Благодарност од кралицата Елизабета Втора
По повод неодамнешниот 77-ми роденден и 50-годишниот јубилеј од
крунисувањето на Нејзиното Височество, Светскиот македонски младински
конгрес (СММК) и Асоцијацијата на македонските ројалисти упати срдечни
честитки до Нејзиното Кралско Височество кралицата Елизабета Втора,
испраќајќи го македонскиот превод на Новиот Завет за Кралската библиотека за
што кралицата искрено им заблагодари.
Стогодишнината од убиството на Делчев во Канада
По повод 100-годишнината од смртта на великанот на македонското
ослободително-револуционерно движење, Гоце Делчев, Организацијата Обединети
Македонци во Канада (ООМК), организира свечено одбележување пред споменикот
на паднатите борци за слободата на Македонија и Канада.
Споменик за гемиџиите во Велес
Советот на Општина Велес одлучи да постави споменик на местото каде
гемиџиите со своите гемии тргнале кон Солун. Спомен-обележјето ќе се постави
во центарот на Велес, во паркот до Автобуската станица, во посебно уреден
комплекс, до кејот на реката Вардар и покрај малото мовче. Автор на
споменикот насловен како "Линија кон сонцето" е академскиот скулптор Станко
Павлески, професор на Факултетот за ликовна уметност. Свеченото откривање на
споменикот е најавено за први август.
Прославен денот на загинатите терористи
Неколку илјади Албанци од целата земја се собраа во кумановското село
Слупчане и го прославија денот на загинатите припадници на ОНА. На свечената
церемонија што се одржуваше на ридовите над Слупчане, присуствуваше и
лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој истакна дека "Војната во Македонија заврши и
сите придобивки од неа понатаму ќе бидат реализирани преку политички и
демократски процеси".
Војо Михајловски ќе излезе од притвор!?
Војо Михајловски, кој веќе четири месеци е во притвор поради сомневање
дека ја злоуптребил директорската функција во Фондот за Здравство,
најверојатно ќе излезе од притвор. За Михајловски да се брани од слобода со
деловен простор гарантирале повеќе членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои го заложиле
својот имот, бидејќи нивниот притворен сопартиец не поседувал деловен или
станбен простор.
Димитров - погрешен човек во Москва
Претседателот Борис Трајковски се уште ја разгледува оставката на
македонскиот амбасадор во Москва, Димитар Димитров, по што треба да донесе
указ за негово отповикување, велат во кабинетот на Трајковски.
Неофицијално, владини претставници тврдат дека отповикувањето на Димитров
е поради неговите поранешни јавни настапи во кои го негирал постоењето на
македонската нација и јазик и сметаат дека тој воопшто не требало да се
постави на функцијата амбасадор.
Стогодишнина од Смилевскиот конгрес
Пред споменикот на Илинден во село Смилево се одржа општонароден собир по
повод стогодишнината од Смилевскиот конгрес. На собирот присуствуваше и
министерот за култура, Благоја Стефановски, кој положи цвеќе на
спомен-бистата на револуционерот Даме Груев.
Првомајски празнувања
За време на првомајските празници во Охрид престојуваа повеќе од 20.000
гости, кои ги исполнија сите хотели во градот и ривиерата. Охриѓани велат
дека годинава за првомајските празници градот бил најпосетен во последните
десетина години. Задоволни се и туристичките работници во Дојран, каде што
престојуваа 15.000 гости.
Вардар го поплави Тетовско
Повеќе од една илјада хектари обработливо земјиште во Тетовско и
дваесетина куќи во потшарпланинските села беа поплавени и се уште се под
вода откако од коритото се излеа реката Вардар и притоките од горниот тек.
Невообичаените високи температури за почетокот на мај предизвикаа брзо
топење на снегот од планините поради што беше зголемен водостојот на реките
во подножјата на Шар Планина.
Првомајски протест на синдикалците
Под мотото "Единствени и солидарни за достоинството на трудот" неколку
стотици работници и синдикалци од државава Меѓународниот ден на трудот -
Први мај го одбележаа со мирен протест во Скопје.
Лидерот на ССМ, Ванчо Муратовски, во обраќањето на протестот побара
поголемо единство и солидарност од сите работници за како што рече да "успееме
во борбата за поголеми работнички права, за заштита на здравјето и
сигурноста на работниците и намалување на сиромаштијата".
Апел до факултетите
Владата им препорача на факултетите на двата државни универзитета да ги
задржат цените за кофинансирање на студирањето на минатогодишното ниво.
Според Владата, донесен е став дека "сумите за кофинансирање на некои
факултети на скопскиот Универзитет се нереално зголемени, ако се земе
предвид дека во меѓувреме не се случила инфлација или зголемување на
бруто-општествениот производ".
|