Македонска студентска организација во Бугарија

Во Софија формирана е невладина организација под име Македонска студентска организација која ќе ги застапува интересите на македонските студенти кои студираат во Бугарија.

Основните цели на организацијата се развивање на образовните и културните врски меѓу Македонија и Бугарија, размена на студенти и универзитетски кадар меѓу двете држави. Идејата е на самите студенти во Софија, а во иднина ќе ги опфати и оние кои студираат и на Универзитетот во Благоевград. Македонската студентска организација во Софија може да ја контактирате на следната е-маил адреса:

mso_0403@yahoo.co.uk

Македонците во Бугарија му оддадоа почит на Делчев

Македонци од Бугарија му оддадоа почит на Гоце Делчев, положувајќи венци и свежо цвеќе на неговиот споменик во центарот на Благоевград. Одбележувањето на 100-годишнината од загинувањето на големиот македонски великан поминало без инциденти во споредба со минатите години кога тие беа неизбежни.

Потпишана Јадранска повелба

Во Тирана, министрите за надворешни работи на Македонија, Албанија и на Хрватска, Илинка Митрева, Илир Мета и Тонино Пицула, заедно со американскиот секретар Колин Пауел, ја потпишаа Јадранската повелба. Таа ќе биде гаранција дека трите земји во 2006 година ќе станат дел од НАТО, а со потпишувањето на Повелбата САД стана покровител и партнер на трите земји за членство во Алијансата.

"Скрб и утеха" во Албанија

Театарот "Скрб и утеха" гостува кај Македонците во Албанија. Во Тирана и Голо Брдо овој театар ќе се претстави со "Деноносии" од Тихомир Стојановски. Во селата Среблево, Ѓинеец, Требишта и Клење, за првпат ќе се случи театар. Целиот настан ќе биде снимен како документарно-игран филм од страна на МРТВ.

Ќе се гради балкански гасовод

Грчката фирма за природен гас "Депа" соопшти дека со претпријатијата од осум балкански земји е постигната согласност да се изгради заеднички гасовод. Од наша страна протоколот го потпиша "Макпетрол", а потписници се и фирми од Србија и Црна Гора, Хрватска, БиХ, Словенија и секако Грција и Турција.

Ревидирање на договорот за "Окта"

Грчкиот министер за развој, Апостолос Цохаѕопулос, на неодамнешната посета во Македонија истакна дека Грција е подготвена за ревидирање на договорот за "Окта" поради новонастанатите услови и приспособување на заедничките одлуки. Тој, исто така, најави поддршка од Атина со цел двете држави да можат успешно да го завршат припојувањето кон европските мрежи што се однесуваат на енергетскиот пазар.

Албанци илегалци во Словенија

Словенечката полиција минатата година уапсила вкупно 1.221 илегален имигрант од Македонија. Повеќето од нив биле етнички Албанци.

"Балканика" неизвесна

Се уште не се знае терминот и местото на одржувањето на Годишното доделување на интернационалната книжевна награда "Балканика" на Фондацијата што ја формираше Бугаринот Николај Стојанов. Но, сепак, доколку се одржи, македонски претставник ќе биде авторот Димитар Башевски со неговиот роман "Бунар".

Американци од Заливот во Бугарија

Според софискиот весник "Стандард", Првата американска тенковска дивизија која учествуваше во борбите во Ирак, ќе биде префрлена во бугарската воздухопловна база Сарафино и во бугарското црноморско пристаниште Бургас. Оваа елитна единица позната по прекарот "Железни орли" ќе биде постојано стационирана во Бугарија, наместо во Германија каде што била досега лоцирана.

Грците се плашат од албанскиот САРС

Поради стравот дека Албанци може да ја прошират смртоносната пневмонија САРС и во Грција, Грците ги засилиле безбедносните мерки на сите гранични премини кон Албанија. Грчките медиуми пишуваат дека "опасноста доаѓа од Албанците", па дури најавуваат дека е можно затворање на албанско-грчката граница.

НАТО ќе повлекува војници од Косово

Според радиото "Франс интернасионал" командата на НАТО наскоро ќе предложи значително намалување на бројот на војниците во мировната мисија на Косово, КФОР. Наместо досегашните 27.000 војници, во составот на КФОР ќе останат само околу 17.000 војници. Се чека само на одлуката од Советот на министри на НАТО.

Изградба на црква "Св. Илија" во Голо Брдо

Во организација на Македонската заедница во Албанија и Политичкото друштво МИР на Македонците во Албанија, во тек се подготовки за изградба на Македонска православна црква "Св. Илија" во селото Ѓинеец во Голо Брдо. Црквата ќе биде мало ремек-дело со површина од 15 квадратни метри (3 х 5 метри).

Заедницата на Македонците упатува апел за донатори на изградбата на црквата. Паричните уплати со назнака "за МПЦ во Ѓинеец" можат да се вршат на денарска сметка: Фондација за Македонија, број на сметка: 200-0000903060-22; банка депонент: Стопанска банка а.д. Скопје; или на девизна сметка: Фондација за Македонија, Foundation for Macedonia, P.O. Box 93, MK-1000 Skopje, Republic of Macedonia, Стопанска банка а.д. Скопје, SWIFT CODE STOB MK 2X - 1090749.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"