Непочитување на македонската традиција Постојаната мисија на Светскиот македонски конгрес (СМК) делегирана при Советот на Европа во Стразбур (понатаму во текстот ПМ-СМК-СЕ) упатува остар протест до организаторите на Македонско-југословенската забава спроти и по повод Велико-саботниот празник и голем христијански православен празник Велигден организиран во лимбуршкиот град Венло. На 26-ти април 2003 година во Gemeenschapshuis на улица Merelweg 1 во Венло извесен Ѓоко Георгиев од Валандово, музичар по професија, организираше "македонско-југословенска турбо фолк забава" со носталгични звуци од поранешната југословенска федерација.ПМ-СМК-СЕ нема за цел да го забрани или спречи организирањето на заеднички забави и прослави со српскиот, црногорскиот, словенечкиот, хрватскиот и бошњачко-херцеговскиот народ (и по распаѓањето на поранешната југословенска федерација од 1991 година), но има за цел да ја укаже недостојната детерминација на забавата именувана како "македонско-југословенска", иако остатокот наречен Сојузна Република Југославија пред четири месеци го доби новото име Република Србија и Црна Гора ( Republic of Serbia and Monte-Negro).Колку за потсетување: поради игрите со името на државата Македонија привременото име "Поранешна југословенска Република Македонија" остана и понатаму во меѓународната практика и кореспонденција на ООН и сите преостанати институциии во светот и затоа сите вакви организирани забави и прослави именувани како "југословенски" или "македонско-југословенски" ја негираат македонската држава и нација и понатаму ја туркаат кон бескрајната битка за заштита на својот сопствен идентитет и име. На денот Велика Сабота треба да се организираат масовни собири и прослави на Македонците каде и да се, но тие собири и прослави треба да бидат според македонските традиционални православни обичаи за денот Велика сабота и Велигден, а можат да се организираат заедно со српскиот народ само тогаш кога Српската православна црква ќе ја признае афтокефалната Македонска Православна Црква (нејзината мајка) и ќе лобира за нејзин прием за полноправен член во Православниот свет со седиште во Цариград (Истанбул). ПМ-СМК-СЕ упатува остра критика и до координаторот за забава, фолклор и одбележување на датуми на Македонската заедница во Холандија, г. Кирил (Кире) Џалески, кој даде поддршка на оваа "македонско-југословенска забава" во Венло со свое присуство со сопругата и во свечена облека што (во професионалната, па дури и во аматерската дипломатија) значи потполна поддршка до организаторот. ПМ-СМК-СЕ упати нота на негодување и до Македонската заедница во Холандија и нејзиниот претседател г. Џон Тодоровски за почитување на донесената агенда на забавите и прославите на целата територија на Кралството Холандија со претходно известување до Заедницата и во интерес на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет, а не на т.н. југословенски, бидејќи тој како таков (југословенски) никогаш и не постоел. ПМ-СМК-СЕ бара од Македонската заедница во Холандија да го преиспита мандатот даден на координаторот за забава, фолклор и одбележување на датуми на г. Кирил (Кире) Џалески во врска со споменатата "македонско-југословенска забава" организирана во Венло, бидејќи изразува посебна загриженост за правецот кој е сосема спротивен на целите и задачите на Македонската заедница во Холандија. Гоце Дуртаноски, шеф на Постојаната мисија на Светскиот македонски конгрес (СМК) делегирана при Советот на Европа (СЕ) во Стразбур Поддршка за "Непокор"! (Повод: Проектот на Здружението "Непокор", односно написот "Досие за кршење на човековите права на Македонците" објавен во број. 442 од "Македонско сонце", 20.12. 2002 година) Почитувани пријатели од Редакцијата на "Македонско сонце" и Здружението "Непокор"! Со преголема радост го читав горенаведениот напис во нашето омилено списание што мене и на многуте Македонци кои го читаме, покрај радостите и одредени разочарувања, на некој начин ни дава смисла на животот. Особено ме израдува информацијата за иницијативата на здружението "Непокор" преку разговорот со неговиот потпретседател Зоран Јованчев најавена како амбициозен проект на ова Здружение. Се разбира, ова е голема работа што ја поздравувам, но и тест за способностите на раководството да го спроведе целосно Проектот. Лично јас сметам дека постои сомневање за неговата комплетна реализација, бидејќи споменатиот образец со којшто ќе се прави прибирањето на сведоштва се врши преку интернет, а ние за жал не поседуваме компјутери со приклучок на интернет. Проблемот е во тоа дека се бара "враќањето на формуларот со одговорите да биде лично, директно во канцеларијата на 'Непокор' во Скопје". Сакам да се вклучам во иницијативата за Проектот, бидејќи мојот живот исполнет со борба и страдање, одговараат на оваа работа. Но, како да го сторам кога сум инвалид и за мене е проблем да отидам во Варна? Затоа, мора да се преземат соодветни мерки и да не информирате детално за да нема пропусти! Димитар Захов Нечесна политика на Американската државна управа! (Повод: Забелешки на Извештајот за Грција од страна на Американската државна управа) Македонското движење за човекови права во Канада (МДЧПК) се згрозува од постојаното грешно претставување на македонското малцинство во Грција преку "Државните извештаи за човекови права - 2002 година, Грција", од страна на Американската државна управа (Стејт департмент). И покрај бројните барања и предочувања од МДЧПК и други меѓународни НВО (погледнете ја Објавата на грчкиот хелсиншки Монитор од 18 март, 2002: www.greekhelsinki.gr/bhr/english/organizations/ghm/ghm_18_03_02.rtf ). Американската државна управа продолжува да дава погрешни изјави во однос на ова малцинство кое единствено може да се сфати како обид да се задоволи грчката чувствителност во однос на македонското прашање. На пример, кога се зборува за македонското малцинство, Американската државна управа го поставува изразот македонско во наводници. Ова го дава чувството дека Американската државна управа се согласува со службената грчка политика дека ова малцинство е незаконско. Македонското малцинство и јазик се меѓународно признати како такви, но Американската државна управа се сомнева во легитимноста низ целиот извештај користејќи имиња како "Славо-Македонци", "Славјански дијалект" и давајќи изјави како следнава: "Северо-западна Грција е дом на неодреден број граѓани кои дома зборуваат Славјански дијалект, посебно во леринската област. Процените се движат широко, од под 10.000 до 50.000. Мал број се произнесуваат дека припаѓаат на посебна етничка група и го бараат правото на посебност како ''македонско' малцинство." Најповеќето процени го поставуваат македонското малцинство многу над горенаведените бројки. Македонците живеат низ целиот егејски дел од Македонија, не само во леринската (флоринска) област. Што е уште поважно, голем број се произнесуваат како етнички Македонци, а не незначителен дел од населението како што јавува овој Извештај. Следната изјава го дава впечатокот дека Американската државна управа е оправдувач на постојаниот притисок кој го врши грчката власт врз македонското малцинство: "Владата беше загрижена дека членови на 'македонското' малцинство можат да имаат желби за одделување". Како што изјави Грчкиот хелсиншки монитор во својата Објава од 2002 година: "(Извештајот на Американската државна управа) не ги спомнува постојаните порекнувања за такви барања од страна на сите дејци. Всушност, бидејќи никогаш немаше такви изјави, самото споменување во Извештајот за обвинителните претпоставки на грчката Влада, не може, а да не прави услуга на Владата. Таквиот впечаток е зацврстен со отсуството на случајот со нерегистрирањето на Домот на македонска цивилизација (и за здружението "Русалии"), во Извештаите за 2000 и 2001 година." Исто така, Американската државна управа одлучи да не ги спомнемногубројните случки на етнички Македонци на кои им беше одземено правото за влез во Грција, постојаното прогонување на македонскиот свештеник, отец Никодим Царкњас, кој беше вербално нападнат, наклеветен па дури и притворен на грчка телевизија во живо, одбивањето да се регистрираат две македонски културни друштва, воопшто одбивањето на грчкото општество да се вклучи во расправа за македонското прашање, а да не зборуваме за признавање. Неколку локални и меѓународни НВО, вклучувајќи и локални македонски дејци во Грција, неколкупати ја имаат контактирано Американската државна управа за да се достават податоци за кршењата на човековите права кои ги трпи македонското малцинство. Американската државна управа избира кои податоци ќе ги користи, кое дава веродостојност на исказот дека нејзината главна цел е задоволување на своите интереси, а не обезбедување човекови права на обесправените малцинства. Грчкот хелсиншки монитор ја заврши својата Објава за 2002 година на следниот начин: "Односот (на Американската државна управа) кон Македонците во Грција, како што е отсликан во годишните извештаи, не може да се земе како превид, или пак како недоволна известеност; напротив, тоа е постојана и намерна политика на самозадоволност кон грчките власти во однос на најчувствителното прашање за човековите права. Таквата самозадоволност не е прикажана кон бугарските власти кои исто така имаат слична чувствителност за Македонците, чии потешкотии се споменати во соодветните поглавја". МДЧПК ја повикува Американската државна управа да ги исправи своите минати грешки и веднаш да даде Објава со која ќе ги исправи грешните изјави за македонското малцинство во Грција. Бил Николов, Македонско движење за човекови права во Канада |
|