот град се побуни. Сите како еден јурнаа кон театарот, влечејќи ги со себе Македонците Гај и Аристарх, Павловите сопатници".

Поради овој бунт во Ефес, свети Павле заминал оттаму и повторно отпатувал за Македонија. Во врска со настаните што следувале потоа во "Дела апостолски" (20: 1-4) читаме:

Кога се смири бунтот, Павле ги повика кај себе учениците и им даде совети. Потоа се прости од нив и отпатува за Македонија. Откако ги помина тие краеви, советувајќи ги браќата со многу говори, дојде во Грција, каде остана три месеци. Бидејќи Евреите, додека се подготвуваше да отплови за Сирија, му поставија заседа, тој реши да се врати таму преку Македонија. Со него беа: Сопатер, син на Пир од Верија, Аристарх и Секунд од Солун и Гај од Дерба и Тимотеј.

Значи, по бунтот во Ефес свети Павле се вратил во Македонија, а потоа дошол на територијата на денешна Грција, каде останал три месеци. За време на целото ова патување со него бил и свети Аристарх затоа што тој е спомнат и кога свети Павле решил од територијата на денешна Грција да замине за Сирија, но заради заседата од Евреите, тргнале по заобиколен пат и повторно дошле во Македонија. Впрочем, од оние малку податоци што се познати од житието на свети Аристарх читаме дека тој и навистина подоцна станал епископ во Апама во Сирија.

За свети Аристарх се знае дека живеел во 1 век и дека потекнувал од Солун. Тој бил верен придружник и личен пријател на свети Павле. Воедно бил и непоколеблив христијанин штом го следел свети Павле на неговите долги мисионерски патувања и штом решил до крајот на својот земен живот да остане во Сирија, далеку од својот роден крај, за да ја шири Христовата вера.

Во времето кога дејствувал свети Аристарх Македонија и Македонците веќе над два века се наоѓале под римска окупација, но македонското етничко самосознание се уште било силно развиено. Доказ за ова несомнено е спомнувањето на Македонците во "Дела апостолски". Некои историчари сметаат дека христијанството во Македонија бргу се ширело токму заради тешките услови во кои живееле Македонците под римска окупација и дека затоа свети Павле бил повикан во нашата земја за да ја шири вистинската вера во која сите луѓе се еднакви пред Бога.

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"