ПОЛИТИКА

Албанците во Арачиново провоцираат со "неосвоивата тврдина на карадачкиот регион"

ЛАЖЕН МИР СО "ОНА-ПАТРОЛИ"

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Република Македонија наликува на африканските земји кои немаат систем, органи или структури што ќе ги сузбијат или уништат бандите и паравоените организации што ја загрозуваат безбедноста и територијалниот интегритет. Затоа, како може да се оцени провокацијата во Слупчане или во Арачиново?! Со какви намери се задкулисните игри?
  • Според Ахмети, војната почнала поради неправедноста што минатите власти ја вршеле врз Албанците во Македонија. Тој потенцира дека зад војната стоеле сите политички фактори на Албанците во земјава и како резултат на тоа биле постигнати договорот во Призрен и охридскиот Договор.
  • Но, како да се сфати предупредувањето на меѓународните мисии во Македонија кои обзнанија дека поседуваат докази оти во одделни општини во Кумановско и во подшарпланинските села во Тетовско градоначалниците на ДПА им делат униформи на ОВК на локални Албанци.

Она што неодамна се случи во Слупчане и во Арачиново повеќе не е македонски синдром, туку метастазиран проблем кој неконтролирано се шири во Република Македонија само затоа што македонските политичари постојано замижуваат пред акутниот и екстремен албански национализам. Затоа овој опасен политички егзибиционизам не е ништо друго, туку немоќ на Кабинетот и на Кабинетот (Премиер - Претседател).

Терористичките "борци за човекови права" се активираа во Арачиново

Оттаму не е тешко да се забележи дека во нашата земја не само што е опасно да се живее, туку станува проблем како да се преживее, или поточно, попрецизно констатирано, како да се спречи уништувањето на македонскиот народ. Затоа илузорно е да се каже дека живееме во Република Македонија, бидејќи се повеќе одредени добро организирани албански паравоени организации дел по дел ја освојуваат, ја грицкаат територијата и ја припојуваат кон својата замислена цел, независно дали таа се нарекува "Голема Албанија" или "Големо Косово".

Ние одамна го загубивме суверенитетот и територијалниот интегритет на целокупната територија, а овој привиден и лажен мир со повеќенационалните полициски патроли (ОНА-патроли), всушност е само маска за циркусот што ни го прават македонските политичари. Токму затоа еквилибристиката на Џафери и Георгиевски не е изненадување. Таа одамна е евидентна, координирана и прецизирана. Но, што ќе се прави со АНА - ќе ја премолчиме пред ТАА, односно структурите на ОНА, да не замолчат.

ПРОСЛАВИТЕ

Република Македонија се повеќе наликува на африканските земји кои немаат систем, немаат органи или структури да ги сузбијат или уништат бандите и паравоените организации што ја загрозуваат безбедноста. Како може да се оцени провокацијата во Слупчане или во Арачиново?! Со какви намери се задкулисните игри?

Повеќе илјади Албанци се собраа во кумановското село Слупчане и го прославија денот на загинатите припадници на ОНА. На свечената церемонија присуствуваше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој положи свежо цвеќе на спомен-плочите на загинатите борци на ОНА од Слупчане. Освен Ахмети, на манифестацијата присуствуваа и други поранешни истакнати команданти на ОНА, сега политичари од редовите на ДУИ. На манифестацијата говореше и Фазли Велиу, вујкото на Ахмети, попознат како "кичевскиот бомбаш". Лидерот на ДУИ во својот говор пред насобраните истакна дека војната во Македонија заврши и сите придобивки од неа понатаму ќе бидат реализирани преку политички и демократски процеси.

Таква обврска имаме и пред меѓународниот фактор, пред се пред НАТО, пред Европската унија и пред САД. Нивната непристрасност за време на конфликтот не обврзува да ги почитуваме мировните и демократски процеси, рече Ахмети.

Според него, војната почна поради неправедноста што минатите власти ја вршеле врз Албанците во Македонија. Тој потенцираше дека зад војната стоеле сите политички фактори на Албанците во земјава и како резултат на тоа биле постигнати договорот во Призрен и охридскиот Договор.

Истовремено меѓународните мисии во Македонија обзнанија дека поседуваат докази дека во одделни општини во Кумановско и во подшарпланинските села во Тетовско градоначалниците им делат униформи на локални Албанци. Оваа вест ја лиферуваше српската агенција "БЕТА" чиј извор, западен дипломат во Скопје, ги потврди дотогашните информации за "бракот" меѓу структурите на АНА, партијата на Џафери и поранешните команданти на ОНА. Според истиот извор, униформите ги делеле лично градоначалниците на општините Тетово и Липково, кои се членови на Демократската партија на Албанците на Арбен Џафери.

Меѓународната заедница има целосна слика што точно се случува на теренот во Македонија. Разузнувачките служби имаат докази како во последно време се делат униформи, изјавил дипломатот од Скопје за агенцијата "БЕТА".

Поранешниот припадник на ОНА, Авди Јакупи, алијас "командант Чакала", од името на Здружението на борците на ОНА се заканил дека во 2005 година ќе предизвика војна ако не се реализира охридскиот Договор. Здружението бара и пензии за терористите на ОНА.

Тоа нема да биде војна за поголеми права на Албанците, туку на Криволак ќе се бориме за поделба на Македонија. Ние имаме елитни единици кои не се под ничија контрола, а оружјето не е проблем. Тоа е оставено само под услов целосно да се реализира Договорот. Ако Република Македонија згреши како во Гостивар и во други прилики, ние веднаш ќе се собереме и ќе војуваме, се закани Јакупи од Арачиново.

Тој потврди дека ова здружение неодамна во Арачиново го истакнало транспарентот со натпис "Добредојдовте во неосвоивата тврдина на карадачкиот регион". Натписот бил поставен во знак на прославата на "двегодишнината од прогласувањето слободна територија во општина Липково", која се одржала во селото Слупчане, на која присуствувале повеќе илјади Албанци. По интервенцијата и убедувањата на заменик-министерот за внатрешни работи, Фатмир Дехари, транспарентот бил симнат дури откако прославата завршила. Во врска со делењето на униформи, министерот за одбрана, Владо Бучковски изјави дека не може да ја потврди информацијата.

Ако имаме потврдени информации за такво нешто, Владата најенергично ќе реагира за да ги спречи сите обиди за дестабилизација, истакна Бучковски.

Според него, освен провокацијата во Арачиново, на теренот не се регистрирани практични чекори за дестабилизација на безбедноста во земјава.

За истово прашање градоначалникот на Општина Липково, Хусамедин Халили, изјави дека не сака да ги коментира ваквите смешни измислици и конструкции, а информациите ги демантираше и градоначалникот на Тетово, Муртезан Исмаили.

Во МВР велат дека немаат информации за такви активности.

Таканаречениот командант Чакала може да зборува што сака, но МВР внимателно ги следи активностите што ќе ги преземат тој и другите. МВР ќе реагира веднаш ако тие извршат незаконско дело, изјави портпаролот на МВР, Мирјана Контевска.

Портпаролката на ДУИ, Ермира Мехмети, ги осуди изјавите на бившите команданти на ОНА од Арачиново и од Слупчане.

Страните што се вклучени во спроведувањето на охридскиот Договор и меѓународната заедница се решени целосно да го спроведат Договорот, за да им ја одземат можноста на луѓето како што се командантите Чакала и Шкорпија, да зборуваат за некаква дестабилизација. Охридскиот Договор останува приоритет за да не му се остави простор на секој поединец што бил вклучен во конфликтот да се заканува со дестабилизација, рече Мехмети.

МОРАТОРИУМОТ

Иако меѓународната заедница смета дека идеите на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, Љубчо Георгиевски и Арбен Џафери, за етнички чисти територии и проценките дека охридскиот Договор е "мртов", се само политичка дебата која не може да прерасне во ништо посериозно. Сепак, мора работата да се сфати сериозно, бидејќи по изјавата на шефот на УНМИК на Косово, Михаел Штајнер, дека АНА е терористичка организација, нејзините претставници му упатија закана која доволно говори за нараснатиот албански националистички еспанзионизам. Тој капиларно е поврзан и во Косово и во Македонија. И оттаму мора да се внимава на секое воено групирање на Албанците во регионот, независно дали тоа се случува близу границата или на територијата на РМ. Тоа успешно можат да го корисат албанските политичари, Џафери и Тачи, две дијаметрално спротивни личности, чиј политички мораториум опасно се приближува кон набилданите албански национални страсти.

Првиот терорист во ДУИ, Али Ахмети, неодамна не успеа да го разубеди Арбен Џафери да го прекине мораториумот на партиското дејствување, поради, како што образложи, "пропаста на охридскиот Договор, непочитувањето на Законот за амнестија, отпуштањето Албанци од администрацијата". Но, тоа може да е и параван, бидејќи нешто слично се случуваше во 2001 година, само тогаш Ахмети беше во планина, а потоа го принуди Џафери да стави потпис на Рамковниот договор.

Радикалното свртување на политичкиот курс на лидерите на ДПА не е само инструмент да се врати разнишаниот политички рејтинг на партијата, туку опасен предизвик и за државата и за нејзините инструменти да преземат одредени активности за да го спречат повторното разгласување на воените барабани. Стручњаците велат дека се можни инциденти, но и тие ја отфрлаат можноста Џафери да застане зад се уште присутните екстремистички групи. Реално е да се очекува дека ефектите од бојкотот на Џафери ќе зависат од брзината со која Ахмети и неговите партнери во Владата ќе ги гаснат акутните жаришта. Но, така не може да се брани државата ако не се уништи коровот.

АНА можеби во моментот мирува, но сепак се обидува да регрутира Албанци од кризните региони убедувајќи ги дека имаат поддршка и од западните земји. Несомнено дека во села во Тетовско, околината на Скопје и во Кумановско оперираат групи на поранешни команданти на ОНА, ОВК и ОВПМБ, кои засега немаат поддршка од месното население, но разузнувачките структири опоменуваат дека локалните Албанци се солидаризираат со "борците за каузата". Според неодамнешните анализи, АНА дејствува во три сектори кои ги опфаќаат "албанските територии" надвор од матичната држава. "Корпусот Малесија" ја опфаќа територијата на Црна Гора, "Дарданија и Илирида" се на територија на Македонија и јужна Србија, а секторот "Чемерија" опфаќа дел од јужна Албанија и северозападна Грција. Разузнувачите се сомневаат дека групите на АНА за обука ги користат редовните вежби на Косовскиот заштитен корпус и оти имаат магацини за оружје во пограничните подрачја. Ефектот од нивната работа е очигледен. Тоа можеше да се забележи во Арачиново и во Слупчане, без разлика што се провлекоа на славата на ОНА. Двете организации се пандан на реалноста во Република Македонија.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"