еднаш по поднесувањето на
кривичната пријава и изречената мерка притвор против Бесник Фетаи, поранешен
министер за економија, првенците на ДПА на која & припаѓа Фетаи,
демонстративно изјавија: "Фетаи е во неговиот дом во селото Боговиње и нека
се обиде полицијата да дојде да го уапси, доколку е способна за таква акција".
Со оваа изјава ДПА се става во позиција држава во држава, што не е далеку
од позицијата што ја имаше во изминатите четири години кога во западниот дел
од Македонија состојбите во сите сфери беа под нивна контрола. Каква
храброст и дрскост од партијата која себеси си ја придаваше улогата на
релаксатор на меѓуетничките односи додека беше на власт. Но, која е
заднината на ставањето на нивниот член под цврста партиска заштита? Заштита
која се реализира во вклучување на веќе познатиот инструмент и по којзнае
кој пат применет во постигнувањето на партиски цели, т.е. дестабилизација на
државата по меѓуетничка основа, а како причина се зема наводната политичка
обесправеност и тортура врз Албанците. Заднината, односно мотивите за
наведените постапки на ДПА - обвинението за злоупотреба на службената
должност на Фетаи, во јавноста да го претстави како политички притисок врз
партијата, но и како дискриминација врз албанската популација.
Секако, нема да има посебна потреба и напори од анализирање за да ја
увидиме заднината на заштитата што му ја дава партијата на својот член
Бесник Фетаи заканувајќи се со нова дестабилизација на државата. На ДПА, на
нејзините првенци Џафери и Тачи, верувам дека судбината на личноста Фетаи
многу не ги засега, туку пред се станува збор за делото што го остави зад
себе ДПА во времето од своето владеење, време во кое Бесник Фетаи беше во
улога на реализатор на бизнис-интересите на главните планери, двоецот Џафери
- Тачи. Притоа не е во прашање обвинението за злоупотреба на функцијата само
во случајот на приватизацијата на НИП "Нова Македонија", туку можноста да не
почне клопчето да се одмотува, т.е да се разобличат преостанатите бројни
криминални дејанија на ДПА кои директно водат до наредбодавците.
Доколку се убедени во невиноста на Фетаи, зошто толкава вознемиреност,
наспроти постоење на трпеливост со што ќе го покажат своето респектирање кон
државата каква што ни е таква. Тие цели четири години беа едни од нејзините
директни креатори. Судската разврска на случајот нека се процесуира во
судскиот систем и доколку Фетаи биде прогласен за невин, евентуално, во тој
случај може да се занимаваме со тезата дека обвинението против Фетаи е
инструментот со кој новата Влада сака да се пресметува со ДПА, да врши
политички притисок. И доколку таквата практика стане правило на однесување
од страна на Владата, тогаш да го поставиме на дневен ред и прашањето за
дискриминација на Албанците преку судскиот систем.
Независно судство!? Да, во Македонија се уште сме далеку од тоа дека
судството ни е независно. Со право такво убедување постои, и тоа основано,
но да не одиме во моментов во тој правец. Секако, судството се уште во
голема мера е во функција на политиката. Но, токму начинот на однесувањето
на ДПА е во тој правец. Па, почекајте! Како што споменав веќе, какво што ни
е судството такво нека функционира и во случајот на Фетаи. Токму во случајот
на Фетаи нека се разобличи истото дека е пристрасно, дека зад него се кријат
мотивите на партиите кои се на власт. Трошете ја енергијата во тој правец,
докажете ја политизираноста на судството. Во тој случај вие многу ќе добиете
како партија, но ќе придонесете и за државата, ќе бидете конструктивни.
Но, дали тоа може да се очекува од вас кои одлучувавте, ја кроевте
судбината на државата во вашиот период од владеењето?! Секако дека не. Можам
да ве разберам дека е особено непријатно кога ќе се замине од власта со
такво дело какво што го оставивте во времето кога бевте на власт. Но, веќе
еднаш мора да се стави крај на покривањето на криминогените активности со
политичка покривка. Не само што е крајно време, туку и судбоносно по
опстојувањето на државата.
Почнете веќе еднаш да се занимавате со вистинските проблеми со кои се
среќаваат секојдневно граѓаните со албанска етничка припадност кои ги
претставувате. Престанете нивните секојдневни тешкотии да ги ставате во
функција на реализација на вашите политички проекти. На тој начин не
придонесувате за нивното подобро утре. Доколку го насочите вашето политичко
дејствување спротивно од сегашното кое е деструктивно, не само што ќе
придонесете за вашиот електорат, туку истовремено и за доброто на државата.
И бидете убедени дека кога зборуваме за намалување на невработеноста во
државата, истовремено се мисли и на граѓаните од албанска етничка припадност,
потоа секој образуван Албанец е во интерес на државата, а никако спротивно
итн. Во тој случај, не може така лесно граѓаните со албанска етничка
припадност да бидат предмет на манипулација од ваша страна со нивното
вклучување во вашите мрачни сценарија.