Идејата за реализирање на ваква манифестација, која би била покрај од
регионален и од меѓународен карактер, потекна од желбата за зближување на
Македонците од овие простори, чија заедничка цел е подигање на националните
чувства и вредности на ниво на меѓупочитување, толеранција, наспроти
денешните услови на разнебитување на истите.
Едновремено учеството на оваа венчавка за многумина би била прва посета
на родната земја на нивните родители, како и прилика за запознавање на
нејзината култура и нејзините традиции.
ПОКАНА
Големата венчавка ја планирам околу осум години и упорно се обидувам да
ја реализирам, вели Јован Димовски, иницијатор за големата венчавка.
Оваа година успеав да испечатам материјали и да се договорам со владиката
Петар таа да се одржи во црквата "Свети Димитрија" во Битола, на трети
август, по големиот празник Илинден. Потребни се 100 парови кои ќе склучат
100 брака, а тоа воедно ќе ја симболизира 100-годишнината од Илинденското
востание.
Се предвидува целиот тој ритуал да биде по старо, со сите обичаи, како
што порано се правеле свадбите. Невестите може да се облечат во невестински
фустан или пак во народна носија.
Уште поубаво ќе биде доколку биде шарено, односно ако има невести и во
венчални фустани и во носии, додава господинот Димовски. Поканата за
големата венчавка се однесува и на младите кои живеат надвор од Македонија.
Целта ни е на едно место да се соберат двесте, па и повеќе млади луѓе, така
што тие ќе имаат можност за дружење и збратимување. Би сакал оваа
манифестација да наиде на широк одѕив со што би можело понатаму да прерасне
и во традиција.
ПЛАН
Зетовците ќе бидат собрани на плоштадот пред црквата "Свети Димитрија",
додека невестите ќе бидат во хотелот "Епинал" во Битола. Пред да почне
церемонијата ќе ечи музика, тука ќе бидат тапаните, ќе има богата музичка
програма со играорци и пејачи.
Сите ќе си имаат кум, но еден ќе биде званичен, објаснува Димовски.
Исто така, ќе има девер и мал девер. Зетот и невестата, односно
младоженците, ќе се сретнат на плоштадот. Еден младоженец ќе биде избричен
како што налага адетот пред една куќа, а една невеста ќе треба да фрли
јаболко преку куќата. Венците ќе бидат направени од винова лоза, бршлен и
цвеќиња. Во црквата ќе има огромна погача, а пајтонот ќе го донесе владиката.
Секој пар ќе си добие важечка венчална потврда, но претходно треба секој пар
да е регистриран во општината каде што живее. За секого ќе обезбедиме златни
бурми како подарок од организаторите.
По венчавањето младоженците ќе заминат на коктел како што е редот при што
меѓу себе ќе се запознат, а можеби и понатаму ќе пријателуваат.
Веќе има заинтересирани парови за оваа голема венчавка - околу 16 од кои
три се од Австралија, а два од Америка. Оние кои се заинтересирани да бидат
дел од оваа венчавка можат да се пријавуваат најдоцна до 10 јули, затоа што
венчавката е закажана за 3 август.