КУЛТУРА

Апсолвентката Маја Серафимовска побара коавторство и надомест за "Патување со љубената" на Божин Павловски

ВО ИГРА "МИРИСОТ НА ПАРИТЕ"

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Апсолвентката на Филолошкиот факултет, од Катедрата за компаративна книжевност, Маја Серафимовска, му бара коавторство на писателот Божин Павловски за неговиот автобиографски роман.
  • Академик Павловски, пак, изјави дека како и на Маја, така и на академиците Гане Тодоровски и Анте Поповски, им исплатил хонорар од 11.000 денари за нивните сугестии околу романот "Патување со љубената".

Дваесетипетгодишната Маја Серафимовска неодамна го обвини академик Божин Пав-ловски за оспорување на нејзиното учество во пишувањето на романот "Патување со љубената", за кој академик Павловски во Солун пред две години доби Балканска книжевна награда. Апсолвентката на Филолошкиот факултет, од Катедрата за компаративна книжевност му бара коавторство на писателот Божин Павловски, за неговиот автобиографски роман.

Правта околу овој роман се крена кон крајот на минатиот месец кога Маја со својот адвокат Владимир Николиќ свикаа прес-конференција на која најавија дека Божин Павловски ќе биде тужен по две основи - за оспорување на авторство и за учество, и за надомест на штета.

ОБВИНУВАЊЕ

Според Маја Серафимовска, таа на овој роман, инаку издаден пред три години, кој имаше тираж од неколку илјади примероци, учествувала како што рече според нејзина проценка, со околу 60 отсто во неговото формирање и заради тоа очекувала дека за тоа ќе добие соодветна награда. Прво, евентуално, да се најде некаде на кориците на романот како соработник, а второ да добие некаков хонорар, за што вели дека не добила ништо.

Пред да се отпечати романот, Павловски ми го даде ракописот со цел, ако сакам, да дадам некои сугестии. Во тој момент бев почестена од тоа дека еден Божин Павловски, еден академик за кој во средно училиште учевме многу, воопшто ми нуди вакво нешто, вели Маја Серафимовска. Добив материјал од Павловски кој требаше комплетно да се трансформира, почнувајќи од трансформација на главниот лик во делото, па интервенции на секое поле. Направив огромна реорганизација на делото и ми беше ветено дека се она што ќе го работам ќе биде ценето онака како што заслужува. Јас се надевав на тоа, затоа што сум апсолутно коавтор на делото. Работев неколку месеци на обликување на романот и тврдам дека мојот придонес за конечната верзија е најмалку 60 отсто. Јас придонесов да биде делото она што денес е. Меѓутоа, Павловски ме оштети интелектуално, духовно и финансиски и затоа целата работа ќе се заврши на суд. Не го обвинувам за плагијат, не велам дека тој материјалот го земал од мене, туку тие ракописи се негови, а подоцна јас комплетно ги изменив.

ДОГОВОР

Серафимовска признава дека со авторот Павловски немала никаков писмен договор и се било договарено усно, бидејќи таа во принцип била почестена што ќе соработува со Павловски, а од него очекувала дека ќе се однесува адекватно на неговото име и реноме.

На прашањето зошто чекала цели три години ова да го обелодени, таа немаше конкретен одговор. Единствено кажа дека во меѓувреме имала други поважни работи, а и тоа дека академик Павловски ја одбегнувал. Дури сега сфатила што & се случило, односно не била свесна за тоа колку е сериозно тоа што & се случува, поточно дека е измамена.

Пред извесно време од директорот на издавачката куќа која го издаде овој роман, АЕА - Мисла, Антонио Павловски, син на академик Божин Павловски, побарала надомест од 6.000 евра за коавторство, но откако била одбиена, решила да ги даде на суд.

Очекував моето име да стои некаде на книгата и како учесничка во неговото создавање да добијам соодветен паричен надомест, објаснува Маја Серафимовска. Врз основа на доказите што ќе ги поднесам, оставам судската процедура да утврди колкаво е моето учество.

КОНТРАИЗЈАВА

На прес-конференцијата на која се се обелодени, присуствуваа и авторот Павловски со синот Антонио и со адвокатот Јагнула Куновска која заедно со колегата Николиќ, адвокатот на Маја, за сето време си дофрлуваа при тоа навредувајќи се. Иако прво не сакаше да говори, затечен од она што му се случува - за него една непријатна ситуација, сепак академик Павловски на крајот кажа неколку збора.

Мислам дека видовте оти станува збор за една глупост којашто во нашето општество нема граници. Го напишав делото и го завршив во 2000 година и последните читатели на ракописот беа академиците Гане Тодоровски и Анте Поповски кои дадоа свои сугестии и толкувања на ракописот пред неговото печатење и на госпоѓица Маја Серафимовска која исто така ми даде квалитетни сугестии како читач од публиката, објасни академик Павловски. На сите им благодарев. И во знак на моја благодарност на тројцата за нивниот труд и за сите сугестии кои ми ги кажаа им исплатив по 11.000 денари хонорар. Секогаш тврдев дека сите тројца ми дадоа квалитетни сугестии за да биде делото уште попопуларно. Вакво нешто од госпоѓица Маја воопшто не очекував. За мене ова е шок. Но, во овој случај, очигледно дека е во прашање "мирисот на парите".


Од колумната на Павловски во "Дневник"

Една госпоѓица се појави како можен коавтор на мојот популарен роман "Патување со љубената". Делењето посвети за сите мои дванаесет книги си мина од убаво-поубаво, на прсти можев да ги избројам читателите кои беа љубопитни за "случајот".... Јас го пишував романот цели деветнаесет години, а "коавторката", во чија биографија стои дека како дете учествивала во телевизиската емисија "Шарам, барам", успеала за само еден месец. Во делото "се вградила ментално, креативно и духовно", недостига само уште да се вгради материјално. Малку утре. Јас не создавам романи за пари, туку за читатели... Приказната ќе ја вратам назад... Во мојот кабинет најавија "дама со цвеќе во рацете". Тоа беше госпоѓицата Маја Серафимовска....Бидејќи многу се измачував со последните верзии на романот "Патување со љубената", иако бев договорен естетски супервизори да ми бидат академиците Анте Поповски и Гане Тодоровски, јазичен дотерувач Велика Ширилова, стилски експерт Ангелина Јовановска, сепак веднаш помислив дека еден обичен непознат читател добро ќе ми дојде.... Од мене доби материјален надомест идентичен со тој на двајцата академици, кои исто така му помогнаа на делото "да трепери од убавина"... Госпоѓица Маја.... ми носеше букет цвеќе на сите промоции, на сите саеми... Ниту еднаш не изрази желба "да ми стане коавтор"... Но годинава, само неколку дена пред Саемот на книгата, нејзиниот "робусен" адвокат Владимир Николиќ ми испрати заканувачко писмо: "Пари или афера", гласеше пораката. Немал време или не сакал да го простудира мачниот пат на успешните книги што се пишуваат десет, дваесет или повеќе години. Веројатно не ни помислил дека тој пат, наместо со пари, е послан со трње.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"