ИНТЕРВЈУ

Георги Даневски, академски сликар кој живее и работи во Торонто

КОСМИЧКИ БЛАГОСЛОВ НА ГОЛЕМИОТ ТВОРИТЕЛ

Разговарала: Лилјана РИСТОВА

  • Мојот астрален свет, мојата љубов му припаѓа на Универзумот. Но, тој Универзум започнува со македонското ѕвездено небо.
  • Јас никогаш нема да се откажам од простите, едноставни образи на македонскиот селанец, тие лица се како празник за мене.

Академскиот сликар Георги Даневски, по потекло од Виница, веќе десетина години живее и работи во Торонто. Во период од неколку години тој комплетно ја живописа внатрешноста на МПЦ "Свети Климент Охридски" во Торонто, која, благодарение на огромниот талент на Даневски и неговата љубов кон зографството, денес е една од најубавите православни цркви на северноамериканскиот континент. Интервјуто со Даневски, кое е објавено во весникот "Македонски вести" во Торонто, го објавуваме и во нашиот неделник.

* Господине Даневски, дали чувството за форми, бои и естетика се наследува или се стекнува со време?

ДАНЕВСКИ: Ова прашање има една огромна, неприкосновена содржина, зашто тоа е суштината за потенцијалот на секој креативец, уметник. Ако имате одредени чувства за визуелноста која е пред вас, тоа значи дека како човечко суштество вие можете да ги интерпретирате сите форми или пак да влијаете во внатрешниот свет со нив. Секако, за да се биде уметник потребен е прст божји, односно генетски потенцијал, талент, кој не е се, но е многу. Покрај ова, потребна е и една макотрпна енергична работа во која златното правило гласи: Да не мине ден без црта и да знаеш кога да престанеш.

ПОЧЕТОЦИ

* Кога почна Вашето интересирање за форми и бои?

ДАНЕВСКИ: Инстинктивно почнав да сликам на четиригодишна возраст и за мене најголема радост беше кога родителите ќе ми купеа блок.Уште паметам како долго и упорно плачев за да го добијам својот прв блок. Го паметам Славчо Вандерот од Виница, кој работеше во едно угостителско претпријатие и од чии цртежи јас се воодушевував. Тој всушност беше мојот прв учител. Моите први цртежи беа исповед на радост на едно четиригодишно дете кое низ една игра ја искажуваше својата љубов кон форми, кон линија, цртеж, боја.

* Како и кога ги создадовте Вашите први уметнички дела?

ДАНЕВСКИ: По завршеното основно училиште во Виница, се запишав во Средно школо за применета уметност во Скопје, кое траеше пет години, а потоа продолжив академски студии на љубљанскиот Универзитет. Делата кои во тој школски период ги создавав беа симбиоза меѓу учењето и уметничкиот дар и веќе во втората година ја добив Прешерновата награда за еден циклус на актови. Тоа беше прво сериозно признание во мојата кариера. За вистинскиот артист учењето никогаш не завршува, бидејќи животот е неисцрпен извор, а уметноста е дел од животот, таа е како ерудитивна химна на животот.

Колку вие и да сакате да бидете конструктивни, нејзината сила и убедливост се секојпат нови како животот. Иако има циклусни правила, иако има знаења кои ве обврзуваат на одредени дисциплини, честопати вие ќе побегнете од манирот и ќе бидете изворни. Ако го следите животот, вие целиот мисловен и чувствен уметнички дар ќе го насочувате кон креацијата, проучувајќи ја и претставувајќи ја силата на животот.

* Колку уметноста со која Вие се занимавате се доближува до другите човечки духовни вредности?

ДАНЕВСКИ: Не постои голема уметничка дисциплина која не е поврзана со другите доблесни науки и уметности. Уметноста низ векови створила свои одредени правила, но постои една универзална врска за сите времиња, а тоа е нејзината убедливост и нејзината тајна да се победува минливоста на времето. Кој би се сетил денес на Полина Боргезе ако големиот италијански мајстор Антонио Канова не ја овековечеше во тој нејзин акт. Уметноста всушност го преведува човекот во вечноста, таа не носи во тајното време на вечноста.

КРЕАТИВНОСТ

* Сегашното Ваше творештво е врзано за живописување?

ДАНЕВСКИ: Станав зограф поради тоа што нашето рано и зрело средновековие дало една таква влијателна и изворна уметност каде се возобновила антиката во една христијанска програма. Нашето поднебје, односно македонските мајстори го дале второто златно доба на таа империјална уметноста. Јас уште како дете се судрив со блесокот на таа уметност и знаев дека никогаш нема да станам голем сликар ако таа уметност не помине низ мене. Јас ја создавам таа уметност наново, реформирано и со тоа не го бришам комплексот на некогашните големини, туку јас ги поврзувам оригинално моето сегашно време со доблеста и големината на она што го дала македонската, односно византиската уметност во светската култура во минатото. Ете затоа јас се занимавам со зографство, зашто византиската уметност може да зборува и раскажува, има инверзивен простор, има арабескна линија која ги поврзува источната и западната уметност. Јас на тоа градам едно ново сликарство и моето интимистичко, штафелајно сликарство има извесно влијание од овие податливи квалитети на нашата голема византиска уметност.

* Имате ли чувство дека му подарувате на светот нешто вредно секогаш кога ќе завршите едно уметничко дело?

ДАНЕВСКИ: Тоа е сврзано со исконската радост, исто како што вие како новинар во креативноста на една репортажа сигурно носите еден полет на позната или непозната убавина во себе. Јас можам да кажам дека тоа е есенцијално во уметничкото творење. Неизмерни се среќата и радоста кога чувствувате дека творите една сериозна уметност која ја подарувате на човечкиот род, на својот народ, на својата околина.

* Живописот во МПЦ "Свети Климент Охридски" во Торонто е ремек-дело на Вашата уметноста и многумина Ве нарекуваат македонски Микеланџело?

ДАНЕВСКИ: Јас имав искрена љубов да направам едно вистинско креативно дело, зависно од условите, зашто ние во нас носиме и една релативност. За среќа, наидов на една климатска и творечка атмосфера кај македонскиот народ овде во Торонто и тоа беше голем предизвик за мене. Сакав на мојот македонски народ кој е оспоруван, опожаруван, касапен и од сопствените луѓе, да му возвратам со еден симбол. За жал, во тој прекрасен македонски народ постојат и рушители. Јас мислам дека како што Господ го велича своето, така и ѓаволот доаѓа по своето, па така, во кармичниот расплет сите ќе си го најдат своето место.

* Како Вие ја доживувате судбината на иселеник, бидејќи Вие самите живеете во иселеништво?

ДАНЕВСКИ: Јас не признавам дека сум иселеник, можеби сум бил прогонет и сум побарал една оаза каде би го нашол својот творечки мир. Не поднесувам печалбарски песни, ниту параграфи за иселениците. И покрај тоа што имам многу нешто убаво да кажам за канадската земја, јас тука дојдов како формиран човек и никогаш нема да кажам дека сум иселеник. Мојот астрален свет, мојата љубов му припаѓа на Универзумот. Но, тој Универзум започнува со македонското ѕвездено небо. Јас никогаш нема да се откажам од простите, едноставни образи на македонскиот селанец, тие лица се како празник за мене.

Ние патуваме низ времето и човекот како Божја творба влегува и излегува од него, така што одредени астрални податоци на наши предци живеат во нас. Тоа има голема, планетарна дефиниција, тоа е нешто што наликува на тајната на љубовта. Човекот не е само земна појава, тој е еден космички благослов на големиот Творител. Ако постои мирис во уметноста, таа би мирисала на љубовта. Таа е материја без почеток и крај, како што е еден човечки живот. Јас не сум само патник, јас сум човек кој го регистрира сето тоа.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"