оспоѓа Брага, мајка на три деца,
е една од поголемите и најверните Македонки која со своето хумано срце на
многу пати на Република Македонија & подари живот, љубов, храна, медицинска
опрема и лекови, ја запознавме на денот кога се одбележуваше 100 години од
загинувањето на најхрабриот, најдостоинствениот, јунак, херој и револуционер,
Гоце Делчев.
Таа го искористи својот престој во земјава да се поклони пред моштите на
Гоце Делчев и да покаже како треба да се сака родната грутка, сопствената
нација и како треба да се почитува една историска личност која ги задолжи
генерациите што доаѓаат.
МИСИЈА
Но, уште на почетокот од нашето дружење госпоѓа Брага потенцираше дека се
срами од македонските политичари, бидејќи ги забележува како се скарани и
како ја водат државата. Таа не сакаше многу да зборува за политиката,
бидејќи нејзиното срце чука за хуманоста, но сепак оваа тема беше неизбежна
и евидентна. На секој чекор во Македонија и во Австралија ја забележува
поделеноста на македонскиот народ.
Госпоѓа Брага и Кире Филиповски од Австралија пред гробот
на Гоце Делчев во црквата "Св. Спас" во Скопје
Искрено да ви кажам, никогаш не би ги забележала овие работи што се
случуваа на манифестацијата по повод 100 години од смртта на нашиот најсакан
револуционер Гоце Делчев, ако не бев присутна, бидејќи секогаш сум
заинтересирана за хумани работи и за помошта што им е потребна на
Македонците во земјава. Секогаш сум се дружела со хуманитарците, на пример
со Здружението "Животна искра", "Децата бегалци" итн... Значи секогаш сум
сакала да се ангажирам околу собирање на некоја хуманитарна помош која треба
да се испрати или достави на Македонците во земјава.
Нејзиното присуство на гробот на Гоце Делчев на 100 годишнината од
неговата смрт го опиша како невозможна мисија, бидејќи само еднаш може да се
биде сведок на еден ваков датум кој е од исклучителна историска важност за
македонскиот народ.
За себе вели дека е скромна жена и мајка на три деца која ги подучува на
традициите, културата и на македонскиот јазик. Во далечната 1969 година
сиромаштијата ја откорнува од родниот крај, Ресенско, и веднаш ја запознава
со стихот "Параходот ми пристигна". На петгодишна возраст се соочува со
печалбарскиот живот. Година пред тоа, како претходница, во оваа маченичка
мисија во земјата на кенгурите, Австралија, заминува нејзиниот татко.
Оттогаш долго време нема некои посериозни контакти со Република Македонија.
Ја дели истата судбина со илјадниците Македонци иселеници од петтиот
континент.
На почетокот мојот живот може да се отслика како тотален австралиски
живот. Немав некоја врска со македонскиот народ, а таму бев во брак со
Македонец кој исто така имаше потекло од Ресенско. Но, за жал, почина од рак.
На 21 година останав вдовица со две мали дечиња. Потоа долго време живеев во
жалост кон првиот мој сопруг. Затоа со моите родители живеевме повлечено и
ги подигав синовите. По десет години жалост се омажив за доктор кој има
португалско и кинеско потекло. Со него во 1990 година стапив во брак, но се
знаевме малку повеќе време. Тоа беше основната причина што немав многу
контакти со Македонците. Но, во 1992 година во австралиските весници започна
да се пишува дека Македонија е грчка. И таа лага многу ме "мавна во срце".
Во почетокот не ми беше јасно и затоа сакав се да знам за македонската
историја и што се случува во нашата држава. Во тоа време кога Република
Македонија се одделуваше од поранешната федерација, дознав дека нашата земја
се наоѓа во една мошне тешка економска ситуација. Затоа во средината на 1992
година нашите иселеници во Австралија започнаа да собираат средства за
купување на лекови кои & беа потребни на земјава. Јас знаев колку беа скапи
лековите, бидејќи мажот ми е лекар, а покрај тоа имав можност да контактирам
со фармацевтските компании во Австралија. Од нив барав донации. По
контактите што ги остварив успеавме да собереме околу 70 тона лекови кои
вредеа 12,5 милони австралиски долари, а требаа да се достават до Република
Македонија, потенцираше госпоѓа Брага.
ВПЕЧАТОК
Оваа донација од медицинска опрема и лекови беше донирана во периодот од
април до ноември 1992 година. Во тоа време одредени македонски иселеници
инсистираа да одам во Република Македонија и да видам кому и каде се
доделуваат донациите од Австралија, вели госпоѓа Брага која тогаш за прв
пат ја посетува државава и повторно ја воспоставува комуникацијата со
нејзината родна земја.
Кога прв пат влегов во Македонија почувствував дека се наоѓам во некоја
друга земја. Не се чувствувам сигурна дека повторно ја газам мојата земја.
Но, по првиот впечаток, бидејќи бев 10 дена присутна, за 360 степени го
променив сопственото размислување и впечатоците се напластуваа. Насекаде
гледав напишани реклами на кирилица, а и сега не знам добро да го читам
македонското кирилично писмо. Се мачам и сега, но го разбирам писмото на
моите родители. Одам во продавница, по кафеани, ресторани сите зборуваат на
македонски јазик. Тоа чувство е прекрасно. Насекаде се свири и се пее на
македонски. Значи, ова се моите корења, а јас сум од тука,
констатира госпоѓата Брага, потсетувајќи се на првото доаѓање во Република
Македонија.
Оттогаш до сега таа заборавила колку пати била во нејзината земја за која
копнее и секогаш кога & е тешко се навраќа во мислите. Таа на три до четири
пати годишно доаѓа во Македонија. Од тој момент животот во Австралија многу
& се променил. Таа констатирала дека има можност да создаде бизнис кој би
одел на релација Австралија - Македонија. Нејзината прва компанија била
наменета за испраќање пакети, а поучена од таквите примери во другите земји,
овој бизнис го издига и го пренасочува кон нашата држава. Од 1993 година на
секои два месеца испраќа по еден контејнер пратки за Република Македонија.
Во секој од контејнерите има по 500 пакети кои им се доставуваат на
домашните корисници во Република Македонија. По ова ја развива сопствената
туристичка агенција, а набргу ја проширува својата професиононална дејност
со компанија за меѓународен транфер на пари. На прашањето како ги коментира
состојбите кај нашите иселеници во Автралија, влијанието на политиката,
меѓуцрковните односи, госпоѓа Брага одговори дека за жал Македонците -
иселениците многу се разделени.
Јас сметам дека ова што се случува во Македонија го дели нашиот народ во
Австралија. Ако можат, треба да го остават тоа на страна и да бидат сплотени,
зближени, обединети. Но, сепак, ќе потенцирам дека за жал тоа не е така и не
знам зошто тоа така се случува. Јас постојано се обидувам да бидам многу
понастрана од тоа и да бидам неутрална, бидејќи мојот бизнис и соработка не
трпи такви "умствени препреки". Со сите асоцијации сум во добри односи, ама
и морам да бидам, бидејќи нашите иселеници при органзирањето на донациите
прво тоа го гледаат, а дури потоа ја нудат својата помош. Често пати морам
да дадам реклама и на едното и на другото македонско радио во Австралија,
бидејќи тие многу си забележуваат, истакнува госпоѓа Брага.
Еден со друг не се сакаат, не се трпат, а не знам зошто тоа го прават,
иако потекнуваат од еден, македонски народ. Нешто слично се случува и со
македонските цркви во Австралија. Се уште не ми е јасно што тоа се случува.
Дури ми е срам кога ова го зборувам. Знам дека црковните одбори се судат, а
тие некого го поддржувале или се против другите. Тие работи не се убави и
многу му штетат на угледот на Македонците и нивната држава, вели Брага.
Госпоѓа Џина Брага вели дека Република Македонија многу брзо треба да
отвори дипломатско-конзуларно претставништво во Австралија, бидејќи нема кој
Македонците да ги презентира и да ги информира за законите во нивната земја.
Многу од нив сакаат да инвестираат во нашата држава, но никој од државава не
е заинтересиран да ги запознае со условите и начините за побрзо инвестирање
во земјава. Таа оваа незаинтересираност директно ја почувствувала при
доставувањето на хуманитарните пакети што ги испраќа од далечната
печалбарска земја.