ИСТОРИЈА

Сто години од Смилевскиот конгрес

"ВОСТАНИЕТО СЕ ПРИФАЌА ВО ПРИНЦИП"

Пишува: Анита ДИМОВА

  • Смилевскиот окружен конгрес на ВМРО во Битолско се одржал од 2 до 7 мај 1903 година во Смилево, во присуство на педесетина делегати. На Конгресот било донесено решение да се дигне востание во Македонија летото 1903 година. Бил основан Главен востанички штаб од три члена: Даме Груев - претседател, Анастас Лозанчев и Борис Серафов - членови. Донесен е Востанички дисциплински устав и решено е да се води четничко, а не сенародно востание.

Според решението од јануарскиот Конгрес во Солун, секој округ требало да си свика свој конгрес за да го постави на разгледување прашањето за востанието.

Претседател на Смилевскиот конгрес бил Даме Груев

Жедниот народ за слобода сакал да го види развеано знамето на борбата. "Дајте ни пушки да се вооружиме, да си ја побараме среќата во едно востание, не може повеќе да се трпи турскиот гнет" - гласел народниот повик во моментот кога бил добиен расписот од ЦК на внатрешната организација за востание. Тој распис е резултат на шеснаесеттемина делегати кои во Солун го решиле прашањето на востанието. Меѓутоа, поради свесното забрзување на настаните за политиката што & годела на бугарската пропаганда, се свикал Конгрес на Втората револуционерна област, кој имал за цел да ги санкционира солунските решенија. Неговата задача била да ги собори аргументите на оние кои се спротивставиле на пребрзаното востание, од страна на воинствените елементи, на чело со Борис Сарафов.

КОНГРЕСОТ...

... се одржал од 2 до 7 мај 1903 година, во Чуроновиот дом во селото Смилево.

- Јордан Пиперката од Кичевско и Димитар Матлиев од Охирд, биле делегати од Демир Хисар;

- Никола Карев од Крушево и Иванчо од Љатово - крушевски делегати;

- Свештеникот Тома Николов и Арсо Мицков од селото Подвис, Кичевско и Јанаки и Ванчо Мицков - кичевски делегати;

- Петар Ацев, Јордан Тренков и Тале Христов - прилепски делегати;

- Славејко Арсов од Штип, потпоручникот Александар Панајотов од Велико Трново и Велјан Илиев од селото Смилево биле ресенски делегати;

- Васил Чакаларов и Пандо Кљашев - костурски делегати;

- Л. Групчев и Христо Узунов од Охрид биле охридски делегати.

Вкупно делегати од реоните биле околу педесетина. Претседател на Конгресот бил Даме Груев, а секретари Поп Христов и Цветков.

"Пред да биде отворен Конгресот, беше извршена размена на мислењата меѓу Даме Груев и Пере Тошев. Становиштето на Даме беше за востание, а на Пере - против. Тошев на можеше да го убеди Даме дека ветената помош од Бугарија е лага. И, кога виде дека е се организирано во корист на идеалот за востание, во летото тој го напушти Смилево, уште пред да биде отворен Конгресот и си замина со проклетството на устата", вели Ангел Динев во својата "Илинденска епопеја I".

Под раководство на Дамјан Груев, најнапред Конгресот решил: востанието се прифаќа во принцип.

"Костурчани беа најгласни за востание. Тие беа наклонети за востание, а многу влијаел и Сарафов, кој минал оттаму. Причината беше во многуте туѓинци (дојдените од Цариград и друго), потоа честите судири на четите и вовлекувањето на населението, честите афери случени порано во Костурско... Точно е дека населението мислеше оти лесно ќе ја добие слободата и дека штом ќе стане, некакви странски војски ќе дојдат на помош. Народот беше вовлечен... Решението од Солун за востание се осудуваше, но бидејќи се убедуваше дека другите вилеати се подготвени и дека во Солун се наложило востание и за нашиот вилает, немаше што да се прави, требаше да се покориме. Груев беше нов, штотуку беше излезен од затвор и не ги знаеше работите. Прилепчани и крушевчани беа против востанието. Мариовско исто така. За да се согласат и тие за востанието, им беше ветено оружје...", вели во своите спомени Славејко Арсов, еден од учесниците на Конгресот.

ДВА ДЕНА...

... од почетокот на Конгресот, учесниците ја добиле информацијата за големите атентати и колежот во Солун, акција која била примена со негодување.

Но, и покрај притисоците и незадоволството од голем број револуционери, меѓу кои и Пере Тошев, Гоце Делчев кој трагично загина обидувајќи се да ја спречи одлуката, заклучокот бил дека востанието не може да се одложи за идната година. Конгресот решил целата власт да помине во рацете на еден комитет - Револуционерниот штаб, за чии членови биле избрани: Дамјан Груев, Атанас Лозанчев и Борис Сарафов, а евентуални нивни заменици: Петар Ацев, Георги Попхристов и Лазар Поптрајков.

Од денот на Конгресот, сама по себе отпаднала титулата "војвода", а околијата се раководела од горскиот началник. Горските началници им биле потчинети на централното раководство од штабните началници, на чело со Дамјан Груев, Анастас Лозанчев и Борис Сарафов и нивните заменици.

"Многу се зборуваше за тактиката на востанието - да биде ли тоа масовно или партизанско. Се одлучи да биде партизанско, како подобро за населението и за да може да трае подолго.

За жал, последното не се примени. Се реши четите да не бидат помали од 30 и поголеми од 50 души. Се разгледуваше и односот кон Турците. Се договоривме да нема насилство, особено врз жените и децата. Се забрани да се палат турските села...", се присетува Славејко Арсов.

Една од главните задачи на Конгресот била да го примени Дисциплинскиот правилник, предложен од Сарафов, кој бил прочитан и прифатен. Во правилникот се определени правата и должностите на горските началници и специјално на Штабот.

Штабот ја определил и датата на востанието. Тоа било 20 јули 1903 година (стар стил), 2 август (нов стил), за чие разгледување бил изнесен распис и повик, во кој меѓу другото се вели: "Ние земаме оружје против тиранијата и нечовечноста; Ние војуваме во името на слободата и човештината. Значи, нашето дело стои повисоко од сите национални и племенски разлики, поради тоа ние треба да ги нарекуваме свои браќа сите страдалници во мрачното царство на султанот. Денес страдаат сите христијански населенија, вклучувајќи ги и самите турски селани.

Наш непријател е само турската влада и оние што излегуваат со оружје, или со шпионирање против нас, или ќе појдат да се расправаат со незаштитените старци, жени и деца, наместо со нас - против него ќе се биеме, нему ќе му се одмаздиме!...


Востанички дисциплински Устав донесен на Смилевскиот конгрес

1. Дисциплината е строго определен ред, што сите востаници од најмалиот до најголемиот, треба да го пазат.

2. Нарушителите на овој ред подлежуваат на казни наведени само во овој Устав.

3. Секој, кој со пушка, секира и какво и да биде оружје стои под револуционерното знаме, е востаник.

4. Началник е секој оној кого го назначило горното началство да ги раководи, да носи грижа и одговорност за луѓето што му се доверени како во бојот така и надвор од него.

5. Заповедта е задолжителна штом е дадена од лица (началници) кои имаат право да заповедуваат и да ја издаваат наредбата во законска форма.

6. Востаникот е должен:

а) Да го пази интересот на својата татковина до последната капка крв, исполнувајќи ја дадената клетва. Виновникот се казнува со смрт;

б) Строго, точно и безусловно и навреме да ја исполнува заповедта на своето началство;

в) Да им доаѓа на помош, да се жртвува за своите другари, кога се во опасност. Виновникот се казнува со смрт;

г) Да биде храбар. Виновникот при прв случај се укорува пред четата, а ако повтори, се казнува со смрт;

д) Напразно куршум да не се фрла. Виновникот првиот пат се укорува пред четата како страшливец, а ако го повтори, му се зема оружјето;

ѓ) Да ги почитува своите началници и постарите од себеси. Виновникот се казнува со преместување во друга чета во истиот реон, а при повторен случај со смрт.

е) Додека е жив да ги пази знамето и секој е должен да му направи скапа постела од своето сопствено тело, та дури тогаш да падне. Виновникот се казнува со смрт;

Забелешка: ... Пијанство, блудство, силувањето на жени е строго забрането. Виновникот се казнува со смрт...


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"