|
КУЛТУРА
Триесетгодишно музичко опстојување во светот на фолк естрадата
"МОНТАНА" - ГРУПА СО ТРАДИЦИЈА
Пишува: Милева ЛАЗОВА
- Поради добриот впечаток што го оставиле, членовите на групата "Монтана"
повторно се поканети и сега се на гостување прво во Германија во градот
Дизелдорф, а потоа и во Холандија.
- Иако постоиме веќе долги години, иако имаме снимено материјал, се уште
немаме издадено наша касета, а причината се знае - финансиските средства
.
М ожеби малкумина слушнале за
музичката група "Монтана", но тие веќе можат да се пофалат со триесетгодишно
континуирано опстојување во светот на музиката. Групата постои уште од
далечната 1971 година, а брои пет членови кои свират на хармоника, саксофон,
кларинет, тапани, басгитара и секако вокал.
Покрај постојаните ангажмани низ Македонија, "Монтана" можеле да ја
слушнат и Македонците од Германија и Холандија.
АНГАЖМАН
Негуваме претежно народна музика, меѓутоа понекогаш може да засвириме и
забавни мелодии, вели Христо Тасевски, еден од членовите на групата "Монтана".
Постојано сме ангажирани како на семејни веселби, така и во некои
ресторани низ Македонија. Секако дека покрај тоа што свириме стари
македонски песни, имаме и наши, поточно за нашиот вокал искомпонирани.
Иако постоиме веќе долги години, иако имаме снимено материјал, се уште
немаме издадено наша касета, а причината се знае - финансиските средства.
Своевремено понудивме наши песни да ги снимиме во продукција на Македонската
телевизија, но повторно наидовме на проблемот финансии - ни побараа многу
пари, така што се откажавме. Сега сме во екот на подготовка за
снимање на нови песни и ора.
На фолк фестивали како група не настапувале, меѓутоа како пратечка група
или оркестар биле присутни на неколку македонски фестивали.
Не ни е потребна афирмација или експонирање, си работиме континуирано и
тој начин на работа ни се допаѓа, објаснува Тасевски. Сепак, секој од
нас се има појавено и надвор од групата, особено вокалот кој за Македонската
телевизија има снимено 28 нумери - изворни и чалгаџиски.
ГОСТУВАЊА
Кога станува збор за настапите надвор од Македонија, тука нема никаков
проблем. Тие веќе биле во Германија и Холандија, а се надеваат дека набргу
ќе заминат и за Австралија.
Приемот од нашите сонародници беше навистина топол и срдечен. Беа многу
задоволни од песните кои ние им ги интерпретиравме, тие беа задоволни
особено од нашиот вокал, додава Тасевски.
Поради добриот впечаток што го оставиле, членовите на групата "Монтана"
повторно се поканети и сега се на гостување, прво во Германија во градот
Дизелдорф, а потоа и во Холандија на покана од Културно-уметничкото друштво
"Гоце Делчев" на задоволство на голем број наши сонародници. Иако од
Австралија имале неколку покани, сепак не дошол моментот да заминат таму и
да ги посетат Македонците од австралискиот континент, но постои можност да
бидат видени и таму.
|