о одлука на Врховниот Суд на Нов
Јужен Велс од 4 април 2003, Владиката Петар и Митко Митрев доживеаја целосен
пораз во барањето на декларација дека имотот на "Св. Петка" е припадност на
МПЦ со седиште во Македонија, односно дека имотот постои за нејзините
потреби. Според одлуката на судијата Хамилтон, сопственик на имотот е
асоцијацијата МПЦО "Св. Петка", а со него се управува според регистрираниот
демократски устав на МПЦО "Св. Петка" кој Петар веќе шест години упорно го
негира. Со ова се поразени сите јавни тврдења на Петар дека црковна општина
не смее да биде асоцијација и дека со имотите треба да управуваат од него
назначени старатели, изјави претседателот на Советот на Македонската
заедница во Сиднеј, господин Игор А. Александров.
Втор елемент на одлуката е дека МПЦО "Св. Петка" треба да го употребува
својот имот за потребите на македонската православна вера (и споредни цели и
потреби на асоцијацијата) според верските начела на МПЦ, што уште пред
почетокот на судскиот процес не беше оспорувано од страна на нашата заедница.
Практичните импликации на оваа декларација треба допрва да се разјаснат.
Од одлуката на судот може да се заклучи дека Петар предизвика адвокатски
трошоци од околу милион долари народни пари за да го добие она што нашата
заедница го прифаќаше уште пред тој да ја покрене тужбата за одземање на
имотот.
Сите кои се добро упатени во црковно-имотните спорови што ги поттикна
Петар во Австралија знаат дека општините со кои тој е во спор уште на
почетокот имаа став дека имотно-финансискиот аспект од активностите на
црквите во Австралија е надлежност на инкорпорираните организации кои
моментално управуваат со нив, додека верската содржина треба да ја одредува
свештеничкиот клир на МПЦ.
Од наша страна се напишани и отпечатени стотици страници на предлози за
преговори со САС на МПЦ за практично изведување на ваквата поделба на
верската и имотно-финансиската администрација. По тој повод испративме и
делегација на 14 општини во Македонија да преговара со Синодот. За жал,
ставот на Петар беше дека неговата власт мора да биде апсолутна и дека тој
треба да одредува кој може, а кој не може да управува со имотите и
средствата. Ваквиот апсолутизам катастрофално ја осиромаши македонската
заедница во Австралија. По поразот на Петар, САС на МПЦ има дефинитивна
прилика да стави крај на опустошувањето на македонските православни заедници.
Повикувајќи се на старателската декларација на основачите на "Св. Петка"
и на специфичната уставна историја на "Св. Петка", судијата Хамилтон во
својата одлука меѓу другото вели:
" 91. Принципот дека парохиската организација треба да се управува на
демократска основа... бил во форма на отвореност за зачленување на сите
релевантни верници врз основа на рамноправност и избор на управа со
демократско гласање на членовите.... овој принцип бил првенствен во
замислите на основачите во времето на утврдувањето на декларацијата за
старателство. Овој принцип во секој случај е вклучен во старателските
заложби содржани во регистрираната декларација за старателство на основачите....
Инкорпорирањето е спроведено со одредување на парохиската организација како
телото кое во согласност со старателските заложби има право да го употребува
имотот за храм на македонската православна вера и споредни цели...
предложениот корисник (на имотот) сега го претставува инкорпорираната
асоцијација...
104. Сегашната положба е дека имотот & е доделен на инкорпорираната
асоцијација, но во согласност со старателските заложби кои ги наведов. Тоа
значи дека инкорпорираната асоцијација го држи имотот, но има обврска да го
управува согласно одредбите на добротворното старателство. Бидејќи тоа
добротворно старателство без сомнение е старателство за управување на храм
за богослуженија на верата на МПЦ, тој храм мора да се управува според
начелата на МПЦ. Од друга страна, во однос на тоа дали инкорпорираната
асоцијација ќе остане законски сопственик, според старателските одредби, таа
останува телото кое треба да го води храмот и придружните активности на
наведените имоти. Би било многу полезно ако страните можат, кога веќе
наведените работи се дефинирани, да ги надминат своите разлики со тоа што
инкорпорираната асоцијација која е претставник на "предложениот корисник"
под старателските заложби ќе продолжи да биде телото кое ќе ја управува
црквата, но тоа ќе го прави согласно прописите на верата на МПЦ. Тоа би бил
среќен исход. Времето ќе покаже дали тоа може да се постигне или пак ќе
бидат потребни судски решенија за дополнителни прашања во процесот".