ако првомајска честитка од
Телекомот до граѓаните пристигна информацијата дека телефонскиот импулс
поскапува за повеќе од 25 отсто. Нов шок за и така испразнетите паричници на
обичниот човек.
ОПМ не се согласува со поскапувањето на телефонските импулси. Сметаме
дека договорот меѓу Македониија и Телекомот е на наша штета и мислиме дека
тој треба да биде потранспарентен, револтирано ни изјави претседателката
на Организацијата на потрошувачите на Македонија, госпоѓа Маријана Лончар -
Велкова.
Од ОПМ исто така велат дека треба да се зајакне позицијата на Управата на
телекомуникациите која би требало да има повеќе ингеренции, односно повеќе
права.
Нам не ни е јасно зошто државата не реагира на ваквото поскапување. Освен
тоа, јавноста воопшто нема пристап кон договорот што државата го има со
Телекомот и што впрочем значи неговиот монопол. Граѓаните би сакале да знаат
колкава е штетата од ваквиот договор, коментира госпоѓа Лончар - Велкова.
Од ОПМ негодуваат и поради односот што Телекомот го има кон нив и другите
невладини организации. ОПМ досега во неколку наврати се обидел да разговара
со луѓето од Телекомот, но од таму немаат повратен одговор.
НЕСОГЛАСУВАЊЕ
Управата на телекомуникации не се согласува со начинот на кој се
направени пресметките за новите цени и со укинувањето на 80-те бесплатни
импулси, бидејќи без нив сметките на корисниците автоматски се зголемуваат
за уште 120 денари. Управата за телекомуникации не се согласува со најновото
поскапување на цените на импулсот во домашниот сообраќај, а како што
потенцира директорот на Управата, господин Коста Трпковски, Управата досега
го нема одобрено ниту пресметковниот систем што Македонски телекомуникации
го користат во ребалансот на цените во фиксната телефонија.
Не се согласуваме со начинот на кој се направени пресметките, ниту со
укинувањето на 80-те бесплатни импулси, бидејќи без нив сметките на
корисниците автоматски се зголемуваат за уште 120 денари. Што значи
поскапувањето на импулсот во домашниот сообраќај е многу повеќе од 25 отсто,
вели господинот Трпковски и објаснува дека според дадените надлежности,
Управата за телекомуникации нема право да учествува во изготвувањето или,
пак, одобрувањето на поскапувањата. Управата за телекомуникации само го
контролира ребалансот, односно Телеком им објаснува како стигнале до новите
цени. За да нема пропусти во финансискиот дел, Управата има ангажирано
експерт од Министерството за финансии.
Ние ќе го кажеме нашиот став во поглед на новите цени, но понатамошната
постапка не зависи од нас, додава господинот Трпковски.
Граѓаните, впрочем, не знаат зошто воопшто и постои Управата за
телекомуникации кога нема никакви ингеренции.
ОСУДА
Поскапувањето на домашниот импулс за 25 отсто го осудија и во Унијата на
потрошувачи на Македонија, од каде се закануваат со протести пред Македонски
телекомуникации, ако времетраењето на импулсот не се зголеми. Граѓанското
здружение "Демос" предупреди дека ако цената на импулсот не се намали,
протестот ќе се манифестира преку неплаќање на сметките за телефон.
Злоупотребата на македонските потрошувачи мора да престане затоа што со
продажбата на "Телеком" телефонските услуги во државава во просек по
потрошувач само за претплатата се зголемиле за околу 350 денари, истакна
претседателот на Унијата на потрошувачите на Македонија, господин Страшо
Јованов. Треба да се прашаме како може еден работник со минимална
загарантирана плата од 80 евра да ги плати не само услугите од Телекомот,
туку и сметките за електрична енергија и вода и да ги подмири сите други
трошоци, а како пак тоа го прават 357.000 потрошувачи кои се избркани од
работа, истакна господинот Јованов.
Според предлогот на Унијата на потрошувачи, времетраењето
на импулсот на локално ниво треба да биде неограничено - Страшо Јованов
Владините претставници во бордот на Телеком до објавувањето на новите
цени се однесуваа незаинтересирано за спречување на новото поскапување.
Надлежноста за менувањето на цените, која уште во 2001 година тогашниот борд
на директори ја препуштил на извршниот директор, актуелните претставници на
владиниот капитал ја искористија за да се заштитат од јавните критики,
најавувајќи дека на следната седница ќе побараат прашањето на цените да се
врати во ингеренции на бордот на Телеком.
Македонскиот дел од бордот на директори во Телеком се правда дека нема
никакви ингеренции за цените, бидејќи таа надлежност поранешниот борд со
одлука му ја префрлил на извршниот директор.
На наредната седница ќе побараме прашањето за цените да се врати во
ингеренции на бордот, за да можеме да ги контролираме поскапувањата,
вели господинот Борче Давитковски, претседател на бордот на директори.
За жал, пропуштена е можноста Владата како сопственик на 47 отсто од
акциите на Телеком навреме да интервенира и да го спречи поскапувањето.
ОПРАВДУВАЊЕ
Според Телеком, поскапувањето на домашниот импулс и претплата, односно
поевтинувањето на меѓународниот импулс изнесува 7,47 отсто и е во согласност
со формулата за ребалансирање на цените. Но, во Компанијата до оваа бројка
доаѓаат преку собирање и одземање на процентите на цела група на услуги, кои
се опфатени со ребалансирањето. Високиот процент на зголемување на цените во
домашната телефонија се ублажува со многу поголемо намалување на цената на
некоја услуга која граѓаните често не ја користат.
Мајската месечна претплата за фиксните телефони ќе изнесува 340 денари, а
корисниците веќе нема да имаат право да потрошат бесплатни 80 импулси.
Цената на импулсот за локален разговор ќе поскапи од сегашните 1,2 на 1,5
денари. Во меѓумесниот сообраќај едноминутен повик ќе чини 3 денари. Цената
за повиците од фиксната кон мобилната мрежа останува иста - 14 денари во
скап сообраќај, односно 7 денари во евтин сообраќај. Намалени се цените на
надоместокот за приклучок на телефонски апарат и на меѓународните разговори.
На овие цени треба да се додаде и 18 отсто ДДВ. На корисниците кои помалку
телефонираат, а повеќе примаат повици, "Македонски телекомуникации" им нуди
таканаречен "минимален пакет". Тие ќе плаќаат месечна претплата од 220
денари, а првите 80 импулси ќе бидат по цена од 1,5 денари. Тоа се четири
часа разговор во скапа тарифа од 6 до 18 часот или 8 часа во евтина тарифа.
Потрошените импулси над таа граница ќе им се наплатуваат по три денари.
Корисниците што сакаат да се префрлат на оваа тарифа ќе треба да поднесат
барање во продажните места на Телекомот. Оваа услуга ќе биде бесплатна до 1
август, а потоа ќе се наплатува по 50 денари.
Новите цени се усвоени со цел да се хармонизира системот на цени и услуги
со оние на Европската унија и да се намали разликата во цените помеѓу
локалните и меѓународните разговори. Со усогласувањето на цените, сакаме да
обезбедиме подобри услуги и да ги задоволиме барањата и потребите на сите
корисници. Со различните тарифни модели им даваме можност на претплатниците
со помали приходи да ги контролираат разговорите и да можат да ги плаќаат
сметките, вели госпоѓа Илдико Маѓар, главна маркетинг-директорка во
Македонски телекомуникации.
Според одговорните од Телекомот, вкупниот процент на поскапување на
телефонските услуги е 7,47 отсто. Така, цената на импулсот сега е зголемена
за 25 отсто, а на претплатата за 13 отсто. Цената на телефонскиот приклучок
за обична линија е намалена за 40 отсто, од 3.100 денари на 1.860 денари, а
за ИСДН за 27 отсто, односно ќе чини 3.700 денари. Поевтинува и месечната
претплата за ИСДН-линиите за 20 отсто и ќе изнесува 650 денари.
Меѓународните разговори поевтинуваат за 20 отсто.
На обичниот граѓанин му преостанува единствено да најде волшебно стапче
со кое експресно би ги исплатил сите невозможно високи сметки кои тежат на
неговиот грб.