ПОЛИТИКА

Разврска на скандалот со аболицијата за прислушувањето

ЖЕЛЕЗНАТА ЛЕДИ ПОВТОРНО "ВО СЕНКА"

Рената МАТЕСКА

Кокан СТОЈЧЕВ

  • Причина за оставката, според директорката на Агенцијата за разузнување, Доста Димовска, е хајката што се водела против неа, отсуството на поддршка од владините институции, како и нејзината желба да ја деблокира кохабитацијата.
  • Според шпекулациите, ваквата одлука е резултат на претходно постигнатиот договор на Димовска со Трајковски. Оставките на железната леди & станаа навика.

Доста Димовска, музата на претседателот Трајковски, екс-кормиларката на ВМРО-ДПМНЕ, поранешната прва полицајка и екс-потпретседателка на Владата, повторно во свој стил поднесе оставка, овојпат од функцијата директор на Агенцијата за разузнување.

Во образложението на оставката, што му беше испратено на претседателот Трајковски, Димовска цени дека е неопходно нејзиното повлекување за да се создадат услови за функционирање на Агенцијата за разузнување без притисоци врз раководството и вработените и отстранување на изолацијата и отсуството на поддршка од владините институции. Димовска во оставката искажа и увереност дека нејзиното повлекување ќе помогне да се деблокира редовната комуникација меѓу претседателот и Владата и дека ќе се зајакне стабилноста на институциите на државата.

Оттука може дури да се донесе заклучок за некакви добронамерни особини на оваа "железна дама" која веќе доста долго галопира на нашата политичка сцена.

Го ценам вашиот напор, тргнувајќи од државните интереси, да го оневозможите инструментализирањето на Агенцијата за политички цели, да го спречите обидот целиот безбедносен систем да се стави под контрола на еден центар на политичка моќ, му напиша Димовска на претседателот Трајковски. Но, непримерената кампања којашто се водеше во изминатиот месец врз мене како политичар и директор на Агенцијата за разузнување, со единствена цел - моја политичка дискредитација и елиминација, ценам дека ќе продолжи и во наредниот период од истиот центар на моќ, подвлекува Димовска во оставката, додавајќи дека досега максимално настојувала хајката врз неа да не влијае на работата на Агенцијата, но и дека не е можно тоа да го прави и во иднина.

На кој центар и моќ алудира госпоѓицата Димовска е препуштено на имагинацијата на напатениот македонски народ кој од политичарите досега се изнагледа многу, најблаго речено, глупости.

КОМЕНТАРИ

Според Законот за Агенцијата за разузнување, директорот на оваа институција го поставува Претседателот на државата. Првичните коментари се дека оставката била договорена меѓу Трајковски и Димовска. Изминатите дваесетина дена, по прогласувањето на аболицијата што Трајковски & ја додели на Димовска, траеја и шпекулациите за нејзиното повлекување од директорското место. Како можни наследници на Димовска се спомнуваат актуелниот советник за национална безбедност на Претседателот, Стево Пендаровски, и советникот за безбедност на премиерот, Лазар Китаноски. Според шпекулациите кои кружат во јавноста, оставката на Димовска е договорен потег за да се смират тензиите меѓу Трајковски и Црвенковски, а првиот тест за нивните односи ќе биде поставувањето на новиот директор на Агенцијата за разузнување.

Кабинетот на шефот на државата немаше коментар за оставката на директорката на Агенцијата за разузнување, чие именување е под директна надлежност на Претседателот на државата.

Став за оставката на Димовска ќе изградиме наскоро, откако ќе го проанализираме нејзиното образложение, соопшти портпаролот на Претседателот, Борјан Јовановски.

Владиниот портпарол, Сашо Чолаковски, демантираше дека Владата ја обвинила Димовска како причина за нарушените односи меѓу Премиерот и шефот на државата.

Владата не ја обвини Димовска за заладувањето на односите со Претседателот - причина за заладувањето на односите е чинот на аболицијата. Оставката не ја коментираме, бидејќи именувањето и разрешувањето на директорот на Агенцијата е во надлежност на шефот на државата, информираше Чолаковски.

СДСМ соопшти дека оставката на Димовска е нејзин личен чин.

За нас е премногу сомнително и симптоматично што краткото образложение е буквално препишано и идентично со неодамнешното обраќање на претседателот Борис Трајковски во Собранието. Очекуваме претседателот во рамките на своите надлежности во кратко време да назначи нов директор на Агенцијата за разузнување, изјави Игор Ивановски, партискиот портпарол.

Во изминатите месец дена Димовска се најде на тапет на новинарските пера со обновувањето на истрагата за аферата со прислушувањето и аболицијата што веднаш & ја даде Трајковски за да ја заштити од процесот. По жестоките реакции што во јавноста се јавија по аболицијата и по отвореното обвинување од владините кругови дека Трајковски го злоупотребил своето овластување за политички цели, Димовска го возврати ударот обвинувајќи го владејачкиот СДСМ за врски со озлогласениот Земунски клан. Оттогаш практично почнаа и најжестоките јавни конфронтации какви што досега не се паметат меѓу претседателот и Димовска, од една страна, и Владата, од друга страна, кои резултираа со целосен прекин на комуникацијата меѓу Трајковски и Црвенковски.

ВРАЌАЊЕ

Дали Доста Димовска ќе се врати во ВМРО-ДПМНЕ, особено во услови кога на лидерската позиција на оваа партија ќе застане нов човек, е прашање кое многумина си го поставуваат. Од ВМРО-ДПМНЕ на оваа тема засега без повратен одговор. До оставката на Димовска доаѓа во време на се позачестените информации дека таа би можела да се врати на потпретседателската функција во ВМРО-ДПМНЕ, од каде што замина пред година ипол, по политичкиот судир со лидерот Љубчо Георгиевски.

И самата Димовска во оставката наведува дека против неа се води кампања за нејзина политичка дискредитација и елиминација, со што индиректно ги потврди шпекулациите за можно повторно политичко активирање. До резултатите од конгресот на ВМРО-ДПМНЕ останува кратко време, а фракцијата на Димовска, според информациите во јавноста, се подготвува да направи кам-бек во партијата. Политичката клима за нивно враќање, како што велат, се создала по оставката на лидерот Георгиевски, кој ги наведе новите фракции во ВМРО-ДПМНЕ како една од причините за неговото повлекување од кормилото.

ОСТАВКИ

Поднесување оставки со интересно образложение се веќе видена работа кај Димовска. Поранешната министерка за внатрешни работи, Доста Димовска, на 16.02. 2001 година, до тогашниот премиер Љубчо Георгиевски поднесе оставка на министерската функција и на функцијата член на Владата. Во образложението Димовска пишуваше дека чувствува морална одговорност во врска со случувањата во МВР во изминатиот период.

Во врска со аферата "Прислушување" на јавни и политички личности, која беше презентирана и водена од лидерот на СДСМ, а пред се обвинувањата што се упатени кон мене лично, уште еднаш потенцирам дека во мојата досегашна работа, одлуките, постапките и водењето на Министерството се темелеле само врз Уставот и важечките закони во Република Македонија, така што, од моја страна никогаш не е издадено решение за примена на мерки - прислушување од политички и идеолошки причини, на лицата кои се споменати во аферата, образложуваше за оставката пред неколку години екс-министерката Димовска.

Поради изолација, омаловажување, потсмев и сомничавост од страна на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, Доста Димовска, која во изминатите 11 години важеше за негова десна рака, на 18.01. 2002 година поднесе неотповиклива оставка на сите владини и партиски функции.

Иако при преземањето на функцијата министер без ресор и раководител на Координативното тело на Владата добив ветување од вас дека ќе ја имам целосната поддршка за реализација на добиената задача, морам со жалење да констатирам дека во изминативе месец и половина ниту еднаш не ме повикавте да ми дадете упатства или забелешки сврзани со работата на Координативното тело. За жал, вашите сугестии и коментари можев да ги следам единствено од средствата за информирање, истакна пред околу една година Димовска во образложението на своето демисионирање.

Таа тогаш нагласи оти е свесна дека Македонија поминува низ најтешкиот период од нејзината современа историја.

Се обидов со влегувањето во Владата да преземам дел од одговорноста, од товарот, но не наидов на ваша поддршка, туку на изолација, омаловажување на мојата работа, преку изјави во медиумите, на потсмев и сомничавост. Сите консултации за безбедносните прашања и реализација на главниот план ги правите само со една личност, давајќи му задачи спротивни на планот без мое знаење, обелоденува Димовска, посакувајќи му на премиерот "заедно со господинот Бошковски, со кого се сметате за најголеми патриоти во државата, за разлика од нас помалите, да ја зачувате и одбраните Република Македонија, во својот веќе извежбан стил појаснуваше железната дама. Чашата кај неа ја прелеал, како што тогаш истакна, последниот настап на екс-премиерот Георгиевски во вестите на ТВ Сител, во кој Премиерот влегувањето на полицијата во селата го нарекол "театар" и "козметика", што за Доста биле навредливи зборови.

Не можам да го разберам вашето тврдење изнесено на ТВ Сител дека, ќе парафразирам, барањето за повлекување на пунктовите доаѓа од луѓе кои биле во полицијата на прво, второ или трето место, кои наместо тоа нудат патроли и полициски станици. За жал, тоа не е ниту моја, ниту на Центарот за менаџмент, заложба или барање, туку е усвоено од Владата чијшто Премиер сте вие, на чијшто заклучок стои вашиот потпис. Се додека не се измени владиниот заклучок, сносиме одговорност за неговото спроведување. Внесувањето на јавноста во ваквите расправии, наместо прашањето да се реши во Владата, ценам дека внесува дополнителна вознемиреност, збунетост кај граѓаните и непотребна штета, вели понатаму Димовска.

Идентична беше конотацијата на оставката што Димовска минатата година ја даде од функцијата потпретседател на партијата, член на Извршниот комитет и претседател на кадровската комисија на ВМРО-ДПМНЕ.

Ценам дека по 11 години соработка не ќе можам да бидам ваш потпретседател, зашто веќе 6 месеци меѓу нас не постои нужната комуникација. Од вас, ниту сум повикана, ниту имате трпение барем кога имам потреба телефонски да ме сослушате кога ценам дека треба да го слушнете моето мислење, истакна тогаш Димовска.

Ќе се види што ќе произлезе од претстојниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на кој ќе биде сосема јасно на која карта игра Доста Димовска!


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"