ИСТОРИЈА

Промовирана монографијата "Гоце Делчев" од д-р Димитар Димески во издание на "Матица македонска" и Институтот за историја

ДЕЛЧЕВАТА ХАРИЗМА ВТКАЕНА ВО СЕКОЈ МАКЕДОНЕЦ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Делото што Гоце Делчев го остави на генерациите, македонскиот народ го прегрна како свое културно наследство. На 4 мај, пред сто години, загина големото чедо на овој достоинствен народ, истакна авторот Димески.
  • Гоце Делчев рече дека "смртта не е страшна кога ги откупува животот и слободата на еден народ".

Во издание на реномираното книгоиздателство "Матица македонска" и Институтот за историја, во Домот на Армијата беше промовирана монографијата "Гоце Делчев" од авторот д-р Димитар Димески, професор на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје. Авторот Димески околу делото за Гоце Делчев се занимавал подолго време. Тој во шест наврати ја пишува студијата за животот и делото на овој македонски великан кој остави голем белег во македонската историја.

Кукуш, родното место на Гоце Делчев

Монографијата претставува своевидна синтеза со нови сознанија за маркантната личност - Гоце Делчев - почнувајќи од неговите корени, едукацијата, неговите погледи, па се до последните дни од неговиот живот.

Оваа репрезентативна публикација ќе придонесе за достојно одбележување на 100-те години од трагичната погибија на Гоце Делчев чија опсесија за слободна и независна Македонија станува реалност.

Промотори на оваа монографија беа проф. д-р Владо Поповски и проф. д-р Ванче Стојчев.

ВИЗИОНЕР

Во воведот на оваа монографија авторот Димески пишува дека личноста и делото на Гоце Делчев се вткаени во поновата историја на македонскиот народ. Неговото име ги персонифицира високите дострели на македонската илинденска генерација. Гоце Делчев се пројавил како визионер, идеолог, организатор и предводник на македонското револуционерно национално движење од крајот на XIX и почетокот на XX век. Овој великан ја просветли Македонија. Тој е сублимно чедо на своето време. Неговата куса, но имресивна, содржајно богата биографија, омеѓена со Кукуш и Баница, целосно е посветена на својот народ. Последната, најплодна деценија од својот живот, комплетно ја подари на македонското револуционерно национално-ослободително движење, на македонската бескомпромисна борба за национална и социјална слобода, на сопствениот народ. Неговото активно присуство на македонската историска сцена во виорниот период помеѓу 1894 и 1903 година, го облагороди македонското националноослободително движење.

ХУМАНИСТ

Гоце Делчев своето револуционерно кредо го изгради врз прогресивна мисла на своето време, како и врз сопственото проникнување и осознавање на исконските копнежи и стремежи на македонскиот народ за слобода и подобар, подостоинствен живот. За релативно кус период, молскавично тој се најде во челните редови израснувајќи во врвен идеолог и стратег. Тој беше македонски национален револуционер со балкански размери. За него беше туѓ секој национализам и шовинизам, а тоа го потврдува со неговата изјава "Јас не ги мразам Османлиите како народ; јас војувам против османската тиранија како владејачки систем".

Гоце Делчев со Климент Шапкарев и Ефрем Чучков

Јустинијана (Јанка) Каневчева, учителка, активистка на МРО, пријателка на Делчев

Тој мечтае за Балканска федеративна република како највисок дострел на збратимување на балканските народи. Главна пречка за таа идеја Делчев гледа во конзервативните балкански монархии, за кои Македонија е јаболко на раздорот. Меѓутоа, она што Гоце Делчев го издига над неговите современици е пред се неговиот космополитски поглед.

"Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар на народите". Токму оваа мисла чија порака до денес ништо не загуби од својата актуелност, го вбројува Делчев во редот на прогресивните светски хуманисти.

Идеалите на Гоце Делчев вплетени во неговото импозантно дело прераснаа во непресушна инспирација и патоказ за неговите следбеници. Првиот значаен чекор во тој правец го направи неговата илинденска генерација која ја понесе Илинденската Голгота и Крушевската Република како светилник и патоказ на идните македонски генерации. 

Цариградски комитет на МРО, 1903 година


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"