ден кога
Австралија и Нов Зеланд на 25 април 1915 година во утринските часови
загубија околу 30.000 војници на Галиполи во борба со турскиот аскер во во
Првата светска војна. Прославата беше на многу високо ниво организирана.
Австралијанците и Новозеландците знаат како да ги прославуваат и да им се
поклонуваат на оние кои ги дадоа нивните животи за денес да се живее во
демократско општество и со силно правно уредување. Силно ме засегнаа
зборовите на федералниот благајник на Австралија, г. Костело, кога во
Турција во утринските часови изјави дека 25 април е ден кога започна
формирањето на австралиската нација и австралиската посебност, иако нема
некоја голема меѓусебна разлика од Англичаните, Канаѓаните и Американците.
Сигурен сум дека дел од вас, почитувани читатели, и Вие се восхитувавте
на организираноста и на горделивоста која беше искажана кон загинатите. Но,
од друга страна силно пржи и пече и боли во душата фактот дека ние не знаеме
да цениме, да даваме почит и да се гордееме со нашето минато, сегашност и
иднина.
ПОДЕЛЕНИ
Илинден е на прагот! За нас Илинден е Воскресение Македонско. Но, каква
корист од тоа кога на третиот ден од Христовото Воскресение во Македонија се
уште нема формирано одбор за достојно одбележување на македонската држава -
Крушевската Република (јас ќе си земам за право да ја викам Македонска
Република) и на паднатите борци - македонски комити. За жал, слушаме вести
како до темели се сруши куќата во Смилево, каде што се одржа Смилевскиот
конгрес. Потоа, не информираат дека во Крушево спомениците се уништени.
Зарем до тоа дереџе стигнаа оние кои ги дадоа животите, за денес овие да
владеат раскошно и да седат удобно во народните фотелји.
Настаните во Македонија силно се одразуваат и врз нас во Австралија. Се
уште не може да се најде заеднички јазик и разбирање за прослава на 100
годишнината од Илинденското востание! Се одржаа неколку собранија и
состаноци, но Македончето не најде сила да го свитка грбот и прво да се
поклони на бистата на Гоце Делчев која стои горделиво исправена пред
Македонската православна црква "Свети Ѓорѓи" во Епинг. Коските му се местат
и на Ѓорѓи Делчев во црквата "Свети Спас" во Скопје. Не само од нас во
Австралија, туку и од нив во Македонија.
Дури и на гробот на Делчев Македонците беа разединети!
Како второ, првиот знак на кризата во македонската нација беше
напуштањето на скоро заборавените морални вредности кои скапо го чинеа
Македонецот. Сето останато е само резултат од тоа.
Велат "Слаба држава, слаба нација". Со оваа изрека заедно оди "слаб и
неупатен народ, силна држава". Изрека која во својата суштина е многу грешна,
бидејќи таквиот народ генерира и овозможува да се формира силна власт (семоќни
припадници на политичките партии и црковни Епархии), кои потоа истите до
коска го ограбуваат народот. Такви примери имаме и во Македонија и во
Австралија.
На крајот поентата или заклучокот е следниот: толку притиснати од
моралната деградација на нашето општество, обично во партии, организации и
управи, членуваат поамбициозни луѓе, во нашиов случај во истите членуваат
болно амбициозни луѓе. Луѓе кои поседуваат премногу амбиции, со премалку
способности. Всушност, станува збор за невозможноста само политичка партија,
организација или управа да ја поправи состојбата кај нас. Доколку се успее
да се соберат на едно место најдобрите, моралните и доблесните од нашето
општество при ваква морална конфузија каква што имаме, едноставно или нема
да бидат избрани на власт да дојдат или пак самиот народ ќе ги избрка според
веќе познатата изрека "Народот има таква власт каква што заслужува". Значи,
самиот народ ќе треба да бара да се подобри состојбата, наместо да бара
место под сонцето преку грбот на својот ближен.
ВРЕМЕ Е ДА СЕ ОБЕДИНИМЕ!
Постојат многу работи кои генерираат негативности во нашето општество.
Доколку не се отстранат мнозинството од тие работи, нема да биде можно каква
било промена кон подобро.
Сакам да напоменам дека нашите лидери, државни и духовно-религиозни, се
на вистинско место, ама нивното размислување личи помалку на старото наше
кое го напуштивме. Цело време спомнуваат држава, нација, црква, а никако не
го спомнуваа поединецот - Македонец. Цело време се советуваат и бараат помош
од НАТО, ЕУ, САД, цело време бараат помош и разбирање од грчкиот поглавар
Христодолу, од српскиот патријарх Павле, од антиохискиот поглавар Павле,
додека забораваат дека основата на секое општество и црква е поединецот.
Како таков тој треба да претставува единица мерка за успех на каква било
политика или црква која би се водела.
Тоа ќе рече: Силни и сигурни поединци - силна и сигурна нација - силна и
сигурна држава - силна и единствена црква. Се друго е колективистичко губење
на индивидуалната слобода. Едно само се прашувам - повеќе реторички отколку
во реална смисла - каде отиде паролата која во крвта му била врежана на
секој Македонец (но не и во Македончето) - "Слобода или смрт"?
Како тоа се случи повеќе да сакаме да бидеме на сигурно, отколку слободни?
Од ваквиот начин на однесување сега ниту сме сигурни, ниту сме слободни. А
колку ќе се подготвуваме за 100 годишнината, Господ Исус Христос нека ни е
на помош!